Светските аналитички авторитети сѐ почесто лиферуваат докрај нејасни заклучоци за тоа дека годинава токму „неизвесноста станува најсигурна проекција“, а надежите ни стануваат „само желби за подобро утре“. И економските експерти велат дека може да се каже оти во 2021 година не може да се очекува динамично и избалансирано економско закрепнување
Пред светот е година на рестартирање, но и на тешко приспособување на непознатото
Многу повеќе надежи, а сѐ помалку реална увереност дека оваа година може да биде многу подобра од минатата, 2020 година. На почетокот од годината, во која вакцината против ковид-19 е најголемата надеж, речиси е невозможно да се најде точна прогноза што може да нѐ очекува оваа година, исто како што никој во 2019-та не можеше да предвиди дека во 2020-та ќе се случи она што ни се случи.
Светските аналитички погледи сѐ повеќе лиферуваат докрај нејасни заклучоци за тоа дека годинава токму „неизвесноста станува најсигурна проекција“, а надежите ни стануваат „само желби за подобро утре“.
И економските експерти велат дека може да се каже оти во 2021 година не може да се очекува динамично и избалансирано економско закрепнување.
Во која насока би се движела земјата оваагодина, но и што може да се случи на глобален план?
Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека најсигурно што можеме да очекуваме оваа година е победа над пандемијата, а тука вакцината е клучна.
– Сепак, сигурно е дека оваа година некоја жица на радост ќе се врати во светот, меѓу луѓето, ќе излезат од зачауреноста на просторот. Ќе има подобар економски раст, не случајно се брза со вакцинацијата, за да се тргне во економска борба и развој. Затоа што светот е изморен и економски исцрпен. За нас, мислам дека годинава и Бугарија ќе ги крене рампите за преговори и ќе оствариме еден дел од нашите европски амбиции. Оваа година ќе протекува во знакот на реформите во образованието, од основното до високото образование. За очекување е да се одржат и Олимписките игри – заклучува Тоновски.
Сценарио за 2021-та: Вакцина-дипломатија
Интересен е воведот на последниот број на „Економист“ од минатата година, а истиот тој како да е сценарио на филмски блокбастер. Имено, светот што (повторно) е поделен на ултрабогат и на сиромашен се соочува со нов проблем, како што стануваат достапни првите вакцини, фокусот се префрла „од исклучителниот напор за нивно правење и се движи кон застрашувачката задача на дистрибуција“.
„Вакцина-дипломатија“ ги следи борбите во и меѓу земјите за тоа кој треба да ја добие, кога и под какви услови.
Владите, поради исцрпеност на буџетот, се принудени да се откажат од „спасување на компаниите со финансиски инјекции“, а се вртат кон „класичните модели на помош на невработените“.
Јазот меѓу силните и слабите компании ќе се прошири, како и јазот меѓу силните и слабите земји и региони. Во оваа смисла, повторно станува актуелна теоријата на Дарвин од 1859 година, а имено дека „оние што не се приспособуваат ќе умрат!“ Следејќи ја оваа теорија, компаниите исто така мора да еволуираат за да можат да живеат. Правилото „ние секогаш сме работеле на тој начин“ (колку пати сте го слушнале ова од локални менаџери, но и занаетчии) е билет во еден правец за заборав.
Премрежиња за човештвото
Економистот, инвеститор и автор на низа анализи Мајк О’Саливан во „Форбс“ ги споредува дваесеттите години од ова столетие и дваесеттите години од минатото столетие и сугерира дека сега во тек е „големо судење на човештвото“. Но тој исто така нагласува и дека ова „судење“ дава причина за „возбудлив оптимизам“.
Тезата може да биде и претенциозна, но оптимизмот во неа базиран на реалноста е дека „дваесеттите години од минатиот век донеле многу новини во културата и медиумите и дека тогаш улогата на жената во општеството станала револуционерна“. Во таквиот контекст, еден век подоцна се чини дека, покрај технологијата, можеме да очекуваме големи иновации во етиката и креирањето политики.
По „периодот на разврат, следува – изненадување“. Моторите на промените на почетокот на минатиот век беа во метрополите, како Берлин, Париз, Њујорк и (британско-американскиот) Шангај, а сега промената може да дојде од Кина, Индонезија, Етиопија, Нигерија, Бразил, односно и земји што најчесто ги занемаруваме во ваквите „анализи“ и имаат огромен потенцијал поради големото растечко население и внатрешната волја за градење економија и подобро општество.
Пандемијата за годинава го враќа во фокус здравството
Пандемијата ја откри потребата за промени во здравствената заштита. Како прво, станува збор за зајакнување на превенцијата. Здравствените системи привлекоа внимание и на пазарот на капитал во кризата. Точките на кои се среќаваат здравството, технологијата и финансиите покажуваат дека овие области сѐ повеќе се преклопуваат.
Во исто време, трошоците за живот во постојан стрес растат. Пред пандемијата, СЗО ги проценуваше глобалните економски трошоци за изгубената продуктивност поради депресија и анксиозност на трилиони долари годишно. Пандемијата ја направи таа огромна бројка за краток рок мала, но нова бројка допрва треба да се пресмета.