Во Санкт Петербург е отворена изложба од збирката на приватниот колекционер Александар Иванов
Руската ликовна сцена ја тресе голема афера, која се врзува за Фабержеовите јајца. „Ермитаж“, имено, ги изложи јајцата од приватната колекција на рускиот олигарх Александер Иванов. Но стручњакот за овој вид уметност, трговецот со уметнички дела Андре Ружников, кој со оваа тема се занимава цели четири децении, побарал музејот да се затвори бидејќи колекцијата содржи многу лажни примероци.
Во писмото, Ружников го обвинил директорот на овој познат музеј, Михаил Пиотровски, дека го уништува „авторитетот на музејот“, откако ја отворил изложбата „Фаберже: Златарот на царскиот дворец“, која би требало да биде на увид на јавноста околу 14 март (за потсетување, Русија ги отвори музеите на почетокот на јануари). Тоа е прва изложба во познатиот музеј во Санкт Петербург на Фабержеовите јајца, уште од далечната 1993 година. Овој историчар на уметноста изјавил за „Гардијан“ и за „Арт њуз“ дека на изложбата имало најмалку дваесет лажни дела, како и дека „овој срам треба што побрзо да се затвори и да се заборави“.
– Не можеме нашиот водечки музеј да го изложиме на таков потсмев – пишува тој во острото писмо што му го испратил на директорот на „Eрмитаж“.
Понатаму во писмото му пишува на Михаил Пиотровски дека со таква изложба „го навредува доброто име на Фаберже, ја издава довербата на посетителите и го издава доброто име на ’Ермитаж‘, музејот што се смета за светско културно богатство“.
Александар Иванов ги покажал документите што го потврдуваат неговото тврдење дека уметничките дела се автентични, а се позајмени од музејот „Фаберже“, кој сам го отворил во Баден-Баден пред дванаесет години, додека Пиотровски одговорил дека „автентичноста на секое од изложените дела секогаш може да биде предизвик, согласност баш од сите стручни лица не е секогаш лесно да се постигне“.
Еден од експонатите е јајце што царот Николаj Втори ѝ го подарил на царицата Александра на десетгодишнината од нивната венчавка во 1904 година. Меѓутоа, уште минатата година истражувачката Диен Хаф поставила прашање за автентичноста на делото, бидејќи некои портрети на јајцето се базираат на боите што не се појавувале на фотографиите пред 1904 година. Хаф исто така открила дека на портретот царот носи четири медали, иако во 1896 година бил одликуван со пет, па би ги носел во толкав број и на фотографијата.
Како што пишува „Артнет“, оваа историчарка на уметноста укажала на фактот дека девојчето на сликата е во бел фустан со многу панделки во боја, додека на многу портрети од тој период, таа е во сосема бел фустан. Иванов во прилог на своите тврдења испратил многу документи што би требало да ја потврдат автентичноста.
Инаку, интересот за Петар Карл Фаберже, кој изработувал јајца на дворецот до 1917 година, расте во последните неколку години на светскиот пазар на уметнички дела. Се проценува дека голем дел од причините е од патриотска природа. Имено, 80 отсто од купувачите се Руси. Иванов инаку е познат на пазарот на уметнички дела откако купил неколку многу скапи Фабержеови јајца, меѓу кои е и едно што чини девет милиони фунти, а своевремено му припаѓало на познатото банкарско семејство Ротшилд. Служел во советската војска пред да почне да продава компјутерска опрема. Тој е еден од најпознатите колекционери на Фабержеовите јајца, а најголема конкуренција му е Виктор Векселберг, кој отворил и сопернички музеј.