Претпријатието заедно со Град Скопје изминатиот период работеше на планот на процесот на проектот за компостирање, односно правење природно ѓубриво за потребите за одржување на зеленилото во главниот град. Но поради ситуацијата со пандемијата на ковид-19, целиот планиран процес се одложи. Тука сепак се работи за голем проект, за кој се потребни големи финансиски средства и кој треба да ги опфати и исполнува сите европски стандарди, а кои секако би биле од големо значење за потребите на градот, велат од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“
Пандемијата спречи еден благороден проект на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ – Скопје
Поголеми купови суви лисја од дрвјата може да се забележат насекаде низ градот, парковите и улиците, независно дали станува збор за фреквентни улици или не. Добро е тоа што лисјата се собрани на куп, за да не создаваат поголеми проблеми низ улиците, затоа што во услови на врнежливо време тие стануваат лизгави и предизвикуваат инциденти кај возачите, велосипедистите и пешаците.
Граѓаните знаат да негодуваат кога при поголем ветер лисјата се разлетуваат низ улиците и прават непотребно ѓубре, но и лизгав терен, кој им предизвикува проблеми при пешачењето. Сега тоа е во голем дел решено, но, за жал, купиштата лисја од кои беше планирано правење природно ѓубриво (компостирање), останаа на јавните површини.
– Во услови на дождливо време, како што е сега периодот, и ниски температури, лисјата скапуваа на тротоарите и на улиците и правеа лизгав терен. Во комбинација со дожд и ниски температури, тие се претвораа во лизгалиште и невозможно е да се пешачи преку нив. Неколкупати досега и пеш и со велосипед паѓам кога возам вака, среќа не ми се случил поголем инцидент да добијам посериозни повреди. Факт е дека не можат сите лисја во градот да бидат собрани, сепак тоа е природна работа и не се може против тоа – вели Сузана Трајановска.
Надлежните од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ велат дека нивните екипи редовно ги собираат паднатите лисја, но бидејќи лисјата постојано и секојдневно паѓаат, се добива впечаток дека не се собираат.
– За жал, во ситуација кога работиме со намален број работници поради пандемијата и со ограничен број механизација, во градот во одреден период може да се забележат неподигнати купчиња лисја, кои, секако, ќе бидат собрани во најкраток можен рок, колку што ни овозможуваат севкупните услови – велат од претпријатието.
Овие расфрлани лисја може многу да користат доколку правилно се користа,т бидејќи иако се паднати, сепак може да бидат од голема корист доколку се користат за компостирање, односно за правење природно ѓубриво од нив, кое претпријатието секако го користи, бидејќи го одржува и негува зеленилото во градот.
Сепак, од „Паркови и зеленило“ велат дека лисјата што паѓаат и кои се собираат од јавните зелени површини, за жал, поради актуелната пандемија и протоколи, не се компостираат.
– Претпријатието заедно со Град Скопје изминатиот период работеше на планот на процесот на проектот за компостирање, но поради ситуацијата со пандемијата на ковид-19, целиот планиран процес се одложи. Тука би напоменале дека сепак се работи за голем проект, за кој се потребни големи финансиски средства и кој треба да ги опфати и исполнува сите европски стандарди, а кои секако би биле од големо значење за потребите на градот – велат од претпријатието.
Од „Паркови и зеленило“ исто така ги замолуваат граѓаните да покажат разбирање и трпение, поради тоа што работат во вонредни услови, како и сите други, како последица на пандемијата во земјата.