Насловот на биеналето „Да живеете во интересно време“ е заснован на старата кинеска клетва што се однесува на периодот на несигурноста, кризата и превирањата, точно онака какво што живееме денес. Во моментот кога дигиталната дисеминација на лажни вести и алтернативни факти ги кородира политичкиот дискурс и довербата од која тој зависи, важно е да се паузира кога и да е можно тоа и да се преиспитаат нашите референтни поими, вели уметничкиот директор Ралф Ругоф
Наредното, 58. Биенале на уметноста во Венеција ќе биде инспирирано од денешното „интересно време“, обележено од лажни вести, урнати вредности и различни кризи, најави уметничкиот директор Ралф Ругоф, претставувајќи го концептот на оваа меѓународна изложба што ќе се одржи од 11 мај до 24 ноември 2019 година.
– Насловот на биеналето „Да живеете во интересно време“ е заснован на старата кинеска клетва што се однесува на периодот на несигурноста, кризата и превирањата, точно онака какво што живееме денес. Во моментот кога дигиталната дисеминација на лажни вести и алтернативни факти ги кородира политичкиот дискурс и довербата од која тој зависи, важно е да се паузира кога и да е можно тоа и да се преиспитаат нашите референтни поими – наведе Ругоф, директор на лондонската галерија „Хејворд“.
Тој напоменува дека 58. Биенале не ја нагласува оваа тема сама по себе, туку општиот пристап на уметноста во поглед на нејзината општествена функција, како во поглед на задоволството што го нуди, така и во смисла на критичкото мислење.
– Уметниците што мислат во овој правец нудат алтернативи на значењето на таканаречените факти, нудејќи други начини на нивно поврзување и контекстуализација – рече Ругоф на конференцијата за новинари.
Централната изложба на 58. Биенале ќе претставува повик до публиката за активно учество и креативно учество што го нуди уметноста. Тоа ќе значи ангажирање на посетителите во различни средби и настани што се суштински слични на игра, земајќи предвид дека кога си играме сме најцелосни луѓе. Тоа ќе подразбира и заобиколување на изложбениот формат за да се обезбеди да биде што е можно повеќе во согласност со карактерот на уметноста што ќе биде претставена.
Ругоф изјави и дека се надева дека насловот на биеналето, за кој верува дека е доволно двосмислен за да биде интересен, ќе биде сфатен помалку како пцост, а повеќе како порака и предизвик дека уметноста може да биде начин на кој е можно да му се помогне на денешниот свет што се соочува со кризи и промени, кои можат да предизвикаат анксиозност, очај и фрустрација.
– Уметноста не може да го запре подемот на националистичките движења и авторитарни влади во различни делови на светот, ниту може да ја ублажи трагичната судбина на раселените луѓе низ светот, но може на посреден начин да биде своевиден водич за тоа како да се живее и мисли во „интересни времиња“ – вели Ругоф.
Тој напомена дека не мисли дека „уметноста треба да биде во форма на новинарство“, но смета дека може да даде одредени алатки што ни дозволуваат да развиеме посуптилни начини на размислување за работите и да добиеме поинаква перспектива во нашата глава. Претходно тој зборуваше за влијанието на Инстаграм на начин на кој се доживува уметноста, како и за своите планови да го истражи тоа прашање барем индиректно на Биеналето во Венеција.
– Мислам дека ќе има моменти (на изложбата) што ќе се осврнат на посетителите и на прашањето што неговата активност навистина значи и дали е навистина најдобар начин да се посети изложба и да се фотографира со мобилен телефон и потоа тоа да се постави на социјалните мрежи – рече Ругоф, кој сѐ уште ги држи во тајност уметниците што има намера да ги покани на централната изложба.
Тој по сѐ изгледа нема намера да го продолжи по секоја цена трендот на откривање на своевремено запоставените уметници, кои заживеаја на последните неколку биеналиња, вклучувајќи го и последното, кое го осмисли Кристин Масел.
– Мислам дека биеналето треба да го рефлектира времето во кое живееме. Ако постои некој запоставен уметник чие дело одеднаш се чини многу интересно во поглед на денешното време, тогаш мислам дека има смисла да биде на изложбата. Не сакам да вклучам уметници за да се обидам одново да ја напишам историјата на уметноста – вели Ругоф.
Претседателот на Венециското биенале, Паоло Барата, рече дека најстарата изложба останува приврзана на мисијата да ја поттикне нашата потреба да видиме подалеку од очигледното, што уметноста може да го понуди. Исто така, биеналето треба да биде место каде што секој посетител е силно охрабрен да се соочи со уметничкото дело.
Одредени земји веќе со месеци пред прогласувањето на темата на 58. Биенале ги соопштија имињата на уметниците што ќе ги претставуваат во националните павилјони. Од земјите во регионот, тоа го направи само Словенија, која ќе ја претставува Марко Пелјхан.
На 57. Венециско биенале за најдобар павилјон беше прогласен германскиот, со проектот „Фауст“, на уметницата Ане Имхоф, а и „златниот лав“ на централната изложба „Вива арте вива“ го доби германскиот уметник Франц Ерхард Валтер.