Обраќање на Никола Димитров во Собранието
За што сум обвинет? Што не испорачав преговори по секоја цена? По цена намакедонскиот јазик? Дали дами и господа можеби тоа го сакавте? За да можете да ја пласирате тезата за предавство на националните интереси? Оти вака таа теза не поминува. Тоа ако го барате од мене, тогаш веднаш да ви кажам – тоа никогаш нема да го испорачам, истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќањето до пратениците на опозицијата, на почетокот на собраниската расправа за поднесената интерпелација против него.
Димитров во излагањето од собраниската говорница кое траеше 20 минути се осврна на секоја од причините што ги наведе ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи на негова одговорност. Расправата која почна околу пладне се очекува да заврши до полноќ.
Вицепремиерот за европски прашања ги оквалификува наводите дека тој е одговорен што Македонија уште не ги почна преговорите со ЕУ како „врв на апсурдот“.
– Втората причина наведена во ова небулозно писмо е врв на апсурдот. И ако на првите две интерпелации им пристапив со должна сериозност, на оваа третава не можам, а да не ѝ пријдам со индигнација. Токму затоа и не одговорив написмено. За што ме обвинувате? Што не испорачав преговори по секоја цена? По цена на македонскиот јазик? Дали дами и господа можеби тоа го сакавте? За да можете да ја продавате тезата за предавство на националните интереси? Оти вака таа теза не поминува. Тоа го барате од мене? Веднаш да ви кажам – тоа никогаш нема да го испорачам. Среќа не се сетивте да ѝ поднесете и на Европската комисија интерпелација за тоа како се дрзнале на оваа Влада да ѝ дадат безусловна препорака или пак на Европскиот совет за зеленото светло за почеток на преговорите. Бидејќи за нивните зборови и одлуки се работи – категоричен е Димитров.
Тој нагласи дека европските лидери и САД го оцениле Договорот за добрососедство со Софија како инспирација за целиот регион и голем чекор кон ЕУ. Димитров потсети и дека во март минатата година Европскиот совет даде безусловно зелено светло за почеток на пристапните преговори со Македонија. А посочи и дека германскиот министер за Европа Михаел Рот изрази огромна разочараност од бугарската блокада, по неговото претседавање со клучниот совет за општи работи во ноември минатата година.
– И сега, кој кого манипулира? Јас, кој доследно ги презентирам наодите од ЕУ, секогаш до детали прецизен за квалификациите и околу одлуките и заклучоците и оценките на извештаите, акцентирајќи ги и областите кои треба да ги унапредуваме, или вие со очигледно елементарно непознавање на процесите, но со неизмерна желба за лоши вести за земјава, и еве уште едно признание за вас, со беспрекорна умешност да бидете први во лажното известување на јавноста за некаков си имагинативен пораз, за кој ги каните на заедничка прослава. Ние ги земаме жешките костени в раце, вие се радувате на секоја можна изгореница – истакна Димитров.
Тој се осврна и на обвинувањата за нетранспарентност и избегнување на Комисијата за надворешни работи, тврдејќи дека е лага оти бил уредно поканет на седницата на Комисијата за надворешни работи.
– И покрај тоа што немам обврска, јас апсолутно не одбив учество. Мојот кабинет веднаш стапи во контакт со соодветните служби за да ја потврди мојата подготвеност за онлајн учество и покрај фактот дека од моментот на пристигнувањето на поканата до почетокот на седницата немаше ниту 24 часа. Повторувам: поканата за учество на комисијата, во двата наврата, пристигна попладне, за присуство утредента сабајле. Значи, не со заемен договор, не со најава од 8 дена, како што е стандардна практика, не со најава од три дена, не со најава од 24 часа, туку со најава од помалку од 16 часа пред почетокот на собраниската комисија. Во тој рок, ниту може да се разгледа агенда, ниту да се подготват анализи, ниту материјали за седницата, да не зборуваме за фактот за чистиот аматеризам во постапката: претседателот на комисијата, замислете, не може да организира ни покана навремено да достави, односно целосно потфрла во својата работа, а очекува министрите да му се на располагање во секое време да учествуваат во таков панаѓур на некомпетентност. Значи, тука очигледно е дека намерата не била да се одржи суштествена дебата, туку да се купат неколку минути и редови евтина медиумска кампања – рече Димитров.
Според вицепремиерот третата небулоза во однос на барањето за интерпелација се однесува на наводната пасивност на СЕП. Тој посочи и дека за критукување на една институција постојат два основни предуслови – поседување на елементарно познавање за работата на таа институција и способноста за идентификација на барем еден проект кој споменатата институција би требало да го сработи, а не го работи.
– Вие немате абер ни од првото ни од второто. Еве да ве прашам: кажете еден проект кој СЕП требало, според вас, да го спроведе, а не го спровела. СЕП не е министерство, па со тоа нема свое автохтоно портфолио на проекти, туку координира проекти во другите институции, согласно член 40-б, став 2 од Законот за Владата: ги координира подготовките за членство во ЕУ, процесот на подготовка на македонската верзија на правото на ЕУ и ја координира странската помош. Значи, координација, координација, координација. Се прашувам дали е можно да имате такво елементарно непознавање, па ова го сметате како главен аргумент или повторно свесно ја манипулирате јавноста и сеете дезинформации – смета Димитров, кој наведе и дел од активностите на кои СЕП е моментно фокусиран.