Анализа

И претседателот на САД, Доналд Трамп, и голем број високи функционери во неговата администрација јавно изразија изненадувачки отворен став во кој се вели дека Германија е политички зависна од Русија, најмногу поради увозот на енергија. На овој став беше надоврзан еден уште позачудувачки, а тоа е дека токму оваа зависност го објаснува недоволниот придонес на Германија за потребите на НАТО?!

Непосредно пред средбата со Владимир Путин во Хелсинки, Трамп изјави дека Германија е „целосно контролирана“ од Русија, повикувајќи се на обемната трговска размена на нафта и гас помеѓу овие две земји. Тој ја истакна проблематиката дека „Германија ѝ дава милијарди долари на Русија“ и дека „сега ние мора да ги браниме нив токму од Русија!“. Иако голем број истакнати политичари, вклучувајќи го и претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Пол Рајан, искажаа неодобрување за тонот на коментарите на Трамп, ниту еден од нив не ги проблематизира неговите главни тврдења дека Германија е политички зависна од Русија, најмногу поради увозот на енергија, како и дека токму таа зависност го објаснува недоволниот придонес на Германија за потребите на НАТО.

Всушност, Рајан ја искористи можноста уште пожестоко да го истакне своето противење во однос на „Северен тек 2“, новиот проект за гасовод што ги поврзува Русија и Германија. Истото гледиште го застапуваат и демократите. Впрочем, противењето во врска со „Северен тек 2“ беше дел и од политиката на Барак Обама.
Ваквиот наратив за руско-германската тесна поврзаност е актуелен и кај некои земји-членки на ЕУ. На пример, за време на изградбата на првиот гасоводен систем „Северен тек“, тогашниот полски министер за одбрана Радек Сикорски го нарече проектот „новиот Молотов-Рибентроп пакт“, повикувајќи се на фамозната спогодба со која нацистичка Германија и сталинистичка Русија ги подготвија заедничката анексија и уништувањето на Полска во 1939 година.

Но дали ова гледиште е сосема точно? Имено, тешко дека енергетската трговска размена ѝ обезбедува на Русија некое позначително влијание врз германските политички одлуки. Русија го знае тоа, иако можеби би сакала да биде така. Германија уште повеќе е свесна за тоа. Тамам работа дека Германија дозволува Русија да ѝ влијае на политичките одлуки!? Но ако САД не го разберат овој факт, многу потешко ќе го одржуваат она што остана од НАТО, потешко ќе се справуваат со Русија и наедно потешко ќе ги менаџираат своите трговски врски со Европската Унија.

Берлин на обвинувањата од Вашингтон одговори дека Германија не е затвореник ниту на Русија ниту на САД: Меркел и Трамп

Русија не би можела да ја присили Германија на послушност по пат на нафтено ембарго. Германија е способна релативно лесно да најде замена за набавките од Русија, бидејќи во денешно време нафтата во голема мера се продава на глобалниот пазар на горива, кој наедно ги диктира и цените. Што се однесува до природниот гас, точно е дека Русија ја искористи изградбата на гасоводот да ги принуди своите постсоветски соседи на одредени бенефиции. Тоа беше највидливо во прекинот во снабдувањето со гас на Украина во 2009 година, што ѝ предизвика одредени економски проблеми на бившата советска република.

Сепак, далеку од тоа дека Русија сега има моќ да го користи гасот како политичко оружје против Германија. За тоа постојат четири основни причини.
Прво, уделот на рускиот увоз во целокупното енергетско портфолио на Германија е мал. Германија купува од Русија околу 40 отсто од својот гас. Имено, учеството на Полска и балтичките земји е многу поголемо од она на Германија, а ниедна од овие држави не покажува некој особено пријателски став кон Русија. Покрај тоа, гасот е застапен само во една четвртина од германската енергија. Со други зборови, само 10 отсто од германската енергија се состои од руски гас.

Второ, ако сака да го искористи гасот за политичка надмоќ, Русија би морала да ја прекине неговата испорака во сите земји-членки на ЕУ, а не само во Германија. Ова е затоа што Брисел презеде значителни мерки за обединување на европскиот енергетски пазар. Овие мерки, креирани со намера да штитат од енергетски манипулации на Русија, ги спречуваат руските ентитети да ги дискриминираат европските купувачи. Во исто време, ЕУ продолжува да ја подобрува енергетската инфраструктура во рамките на европската регулатива, која им дозволува на земјите-членки меѓусебно да споделуваат енергија во случај на ненадејни крахови кај надворешните резерви.

На Американците им пречи енергетската соработка меѓу Германија и Русија, особено гасоводните проекти „Северен тек“

Тактиката „раздели, па владеј“ едноставно не е опција. Берлин е сосема свесен за тоа, а исто така и Москва. Запрашан дали се реални тврдењата на Трамп дека Русија ја контролира Германија преку енергијата, Максим Братерски, професор по меѓународни односи на Високата школа за економија во Москва, една од водечките истражувачки институции во Русија, суво и кратко одговори: „Се разбира дека не се“.

Трето, прекинот во снабдувањето со гас многу повеќе би ѝ наштетил на Русија отколку на Германија. Продажбата на гас на Европа, која изнесува околу три четвртини од вкупниот извоз на руски гас, претставува економски темел на оваа држава. Распределбата на профитот од гасната трговија го одржува мирот во рамките на руската елита. Државните приходи од продажбата на гас дозволуваат обилно социјално трошење, кое го одржува населението кротко и послушно; тие ги финансираат државните медиуми, безбедносниот систем и импресивната руска војска.

Алтернативи за приходите од продажбата на гас едноставно не постојат. Пазарно управуваниот пораст се задушува под огромниот товар на корупцијата, а руското општество сѐ уште се бори со ниските глобални цени на фосилните горива и меѓународните санкции.

Еден експерт со огромно познавање на рускиот и европскиот енергетски пазар анонимно тврди дека Русија, со оглед на фактичката состојба во однос на географијата и инфраструктурата, всушност е зависна од европските купувачи, без оглед на грандиозните соопштенија на Кремљ за некакви мегадоговори со Кина. Ова нема да се смени во блиска иднина.

И конечно, а веројатно и најважно од сѐ, делата на Германија јасно и гласно го оспоруваат тврдењето на Трамп за руската доминација. И покрај тоа што Русија е еден од нејзините најголеми трговски партнери, Германија беше главен двигател за наметнатите ЕУ-санкции кон Русија. Германија беше подготвена да плати висока цена за остриот сигнал што ѝ го испрати на Русија. Истата година, руско-германската трговска размена се намали речиси за една четвртина. Оттогаш, овие санкции постојано се обновуваат, а Берлин има водечка улога во формирањето на потребниот политички консензус меѓу членките на ЕУ. Токму Трамп беше тој, а не Меркел, што јавно запраша зошто имаше потреба од креирање кавги со Русија.

Германската политика во однос на одбраната и НАТО не е контролирана од страна на Русија. Всушност, Германија е еден од главните придонесувачи во операцијата за зголемено присуство и напредување на НАТО во Полска и балтичките земји. Путин оваа операција штотуку ја нарече „дестабилизирачка“.

Ако не е поради руската контрола, зошто германската војска има толку мали трошоци? Многумина наведуваат дека оваа земја има разбирлива традиција да претпочита економски и дипломатски средства наместо воени. Со богатството што го има, Германија може да си дозволи успешна примена на ваквите мирољубиви мерки.
Наедно, кај Европејците постои премолчено сознание дека претходно постојните конфликти на интереси помеѓу Германија и неколку други членки на ЕУ – грчкиот долг, полското управување, балтичките гледишта за енергетските цевководи, граничната безбедност, менаџирањето на бегалците итн. – би биле значително влошени ако зајакнатата и окуражена Германија би ги довела во врска со безбедносни гаранции.
На Германија не ѝ е потребна американска заштита против руската агресија. Сходно на тоа, германскиот министер за надворешни работи Хеико Маас, како одговор на изјавата на Трамп, остро изјави: „Ние не сме затвореници, ниту на Русија, ниту пак на САД“.


За Германците, Трамп е поголема закана за мирот од Путин

Во неодамнешната анкета на ЈуГов, Германците одговорија дека го гледаат Трамп како поголема закана за светскиот мир од Путин, со разлика од речиси 50 отсто. Германија, заедно со Русија, им се спротивстави на САД во Ирак во 2003 година. Но таа се спротивстави и на руската агресија во Украина, застанувајќи рамо до рамо со САД во 2014 година. И во двата случаи, Берлин ги одмери своите опции и реагираше онака како што сметаше дека е во нивен најдобар интерес. Истиот принцип се применува и кога е во прашање германската енергетска политика. Ова не би требало да ги изненади оние што реално гледаат на работите.