Претседателот на судот, Роберт Спано од Исланд, тврди дека глобалната пандемија на ковид-19 почнала несакан процес, кој, очигледно, ќе продолжи и во иднина и во кој се нарушени прашањата на човековите права и слободи во голем број европски држави

НАПЛИВ НА ПРЕДМЕТИ ВО ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

Дали справувањето на државите со пандемијата од коронавирусот предизвика нарушување на некои човекови права и слободи? Вакви дилеми се актуелни во домашната јавност откога неодамна Европскиот суд за човекови права информира дека на нивна адреса сѐ почесто пристигнуваат тужби на граѓани за нарушени прва од страна на европските земји.
Имено, деновиве Европскиот суд за човекови права најави дека приоритетно ќе почне да се занимава со решавање на напливот на судски процеси за прекршување на човековите права од државите за време на пандемијата.
Претседателот на судот, Роберт Спано од Исланд, изјави дека глобалната епидемија почнала несакан процес, кој, очигледно, ќе продолжи и во иднина, во кој се нарушени прашањата на човековите права и слободи.
Според Спано, судот од почетокот на епидемијата досега добил повеќе стотини предмети во кои има индиции дека се сторени сериозни прекршувања на законите.
Во меѓувреме, од македонска перспектива на настаните правните експерти и универзитетски професори велат дека е можно и нашите граѓани да си ги застапуваат правата пред судот во Стразбур, но додаваат дека, сепак, Македонија, за разлика од остатокот на светот, не важи за сериозен прекршител на овие дела.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, во својот осврт за случувањата вели дека за него е разбирливо зошто судот во Стразбур во моментов има наплив на предмети и зголемен број судски процеси.

– Станува збор за проблематика што се коси со начинот на кој државите од светот се справуваат со пандемијата. Имено, како најчести прекршувања од Македонија би можеле да се земат оние поврзани со ограничувањето на правото на движење за време на полицискиот час, правото на работа, правото на здравствена заштита, личните права и избор кога станува збор за носењето маски и слично… Но сето тоа, пак, колку што ги нарушува правата на граѓаните толку е и во согласност со нашиот устав. Имено, во Уставот пишува дека секој граѓанин е одговорен за своето здравје и за здравјето на луѓето. Па, оттука, може да се види дека станува збор за правна дилема што се наметна како полемика во светот во овие тешки времиња кога живееме со пандемијата – вели Илиев.
Тој резимира дека, иако навидум изгледа лошо, сепак мора да се заклучи дека Македонија во споредба со остатокот од светот не изврши големи нарушувања на правата и слободите на луѓето, бидејќи, на крајот на краиштата, државата води и тешка битка да го зачува здравјето на колективитетот.
Универзитетската професорка Каролина Ристова-Астеруд смета дека вирусната пандемија донесе и еден друг вид пандемија, онаа на ковид-авторитаризмот.
– Во оваа смисла, 2020 година дефинитивно ќе биде како година во која огромен број луѓе се откажаа од низа свои слободи и права, неретко со голем ентузијазам. Сето тоа во замена за „чувството на сигурност“, обезбедено со еднодимензионална и сеопфатна државна интервенција. Ковид-авторитаризмот не се манифестираше само во земји со веќе етаблирани авторитарни политички режими, каде што редовно и за очекување е сериозно државно вмешување и екстензивна контрола на штета на индивидуалните слободи и права. Значи, не само во земји каде што тоа е ударно, случајот со Кина, наедно земјата што беше епицентарот на пандемијата и која прва започна да се справува со неа, ефективно станувајќи модел за други такви земји во светот – пишува професорката.

Азра Бечировиќ, пак, која е магистерка по граѓанско право, правна советничка и асистентка на проектот „Програма за владеење на правото во Западен Балкан“, забележува дека за време на пандемијата голем број политички режими воведоа неоправдано остри мерки, а со тоа ги загрозија принципите на демократијата и ги прекршија човековите права во своите држави во правец на справување со болеста.
– Апсолутни права се права што не смеат да бидат суспендирани или ограничени дури и кога е прогласена вонредна состојба. Тоа значи дека ниту една ситуација не го оправдува ограничувањето на апсолутните права. Мерките за изолација и карантин за заштита на јавното здравство, усвоени од повеќето држави, претставуваат навлегување во многу права заштитени со Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) – информира таа.

[email protected]