За имунизација на населението во државата, сепак, клучен фактор ќе биде моментот кога вакцината ќе пристигне во Македонија и кога ќе започне вакцинацијата на здравствените работници и на возрасните категории граѓани. Македонија заедно со Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина е меѓу земјите на Балканот што немаат почнато процес на вакцинација против ковид-19 на населението
Индивидуалниот чин на вакцинација во соседството не ја забрзува колективната имунизација
Има ли ефект во процесот на колективна имунизација тоа што македонски граѓани одат по вакцина во Србија? Или, дали индивидуалната одлука за вакцинирање во соседството би имал сериозен ефект во спречувањето на ширење на вирусот во земјава? Иако во јавноста има сѐ поголем интерес, сепак според податоците на српските медиуми, околу стотина Македонци досега се вакцинирале во Србија што, според епидемиолозите, е занемарувачка бројка за поширок колективен импакт.
За колективна имунизација и безбедност на населението во државата во однос на ковид-19, сепак, клучен фактор ќе биде моментот кога вакцината ќе пристигне во Македонија и кога ќе започне вакцинацијата на здравствените работници и на возрасните категории граѓани.
Македонија заедно со Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина е меѓу земјите на Балканот што немаат почнато процес на вакцинација против ковид-19 на населението.
Микробиологот Никола Пановски смета дека тоа што македонски граѓани наоѓаат алтернатива и одат во Србија да се вакцинираат нема да помогне во сузбивање на ширењето на вирусот во земјата, зашто не станува збор за селектирани ризични категории на лица што треба веднаш да се имунизираат.
– Бројките на вакцинирани во Србија се мали. И да се вакцинираат 7.000 граѓани ништо нема да смени. Да се вакцинираат сите лица што работат на Инфективната клиника и на сите критични точки во здравствениот систем, тогаш ќе има резултат – посочи Пановски.
И покрај тоа што официјалниот став на властите во Србија е дека засега само лица со српско државјанство можат да се пријават за вакцинирање, сепак на српскиот портал Е-Управа постои можност да се пријават граѓани што се странски државјани и што немаат престој во таа земја.
Важен услов е апликантот да има српски телефонски број, бидејќи српскиот Институт за јавно здравје на тој број ќе му испрати СМС за терминот за вакцинација.
Исто така, сите оние што аплицираат за вакцина во Србија имаат можност преку електронската апликација да изберат со која вакцина сакаат да се вакцинираат: „Фајзер“, „Модерна“, „Астра Зенека“, „Спутник 5“ или „Синофарм“.
Српската премиерка Ана Брнабиќ во својата последна изјава посочи дека земјата е на врвот во светот по вакцинација против коронавирусот и дека со тоа Србија се наоѓа на чекор до враќање на нормалниот живот, за разлика од другите држави.
Последните информации од Министерството за здравство се дека системот Ковакс преку допис ги соопштил деталите за првата испорака и типот на вакцината што ќе пристигне во нашата земја.
Станува збор за вакцината на „Астра Зенека“, од која првото количество за Македонија е планирано да пристигне во март. Од Ковакс информираат дека за Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а другите во вториот квартал од годината.
Има најави дека до крајот на неделава ќе се дознаат деталите за договорот за вакцини од „Синофарм“ од Кина. Во завршна фаза се разговорите за тоа кога ќе стигнат овие 200.000 вакцини, кој ќе ги увезе и по која цена ќе ги платат здравствените власти. Извесни се и 8.000 вакцини на „Фајзер“ од Србија, но не се знае кога ќе стигнат.
Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против ковид-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза е предвидено да се вакцинираат здравствените работници што се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување инфекција. Во оваа фаза е предвидено да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.