Веста дека рускиот претседател Владимир Путин потпишал петгодишно продолжување на договорот „Нов СТАРТ“ за контрола на нуклеарното вооружување треба да се смета за позитивна. Администрацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден сигнализираше дека сака продолжување на договорот, за да се избегне поништување на напредокот во процесот на денуклеаризација на двете светски сили, со евентуалното завршување на спогодбата која требаше да истече на 5 февруари. Нуклеарниот арсенал на Русија и на САД се намали од 40 илјади, односно 24 илјади боеви глави на денешните 1.550 кои ги поседува секоја страна, во рамки на „Нов СТАРТ“, пишува „Форин полиси“.
– Откако Русија го потпиша договорот сегашните цифри ќе опстанат. Можеби се чини дека Вашингтон го слави договорот, но идејата за спас на „Нов СТАРТ“ имаше и противници во десницата, чија агенда беше да се дозволи договорот да истече и да се вложат милијарди долари во проширување и модернизација на американскиот нуклеарен арсенал. Поранешниот национален советник за безбедност на Доналд Трамп, Џон Болтон, на пример, го нарекува продолжувањето на „СТАРТ“, како и на другите договори за вооружување склучени со Русија, „рај за будали“ – се наведува во анализата на американскиот магазин.
Но критичарите на „Нов СТАРТ“ имаат и аргументи. Спогодбата од 2010 година има и недостатоци. Таа не се однесува на т.н. „тактички нуклеарки“ и не го вклучува арсеналот на Кина. Договорот беше дискутиран пред Москва да ја претстави новата генерација на хиперсонични ракети, интерконтиненталната балистичка ракета „Сармат“ и други оружја кои можат да победат кој било одбранбен систем што ќе им се спротивстави. Критичарите тврдат дека механизмите за верификација на „СТАРТ“ претрпеле штета преку пропаѓањето на договорот за уништување на нуклеарното оружје со краток и среден дострел (ИНФ) во 2019 година.
Администрацијата на Бајден порача дека се надева оти петгодишното продолжување ќе се справи и со недостатоците на спогодбата и ќе придонесе за избегнување на трка во вооружување. Засебните разговори со Кина, како и со Индија, Пакистан, Франција и со Велика Британија, ќе се водат со цел за проширување на договорот.