Во Австралија постои план оваа земја да биде дом на најголемата соларна централа во светот, која ќе обезбеди електрична енергија за голем дел од Австралија, па дури и за други земји, како што е Сингапур. Според планот, централата треба да се гради на површина од 120 квадратни километри, во оддалечениот северен дел на Австралија. Поточно, таа ќе биде изградена на просторот што локалното население го користи во моментов за одгледување говеда, помеѓу Алис Спрингс и Дарвин. Алис Спрингс е едно од најсончевите места во светот, кое во просек се капе на сонце околу 300 часа месечно, што го прави овој град совршено место за изградба на соларна централа и искористување на потенцијалот на сончевата енергија.
Соларната централа што планира да ја изгради компанијата „Сан кејбл“ ќе има капацитет од 10 гигавати, а самата конструкција ќе чини околу 20 милијарди долари. Планот е изградбата да почне најдоцна до 2023 година.
Доколку се реализираат поставените планови и се изгради соларната фарма, се смета дека ќе биде толку голема што ќе може да се гледа од вселената. Првично ќе се користи за снабдување со електрична енергија на заедниците во северна Австралија, каде што ќе бидат инсталирани панели, но се проценува дека до 2027 година енергијата што ја генерира ќе почне да се извезува во другите околни земји. Главен купувач на оваа електрична енергија се очекува да биде Сингапур, кој нема доволно простор да гради свои капацитети за обновлива енергија. Австралиската влада го поддржа овој амбициозен проект и го препозна потенцијалот на сончевата енергија за производство на енергија, па дури и за извоз.
Сепак, премиерот на оваа земја Скот Морисон е познат по тоа што не им придава важност на климатските промени, а Австралија во моментов е најголем извозник на јаглен во светот. Со оглед на тоа што оваа земја во моментов е одговорна за до 5 проценти од глобалните емисии, големи проекти што овозможуваат премин кон употреба на обновливи извори на енергија, како што е ова, се неопходни за емисиите на стакленички гасови да почнат да се намалуваат.