Фото: Дарко Андоновски

ПАЗАРИТЕ ПРЕПОЛНИ СО РАЗНОВИДНИ ОВОШЈА И ЗЕЛЕНЧУЦИ

Во услови кога загаденоста на воздухот е голема, квалитетот на животот е драстично опаднат, граѓаните се обидуваат билетот за квалитетен живот да го обезбедат преку правилно балансирана исхрана, богата со витамини и со минерали застапени во овошјето и во зеленчукот

Килограм брокула двесте денари, „органски“ нетретиран спанаќ сто денари за килограм, авокадо повеќе и од двесте денари за килограм. Ова се само мал дел од цените на овошјето и зеленчукот низ пазарите и поголемите маркети низ државава. Во битката да се храниме здраво и на нашите деца да им сервираме оброци полни со витамини и со минерали, се поставува прашањето колку навистина добиваме квалитетен непрскан производ за енормно високите цени што ги плаќаме.

Во услови кога загаденоста на воздухот е голема, квалитетот на животот е драстично опаднат, граѓаните се обидуваат билетот за здрав живот да го обезбедат преку правилно балансирана исхрана, богата со витамини и со минерали, застапени во овошјето и во зеленчукот. Понудата на пазарите е разновидна, а цените варираат во зависност од тоа дали производот е домашен, дали е органски и колку е третиран со хемикалии, но во никој случај не се ниски, независно од тоа дали производот е сезонски или не.

Најголема заработка добиваат оние што продаваат производи што се дел од исхраната на помалите деца, а кои родителите се обидуваат да ги обезбедат за нивното дете да се храни здраво. Актуелни се во последно време и многу водичи за тоа што треба едно бебе да јаде, во кои количества, но застапени се и разни начини што објаснуваат како да се исчисти храната од пестициди и хемикалии.

Колку навистина добиваме квалитетен непрскан производ за цените што ги плаќаме? – Фото: Дарко Андоновски

Граѓаните, оние што можат да си дозволат, веќе произведуваат сами за сопствени потреби, а оние што немаат можност и услови за тоа, велат дека купуваат од проверени извори, од блиски луѓе за кои знаат дека не користат многу хемикалии.
– Повеќе од 30 години со сопругот сами си произведуваме храна за домашни потреби. Имаме голем двор, па сѐ што јадеме, сами си го произведуваме. Напорно е и бара навистина многу работа, но со сигурност знам што јадат децата и внуците. Ете, годинава посадивме и работи што досега не сме ги саделе, само за внукот да јаде здрава храна. До лани користевме хемикалии за да го заштитиме посаденото од штетници, но годинава користиме само средство од коприва. Не сакаме да ставиме никаква хемикалија – вели Славица, жителка на Соње.

Наташа Д., која живее на село и со сопругот одлучиле сами да си произведуваат сѐ за домашна употреба, вели дека ако е домашно, не значи дека е органско.
– Домашното производство не значи дека е органско, бидејќи луѓето и во домашни услови прскаат и наѓубруваат со вештачки ѓубрива. За да бидете сигурни дека производот е помалку прскан, сепак треба да го познавате производителот – вели таа.
Кога станува збор, пак, за сезонското и несезонското овошје и зеленчук, родителите се со поделени мислења. Едни велат дека купуваат сѐ што нудат во маркетите, додека други, пак, велат дека даваат исклучиво сезонска храна.

– Ако сезоната не е за домати, не купувам домати. Ако не е за тиквички, не купувам тиквички. Понуда речиси секогаш има. Среде лето можеме да купиме црвени пиперки, но јавна тајна е дека тие се чуваат во ладилници преку цела година, за да можат да се продаваат надвор од сезона. Таквиот производ не би го јадела јас, не пак на детето да му го сервирам. Исто така не давам ниту од модерните семиња, кои земаат сѐ поголем дел од дневното мени на децата. Ние сме од каде што сме, јадеме и растеме со пченица, пченка, овес, ’рж и не гледам никаква потреба на моето дете да му давам нешто што не сум го јадела ни јас – вели Јасмина С., мајка на десетмесечно бебе.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека инспекциските служби вршат континуирани контроли на домашниот пазар со овошје и зеленчук и нивните преработки, како и на пратките што се увезуваат во земјава. Се контролираат магацините за чување на овошјето, зеленчукот и преработките, дистрибутивните центри, како и преработувачките капацитети. Дополнително, прометот со овошје и зеленчук и преработки од нив.

– Од почетокот на годинава, заклучно со јуни, извршени се 2.792 контроли на пратки од увоз, земени се 243 мостри за лабораториско тестирање кај овошјето и зеленчукот и преработките, при што се тестирани и на резидуи од пестициди – велат од агенцијата.
Оттаму додаваат дека во три е евидентирано зголемено присуство на резидуи од пестициди. За нив е изречена мерка забрана за увоз.

– При контролите на пазарот во Македонија, извршени се 226 контроли во објекти за промет и преработка на овошје и зеленчук. Лабораториски се тестирани десет мостри, кои покажаа дека нема отстапување во поглед на безбедноста. Констатираните недоследности при извршените контроли во специјализираните објекти за промет и преработка со овошје и зеленчук во најголем дел се од помал обем и се однесуваат на нецелосно имплементирање на добра хигиенска, добра производствена практика и НАССР-системот, нередовно водење записи и слично – информираат од агенцијата.

Агенцијата за храна и ветеринарство ја спроведува Програмата за мониторинг на безбедноста на храната, вклучувајќи и испитување на овошјето и на зеленчукот за евентуално присуство на остатоци од пестициди. Од планираните 192 мостри, досега се земени 73, за кои лабораториските тестирања не покажале отстапувања во поглед на безбедноста. Програмата годинава предвидува земање и на 40 мостри од органско производство на зеленчук и на овошје и нивни преработки.


Во лабораториските тестирања на лебот
не се евидентирани отстапувања, велат од Агенцијата за храна – Фото: Дарко Андоновски

Лебот се произведува во согласност со нормативите

Во последно време сѐ поголем е трендот на консумирање леб од ‘рж. Додека во минатото овој леб бил наменет за пониските класи, а поимотните користеле исклучиво бел леб, денес состојбата е поинаква. Лебот од ‘рж е поздрав за организмот, па затоа и сѐ повеќе може да се најде на трпезите.
И тука се поставува прашањето дали навистина консумираме леб од ‘рж или сепак јадеме пченичен леб полн со бои.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека во согласност со одредбите од Правилникот за адитиви, операторите се должни во производството да користат исклучиво адитиви што се дефинирани во листата на дозволени во правилникот, а која редовно од страна на Агенцијата за храна се ревидира во согласност со промените што се вршат во европската легислатива за оваа област.

– Годинава се спроведени 596 инспекциски контроли во објекти за производство и промет на леб и бели печива, при што се извршени девет лабораториски испитувања, кои исто така не покажаа отстапувања. Во минатите години лабораториското тестирање на лебот што се пласира на пазарот во Република Македонија беше вршено во согласност со Програмата за мониторинг на безбедноста на храната, при што во ниту една испитана мостра не беа евидентирани отстапувања – информираат оттаму.