Резултатите од нивната студија одат во прилог на важноста на носењето маски и почитувањето на физичката дистанца. Научниците предупредуваат на тоа дека се потценува вистинскиот процент на ширењето на вирусот, во кој спаѓаат луѓе без симптоми, а токму тие се движат слободно каде што сакаат
ИСТРАЖУВАЊЕ НА АМЕРИКАНСКИ НАУЧНИЦИ ЗА ПРЕНЕСУВАЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ
Aмерикански научници дошле до сознанија дека најмалку 50 отсто од заразата со коронавирус ја пренесуваат луѓето без симптоми на болеста, објави стручното списание на американската медицинска асоцијација. Заменик-директорот на Одделот за инфективни болести во Американскиот центар за контрола и превенција од болеста и водач на истражувањето, Џеј Батлер, рекол дека резултатите од нивната студија одат во прилог на важноста на носењето маски и почитувањето на физичката дистанца. Дека е клучно носењето маска смета и микробиологот проф. д-р Никола Пановски, кој вели дека уште долго ќе ги носиме маските како заштита, каде и да се движиме.
Научниците за потребата на студијата класифицирале потенцијални преносители на коронавирусот во три групи – симптоматски, пресимптоматски (оние што уште немаат симптоми, но ќе развијат) и асимптоматски случаи. Потоа изработиле модел за тоа која група колку ќе го шири вирусот. Kaко основна вредност го одредиле петтиот ден од изложеноста на коронавирусот, затоа што е утврдено дека тоа е просекот на траење на инкубацијата. Тоа е време во кое мнозинството луѓе развиваат симптоми.
Моделот првично вклучува претпоставки дека 30 отсто од заразените се асимптоматски и дека нивното количество на инфективност е нешто помало (75 отсто) во споредба со оние што покажуваат или ќе развијат симптоми. На тие претпоставки резултатите покажале дека луѓето се одговорни за 24 отсто од заразата.
Но научниците создале и сценарија во кои врвот на инфективноста бил на третиот, четвртиот, шестиот и седмиот ден, во кои тие го зголемиле и спуштиле процентот на асимптоматски луѓе, како и нивната стапка на инфективност во споредба со другите групи. Во повеќето од тие сценарија се покажало дека луѓето без симптоми (асимптоматските и пресимптоматските случаи) пренесуваат најмалку 50 отсто од новите зарази.
– Размерите на трансмисија биле над 50 отсто, независно од широкиот спектар на основните вредности – вели Батлер и додава дека аналитичарите ги изненадила доследноста на резултатите.
Дури и во најконзервативната процена, во која врв на заразата е седмиот ден од изложеноста на вирусот, а асимптоматските случаи предизвикуваат 0 отсто од заразата, оние пресимптоматските предизвикале една четвртина од новите ковид-случаи.
Батлер и неговите соработници истовремено предупредуваат на тоа дека веројатно се потценува вистинскиот процент на ширењето на вирусот, во кој спаѓаат луѓе без симптоми, а токму тие се движат слободно каде што сакаат.
Сепак, во реалноста, на влезовите на многу ресторани и други институции се мери температура за да им се оневозможи влез на луѓето со симптоми. Покрај тоа, многу луѓе со симптоми се дома во самоизолација, што значи дека е помала веројатноста да се шири заразата како оние што се чувствуваат здраво.
Носењето маска е клучно за заштита од вирусот
Проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет вели дека носењето маска е важна мерка, која значително го намалува ризикот од ширење на вирусот, нешто што го покажаа и новите наоди на американските научници. Според него, и кога ќе биде потопло, од март-април, и кога би можеле да седиме послободно во ресторан или кафуле, би носеле маски.
– Дури од јуни мислам дека може да се размислува маските да не се задолжителни како сега, во зависност од тоа каква ќе биде ситуацијата. Дури и да се каже да не се носат, луѓето ќе ги носат. Како што ни беше тешко да се навикнеме да ги носиме, така ќе биде тешко и да се одвикнеме од нив. Дури и тие што прележале ковид-19 и кои имаат високи антитела, се плашат и продолжуваат да носат маски насекаде – смета професорот Пановски.