Грчкиот парламент донесе закон за проширување на границата во Јонско Море кон Албанија, а слична намера има и за водите во Медитеранот, на што се спротивставува Турција
Со поддршка од сите опозициски партии, грчкиот парламент неделава го изгласа Законот за проширување на територијалните води на 12 милји во Јонско Море. На изгласувањето на законот од Министерството за надворешни работи на Грција за одредување на обемот на морската зона во Јонско Море и јонските острови до ’ртот Тенаро на Пелопонез му претходеше привремениот договор со Албанија. Целта на Атина е истото тоа да го направи и во Егејско Море. Грчкиот министер за внатрешни работи Јоргос Герапетритис објасни дека тоа ќе се случи кога ќе дојде „вистинскиот момент“. Грција ги проширува своите територијални води на запад, пет дена пред почетокот на обновувањето на разговорите со Турција, а избраниот момент може да се смета и за испраќање политичка порака до Анкара.
Според Конвенцијата на ОН за правото на море од 1982 година, во начело секоја држава може своите територијални води да ги прошири на максимални 12 морски милји. Ова е исклучиво економски појас што може да се простира на најмногу 200 морски милји од почетните црти од кои се мери ширината на територијалното море. Исклучок е кога подрачјето на две или повеќе држави се поклопува или во случај на нерешени гранични прашања, па тогаш земјите мораат да се договорат билатерално. Иако се познати меѓународните правила, нивната примена во Егејско Море не е едноставна, пишува „Дојче веле“.
Состојбата дополнително се отежнува и од тоа што Турција не ја признава конвенцијата на ОН и ги отфрла правните мислења, според кои, конвенцијата се потпира на важечките меѓународни обичајни права. Затоа Грција за почеток своите територијални води ги проширува на запад во Јонско Море.
Албанија и Грција со години не се согласуваа за морската граница меѓу двете земји, а сегашниот албански премиер Еди Рама беше изложен на силни критики на опозицијата дека се откажува од територијата. Во ноември лани грчкиот министер Дендијас при посетата на Тирана изјави дека двете земји се подготвени пред Меѓународниот суд да ги решат спорните прашања за морската граница. Атина и Тирана во 2009 година потпишаа спогодба за одредување на економскиот појас, но неговата примена никогаш не се случи. Според пишувањето на грчките медиуми, дипломатските напори на Грција се насочени кон албанскиот претседател Или Мета, кој се противи на овој договор. Сите очекувања се насочени на претстојните парламентарни избори во Албанија, а потоа е можно да се излезе и пред Меѓународниот суд. Во однос на ова прашање, постојат мали проблеми меѓу Грција и Албанија што се однесуваат само на мала група острови северно од Крф. Тоа се 11 помали островчиња, кои во минатите години станаа привлечна дестинација за љубителите на едрењето во Јонско Море. Со сегашниот договор овие острови се поделени повеќе во корист на Грција.
– Грчко-албанскиот договор е ориентиран кон Конвенцијата на ОН за правото на море и од меѓународноправен аспект тој е важечки – вели Аристотелис Цијамппири, професор за меѓународни односи на Универзитетот во Пиреја, во разговор за „Дојче веле“.
Грција продолжува со политиката за проширување на територијата во Средоземно Море, па Турција со голема претпазливост ги следи потезите на Атина. Турција и Грција се спорат за територијалните води богати со енергенти, а тензиите меѓу двете земји-членки на НАТО дополнително се зголемија минатото лето кога Анкара го испрати истражувачкиот брод во спорниот дел на Средоземно Море. Грчката армија испрати бродови да го следат истражувачкиот брод на Турција, еден ден откако Атина потпиша спогодба со Египет. Ситуацијата во Егејско Море ескалира, па со посредство на германската канцеларка Ангела Меркел беше спречен поблизок воен конфликт меѓу Турција и Грција. Во образложението на турската влада се наведува дека оваа зона е турско подрачје, во согласност со договорот со либиската влада во Триполи.
Напнатоста меѓу земјите од Медитеранот постојано расте, а меѓу нив се склопуваат различни сојузништва за искористувањето на правото за користење на резервите со гас. Се проценува дека под источниот Медитеран се наоѓаат резерви од 3,5 милиони кубни метри, а во случај на целосна експлоатација, годишното производство на природен гас би било на ниво на Венецуела и на Нигерија. Дополнителни резерви на гас има и во басенот на Нил. Затоа се јавува и сѐ поголемата заинтересираност кај Египет, Кипар, Грција, Турција, Израел, Либан, Јордан и Палестина да придобијат поголем дел од природното богатство. Тензии има не само меѓу Грција и Турција туку и меѓу Египет и Турција, а причината за тоа се нови наоѓалишта на нафта.