Ова е „сурогат замена на оригиналот и би била само фалсификат на нашето членство во ЕУ“, сметаат македонски политички аналитичари. Тие нагласуваат дека Македонија „не се бореше за ова“, туку за полноправно членство во целосна смисла на зборот и издвојуваат дека „доколку нам економските придобивки би ни биле на прво место, тогаш истите параметри би можеле да ги најдеме и во соработка со други центри на моќ, какви што се Кина, Русија и Индија“…
Дали ЕУ нуди алтернатива наместо полноправно членство во заедницата
Дали на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, им се нуди замена за полноправно членство во Европскaта Унија со економско партиципирање во заедницата, без политички удел при креирањето на европските политики? Ова прашање посериозно се наметна во јавноста периодов, кога голем број европски и регионални медиуми информираа дека постои неофицијална понуда за земјите од регионот економски, а не политички, да партиципираат во Европа.
Имено, балканскиот сервис на Ал џезира (АЏ) информира дека на државите од Балканот ќе им се понуди економско учество на европскиот пазар, без притоа брзо политички да се инкорпорираат во Унијата.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), пак, во своето последно издание пишува дека е прашање дали во наредните десет години некоја од земјите ќе ѝ се приклучи на Унијата, па дотогаш е неопходно ним да им се дозволи партиципирање на европските пазари.
Германскиот национален сервис „Дојче веле“ (ДВ), пак, информира дека рецептот од оваа област, за кој многу се разговара во Европа, подразбира државите од Балканот да влезат во Унијата економски како полноправни членки, но да немаат партиципација во политиката како другите држави.
Медиумот истакнува дека главен заговорник на оваа теза е Елмар Брок од Европскиот парламент, кој потекнува од партијата Христијанско-демократска унија (ЦДУ).
Во негова изјава за медиумот се истакнува дека во моментов се потребни реалистични привремени решенија, кои им носат вистински и реални предности на луѓето од регионот.
За потсетување, кон крајот на минатата година во домашната јавност проструи веста за алтернативно членство во Унијата. Во тој контекст, на почетокот од декември македонскиот шеф на државата Стево Пендаровски информира дека на земјата ѝ било понудено членство во Европската економска заедница, но понудата била одбиена, затоа што нема друга алтернатива за нашата држава од полноправно членство во ЕУ.
Пендаровски тогаш не информира од кого дошла понудата, ниту кои други земји од регионот добиле такви понуди, но изјави дека предлозите циркулирале за време на подготовката на новата методологија за преговори со ЕУ.
Целосна, а не парцијална интеграција
Од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски за „Нова Македонија“ велат дека во однос на членството на земјава во ЕУ, претседателот Пендаровски има и претходно јавно истакнато дека на Република Македонија ѝ е потребно полноправно членство во Европската Унија, а не учество во алтернативни облици на соработка со ЕУ.
– Покрај економска интеграција, на земјата ѝ е потребна и политичка интеграција. Полноправното членство во ЕУ ни овозможува да сме дел од политичките институции на ЕУ. Нам ни е потребна политичка интеграција, затоа што добрата економија и стандард на живеење на граѓаните не може да се остварат само преку економска бенефиција, туку и преку владеењето на правото, почитување на човековите слободи и права, професионална администрација што работи во служба на граѓаните, слободни медиуми, независно судство во кое јавноста има доверба – истакнуваат од Кабинетот на претседателот.
Оттаму додаваат дека повеќе од две децении стратегиска цел на Македонија е полноправно членство во Европската Унија.
– Во таа насока е потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација, поднесена е апликација за членство во ЕУ, добиен е кандидатски статус, одлука за почеток на преговори со ЕУ. Ние како општество се зафативме со значителни реформски напори сиве овие години подготвувајќи се за членство во Европската Унија, од технички процеси, преку измена на законодавство до политички реформи, за да станеме полноправна членка на ЕУ, цел за која во континуитет има национален консензус од сите политички фактори, бизнис-заедницата, граѓанскиот сектор, медиумите и висока поддршка од граѓаните – се заклучува од Кабинетот на претседателот во одговорот до Редакцијата.
Стручната јавност препорачува внимателен пристап
Познавачите на меѓународните односи и дипломатијата со кои се консултиравме советуваат нашата држава внимателно да пристапи, разгледувајќи ги понудените опции за замена на членството во ЕУ и со крајна сериозност да постапи во понудените алтернативи.
Поранешниот македонски амбасадор Огнен Малевски вели дека Македонија треба да ги мониторира актуелните процеси со големо внимание.
– Последното пласирање на пробни балони по медиуми за европската иднина на земјите од Западен Балкан, но и нашата, е само едно од низата случувања што се актуелни периодот. Мислам дека без посериозна анализа на државните институции, нашите елити по овие прашања не треба да ги прифаќаат – вели дипломатот.
Тој потсетува дека државниот врв неодамна се дистанцира од опцијата Македонија да биде составен дел на Европската економската заедница наместо полноправното членство во ЕУ, па оттука можеби може да се очекуваат слични размислувања од раководството на земјата по новата иницијатива за економско членство одвоено од политичкото дејствување во ЕУ.
Дипломатот Драган Јањатов, пак, вели дека ваквите понуди што стигнуваат на адреса на нашата држава треба да се одбијат, бидејќи апликацијата на Македонија кон ЕУ е во сосема друг контекст.
– Точно е дека на Македонија ѝ се потребни економските параметри на Унијата, но многу поважно за нас е политичкиот статус на државата во заедницата. Имено, нашите проблеми низ историјата не потекнувале од економијата туку исклучиво од политичките околности. Оттука сметам дека оваа сурогат замена на оригиналот би била само фалсификат на нашето членство во ЕУ. Ние „не се боревме за ова“, туку се бориме за полноправно членство во целосна смисла на зборот. Доколку нам економските придобивки би ни биле на прво место, тогаш истите параметри би можеле да ги најдеме и во соработка со други центри на моќ, какви што се Кина, Русија и Индија – резимира Јањатов.