Во деновите по божиќните празници, Балканот беше зафатен од студен бран, што донесе врнежи од снег и дожд и промени на невообичаено топлото време за овој период од годината. Медиумите информираат за различни временски прогнози во одделните региони. Хрватска беше зафатена со силни ветрови и обилни снежни наноси. Северните делови на Србија се справуваа со снежни наноси, а во општините на југот паѓаше дожд, кој предизвика поплави на некои места. Обилни врнежи од дожд имаше и во Македонија, Албанија и во Косово. Во некои места паѓаше студен дожд, а во Струга и Струшко деновиве имаше и појава на град! Во Грција се забележуваат највисоките температури во јануари во последните најмалку 50 години. Метеоролозите низ Европа предупредуваат дека допрва следуваат недели на временски варијации, кои во некои делови може да донесат и високи температури.
Хрватска: Непроодни патишта од снег
Силен ветар и зимски услови го отежнуваат сообраќајот на делови од Хрватска, а поради неповолните услови беше издадена забрана за движење на камиони со приколки на делниците меѓу Риека и Истра во внатрешниот дел на земјата. Во Горски Котар и Лика дуваше силен ветер. Спасувачките екипи извлекоа неколкумина патници што беа заглавени во своите возила. Поради лизгавиот коловоз на автопатот А1, автобус што се движел кон Загреб излетал од патот и се превртел. Како што јави полицијата, автобусот на автопревозот „Пожега“ излетал од патот и се превртел, при што биле повредени двајцата шофери и шест патници. Во автобусот имало 13 патници.
БиХ: Прекини во снабдувањето со струја
Интензивните снежни врнежи од снег предизвикаа проблеми на електроенергетскиот систем на подрачјето на југоисточна Босна. Неколку месни заедници на подрачјето на Горажде во неделата вечер останаа без струја. Висината на снегот на ова подрачје достигна од 20 до 70 сантиметри, а на планинските превои имаше и снежни наноси од околу еден метар. Состојбата во текот на вчерашниот ден се стабилизира, а работниците за одржување на патиштата го отстрануваа снегот од патиштата и пешачките површини.
Србија: На југот големи поплави
Во Србија најмногу снег има на планините, 70 сантиметри на Копаоник, 40 сантиметри на Стара Планина и 30 сантиметри на Златибор. Во Тутин паѓаше смрзнат дожд, што остави многу рурални домаќинства без електрична енергија. Околу 70.000 потрошувачи имаа проблеми со снабдувањето со електрична енергија.
Во општината Владичин Хан беше алармантна состојбата поради поплавата на куќите, улиците и нивите во неколку села. Реките Јужна Морава и Врла, кои течат низ градот, надојдоа и ги исполнија одбранбените насипи од поплави. Дождот во оваа општина непрекинато паѓаше 24 часа. Стариот пат Врање -Владичин Хан беше поплавен на повеќе места, а на асфалтот беа нанесени кал, камења и отпад. Новата населба во Бујановац и Бујановачка Бања се под вода, а селото Жежуљица поради надојдената вода беше отсечено од градот. Во критичните места што се зафатени од поплави пристигнаа екипи за спасување од Ниш и од Врање, заради евентуална евакуација на локалното население.
Автопатот Е-80 кај Црвена Река, во правец на Пирот, поради снег и свлечишта е единствената непроодна траса од прв приоритет, најавуваат од патиштата на Србија. Сообраќајот за камиони е забранет на одредени планински делници, а на возачите им се препорачува да бидат претпазливи и да имаат задолжителна зимска опрема. Во Белград има снег од 10 до 15 сантиметри.
Албанија: На помош и војската
Поради поплавите предизвикани од поројните дождови, неколку места беа изолирани, а албанската војска беше вклучена во снабдувањето со храна и вода на домаќинствата во северозападниот дел на Албанија. Во соопштението на Министерството за одбрана се наведува дека најмалку 36 семејства се евакуирани од областите Леж и Драч, како и домови на уште околу 20 граѓани, за кои е утврдено дека веќе не се „употребливи“ по оштетувањата во поплавите. Околу 7.450 хектари земјиште е поплавено во Скадар, Леж и Драч, некои мостови во руралните области се уништени, а некои патишта се привремено блокирани поради лизгање на земјиштето. До некои села може да се пристигне само со воени камиони или мали чамци. Поради дождот во централна и југозападна Албанија постои опасност од зголемување на нивото на водата во реките, но ситуацијата засега е стабилна. Езерото и реките Дрим и Буна се наоѓаат на критични точки, на само неколку сантиметри од максималниот капацитет. Регистрирани се и одрони, а полицијата мораше да евакуира 40 семејства.
Македонија: Опасност од поплави
Дотекот на водите во реките во Македонија е драстично зголемен по врнежите што изминативе денови ја зафатија земјава. Според вчерашните хидролошки мерења, надојдени се Вардар, Треска, Лепенец, Пчиња, Бабуна, Брегалница, Струмица, Црна и Сатеска. Поради вчерашните дождови, постои опасност од зголемување на водостојот на поголемите реки и нивно излевање на критичните места. Покрај снежните врнежи, на повисоките места во Македонија беше забележана и невообичаена појава за овој период од годината, а тоа е што во Струга и Струшкиот регион изминативе денови паѓаше град.
Стручните лица од интервентните екипи на АД МЕПСО вложија натчовечки напори и успеаја по непрекината 16-часовна работа да го вклучат под напон 110-киловолтниот далновод ТС Вруток – ТС Шпиље, информираат од оваа компанија. По неколкучасовен прекин, жителите на Дебар и неколку околни населени места добија електрична енергија. Дистрибуцијата на електрична енергија беше прекината поради паднати дрва на далноводот и мразот што беше предизвикан од заледениот дожд и невремето што ја зафати нашата земја.
Косово: Најкритично во Дукаѓини
Дождливиот бран го зафати и Косово, кое се соочува со поплави. Ситуацијата е најлоша во Дукаѓини. Косовските безбедносни сили се во состојба на готовност и веќе многупати интервенирале во ситуации каде што биле загрозени животот и имотот на граѓаните.
Грција: Топло време во јануари
Топол бран со температура од дури 28 Целзиусови степени ги измами Грците да излезат на плажите и во парковите. Според Атинската национална опсерваторија, температурата во Ханија, на јужниот остров Крит, достигнала 28,3 степени околу пладне, што е една од највисоките јануарски температури во последните педесет години.Типичната температура во овој период од годината во Грција е околу 15 степени. Во Атина достигна 22 степена.