Фото: Игор Бансколиев

Во Македонија правото на мирно изразување незадоволство е уставно загарантирана категорија, а изминатиот период беа организирани мноштво масовни протести. Следниот ваков протест е најавен веќе за денеска. Во меѓувреме, во повеќе европски земји масовните собирања и протести со закон се забранети во услови на пандемија заради спречување на ширење на вирусот. Какви се размислувањата на правните експерти кај нас

Администрацијата на државите-членки на ЕУ сѐ повеќе со ригидни закони

Во Европа и во светот се навестува нов тренд, во кој државите сѐ почесто воведуваат законски решенија со кои се ограничуваат или забрануваат протести и демонстрации во услови на пандемија заради заштита на здравјето на граѓаните и примена на антиковид-мерките.
Новинската агенција „Евроњуз“ неодамна информира дека Белгија и Австрија се двете европски држави што донеле закони во својот правосуден систем, со кои се забранува граѓаните да одржуваат митинзи и протести. Според медиумот, причината за овој чин европските земји ја нашле во големиот ризик за здравјето на присутните и сѐ позачестената опасност од насилство и безредија при демонстрациите. Од друга страна, европскиот сервис на „Радио Слободна Европа (РСЕ)“ информира дека во Русија деновиве е стапен во сила закон со кој ќе се забранува организирањата на протестите и демонстрациите преку социјалните мрежи додека е активна пандемијата на ковид-19.
Во својот текст, РСЕ пишува дека преставниците на социјалните мрежи имаат обврска да ги блокираат и бришат обидите за организирање протести и неовластени демонстрации.
Во меѓувреме, откога трае пандемијата, Македонија имаше голем број протести, маршеви и разни демонстрации. Најсвеж пример е протестот закажан за денеска, кога во главниот град треба да се спроведе маршот на платформата за родова еднаквост, при што ќе се бара темелно расчистување на случајот „Јавна соба“, и за сеопфатен пристап во справувањето на државата со родово базираното насилство.

Мината недела, пак, низ улиците на Скопје беше активен протестот на граѓаните што се противат на судскиот процес за случајот „Монструм“. Претходно опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ одржа серија протести низ државата како негодување на одредени државни политики. Понатаму во услови на пандемијата гостиварци протестираа против ѓубриштето и загадувањето од Русино, во Скопје и низ цела земја се протестираше против поскапувањето на струјата, а средношколците негодуваа против начинот на полагање матура итн.
Од македонска перспектива на случувањата, правните експерти со кои се консултиравме се поделени во размислувањата дали на Македонија ѝ е потребен специфичен закон што би го ограничил правото на протести и дали еден таков закон би бил во спротивност со одредени уставно загарантирани права и слободи на граѓаните, меѓу кои спаѓа и правото на мирен протест.
Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски вели дека станува збор за тренд во пандемијата што е активен во мноштво европски земји, но, за среќа, во моментов Македонија нема потреба од дополнителни закони за оваа проблематика.
Судијата вели дека ако хипотетички во иднина се создадат околности за постапување по овој чин, оние што се подносители на овој акт, Владата или Собранието, треба да размислат убаво, па потоа да донесат решение што ќе има избалансирана вредност, односно не би ги коализирало уставните права на организирање протести и заштита на здравјето.

– Факт е дека следејќи го овој тренд државите реагираат соодветно на нивните потреби и соодветно на здравствената состојба во која се наоѓаат. Имено, сите сме сведоци дека државите различно дејствуваа во Европа по овие прашања, сите овие месеци откога живееме со ковид-19. Имено, кај нас оваа дилема на носење или неносење закон за спречување протести за време на пандемијата е отсликана во Уставот во членот 9, каде што се отсликани сите уставни гаранции што во овие состојби би можеле да дојдат во судар. Па оттука сметам дека доколку во иднина се создадат околности земјата да решава по ова прашање, крајниот резултат би требало да е избалансиран, реален и одмерен за да ги задоволи потребите на сите граѓани – резимира судијата Ивановски.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, смета дека доколку државата се реши да донесе ваков закон, тој би бил добредојден и не би ги кршел уставните категории, туку би ги суспендирал додека е активна опасната болест што однесе многу животи.
– За мене чинот на државите во светот е многу логичен и верувам дека ако Македонија донесе свој ваков закон тој нема да ги прекрши уставните категории, туку ќе ги суспендира додека замине оваа болест во историјата.

Ставете ги на рамниште правото на изразување негодување и правото на живот. Што корист ќе има државата ако се одржи протест и по него починат 200 луѓе? Оттука сметам и силно ја поддржувам можноста земјата да реагира навремено и строго за да ги заштити животите на сите. Но откога ќе помине пандемијата, тогаш верувам дека животот би се вратил во нормала и се би продолжило како претходно во согласност со уставните определби на нашата земја – резимира Илиев.

[email protected]