Во минатото најзапаметена изјава беше онаа на американскиот претседател Џорџ Буш во 2008 година, кога на самитот на НАТО во Букурешт, на кој се одлучуваше за приемот на нови членки, изјави дека Македонија, Хрватска и Албанија ќе станат членки на Алијансата. Без оглед на неговата убеденост, Македонија прекуноќ извиси поради грчката блокада
Македонија засипана со охрабрувачки
ветувања за да остане на европскиот пат
Македонија не ги започна пристапните преговори за членство во Европската Унија иако се години водечките европски и светски политичари постојано прогнозираа кога земјава ќе ги започне преговорите со ЕУ и претходно со НАТО, лицитирајќи со временски периоди што се покажаа како целосно неточни со оглед на актуелниот развој на настаните.
Последната ваква изјава на храбрење доаѓа од австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој изјави дека очекува земјава да ги започне преговорите со ЕУ во првата половина на годината.
– Северна Македонија стана особено добар пример за кандидат и жалам што не беше можно да се отворат преговорите во 2020 г. Австрија ќе се залага задоцнетите преговори со Северна Македонија и со Албанија да започнат во првата половина од 2021 година – изјави Курц во интервју за магазинот „Корд“.
Ова е последната од охрабрувачките изјави што доаѓаат од висок европски политичар, иако повеќе од јасно е дека блокадата од страна на Бугарија тешко ќе се крене во првата половина од годината, со оглед на фактот дека таму ќе се одржуваат избори во април, по што ќе следува период на формирање нова влада, па дури потоа е можно да се обноват разговорите со македонската страна за надминување на разликите.
Во најдобар случај, расплетот би можел да се очекува кон крајот на годината, што никако не се поклопува со очекувањата на Курц.
И во минатото вакви изјави даваа безброј политичари, особено откако земјава го реши тридеценискиот спор со Грција за името.
– Веруваме дека сега е време да се отворат пристапните преговори со Македонија и со Албанија – порачаа во октомври 2019 година во отворено писмо до земјите-членки на ЕУ претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.
Претходно германската канцеларка Ангела Меркел, во јули 2019 година во Познањ, порача дека е оптимистка во однос на шансите Македонија да го добие долгоочекуваниот датум за преговори со ЕУ во октомври.
Секако, во минатото најзапаметена изјава беше онаа на американскиот претседател Џорџ Буш Помладиот во 2008 година, кога на самитот на НАТО во Букурешт, на кој се одлучуваше за приемот на нови членки, изјави дека Македонија, Хрватска и Албанија ќе станат членки на Алијансата. Без оглед на неговата убеденост, Македонија прекуноќ извиси поради грчката блокада.
Вакви изјави се множеа низ годините постојано и постојано, но секогаш се наоѓаше некаква пречка што ги изјаловуваше плановите, така што се поставува прашањето колку ваквите охрабрувачки изјави имаат тежина и дали воопшто народот повеќе верува во нив, со оглед на сите разочарувања што ги доживеа изминатите 30 години.
Некои од дипломатите со кои се консултира весникот сметаат дека ваквите изјави повеќе се даваат за да се охрабри државата да остане на европскиот пат.
– Нормално е Курц во изјавата да порача дека очекува Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, но понатаму тој треба да објасни дали воопшто има некаква идеја како да се оствари тоа или тоа е само конвенционално кажано.
Не знам колку прашања имало до него во рамките на тоа интервју што го дал, но во овој момент сите одат на тоа да добијат некакви позитивни одговори за нашето почнување на преговорите. Тоа се изјави за еден ден, со симпатии кон Македонија, со очекување, но нема соговорник што би му поставил вистинско прашање – вели Љупчо Арсовски, претседател на Советот на амбасадори.
Според него, ваквите изјави се даваат за да не се предизвикаат турбуленции внатре во земјата.
– Овие изјави се дадени од внимание и од добра волја бидејќи секој поинаков одговор би предизвикал дискусии и тука во парламентот, а вака никој не реагира. Тоа е кажано со дипломатски речник, дека Австрија има интерес и дека се очекува по изборите во Бугарија да биде почиста ситуацијата. Моето мислење е дека откако Словенија ќе го преземе претседателство, ќе почнат главните работи до крајот на годината – смета Арсовски.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов ја споредува ситуацијата со изјавите што ги даваат европските политичари за иднината на Македонија со делото на македонскиот просветител Кирил Пејчиновиќ „Утешение грешним“.
– Ваквите изјави се само да се одржува тензијата во Македонија за евроинтеграциите, инаку немаат никакво функционално значење. Ако тие имаа некаков план да се почнат преговорите, требаше да го остварат тоа. Имаше шанси за тоа пред Нова година и тогаш беше моментот. Ми се чини дека сегашните изјави на странските политичари би можел да ги окарактеризирам преку делото „Утешение грешним“ од Пејчиновиќ – посочува Јањатов.
Тој додаде дека не е оптимист дека работите брзо ќе се решат.
– Сега се даваат изјави за првата половина, подоцна ќе биде втората половина на 2021 година. Изјавите се без тежина, туку се со намера да останеме на европската идеја, да нè ни текне да се свртиме кон некоја друга страна – истакнува Јањатов.
Од своја страна, пак, дипломатот Виктор Габер смета дека дипломатите и политичарите не даваат изјави без одредена цел.
– Тој што ги дава изјавите, особено политичките фигури, имаат конкретен интерес да го кажат тоа инаку сигурно не би се изложиле на опасност да бидат третирани како несериозни. Сепак постои некаква заднина. Австрија има интерес за Југоисточна Европа, каде што тие не само што имаат капитал туку имаат и стратегиски интереси со години и со генерации, особено поради нивната неутралност, да биде стабилен и просперитетен регион што ќе обезбеди стабилност на нивниот капитал – вели Габер.
Според него, тие што се експонирани со изјави на надворешен план, имаат одредени интереси и одредена желба да се постигне нешто што им е од полза, било како премиер, било како земја итн.