Експертите сметаат дека интензивно се говори само за лошите страни на технологијата, а не и за нејзините бенефиции, како и тоа дека таа ќе продолжи да се развива и да ни ги олеснува животите, а за негативните ефекти и зависности секој сам треба да преземе лична одговорност
Научниците одамна ја сместија модерната технологија во петте најчести зависности на современото општество. Според некои истражувања, просечниот корисник на мобилен телефон го проверува екранот на секои пет минути, до 200 пати на ден. За 24 часа добиваме до 22 повици и 25 пораки, додека часовникот го проверуваме 20 пати. Пристапот до интернет е почест, така што корисниците ги користат социјалните медиуми во просек до четири часа на ден. Оваа зависност е уште поистакната изминатата година, за време на пандемијата.
Технологијата е првата алатка против осаменоста
Анксиозност, депресија, осаменост се најчестите проблеми со кои се соочуваат многумина откако почна пандемијата. Скратувањето на социјалниот живот, немањето физички допир, изолацијата и константиот страв се главните причини за појавата на овие чувства. При немањето избор како да се соочат со овие емоции, првата алатка за помош што ја користат луѓето е технологијата.
– Сега повеќе од кога било е истакната потребата за социјално вмрежување, затоа што реалноста, односно физичките средби се реткост. Порано можевме да излеземе на кафе со пријатели и да споделиме со нив радост и тага. Осаменоста е проблем број еден што се јавува во услови на пандемија, па само преку интернет тие луѓе може да бидат во контакт со светот. Сево ова сигурно ќе има последици, но ние немаме сигурност дека ова ќе заврши како ситуација, туку ќе се одолжи во друга форма. И физичкиот контакт нема веќе да биде тоа што беше. Секое однесување што носи комфор е тешко да се напушти, па големи се шансите да се случи токму тоа – смета психологот Радмила Живановиќ.
Сепак, технологијата овозможува нови начини на истражувања, нови инструменти, со кои добиваме научни сознанија.
– Технологијата ни овозможи да живееме понормално и пандемијата да ја минеме попродуктивно и позабавно. Ни помогна да работиме од дома. Да се случеше ова кога немавме комуникациски системи, многу луѓе ќе останеа без работа, вака и наставата продолжи. Технологијата ни помогна да не запре сè – вели таа.
Дваесет часа на интернет неделно предизвикуваат зависност
Технологијата ни помогна во сето зло што нè снајде. Мене ми се роди дете во пандемија и со кумот наздравивме онлајн. Со технологијата, времето дома е попродуктивно и позабавно. Инаку, ќе требаше да играме друштвени игри, ама и за тоа се потребни повеќе луѓе. Вака барем може да гледаме филмови, да слушаме музика, да видиме нешто едукативно и забавно – вели Иван Чорбев, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
Научниците од Тајван тврдат дека повеќе од дваесет часа поминати на интернет неделно предизвикуваат зависност. До слични резултати дошле и истражувачите од Европа и од САД. Во Јужна Кореја, на пример, постои клиника за интернет-зависници на кои им се помага со физиотерапија, забавни активности, психотерапија. Покрај тоа, секој пациент секојдневно добива петнаесетминутна акупунктура. Оваа клиника има капацитет за десет пациенти, а на листата на чекање има дури петстотини. Оваа клиника има излечено стотици зависници од компјутери, чиј напредок го следат по завршувањето на третманот.
– Зависноста од технологијата беше присутна и претходно, уште кога се појавија социјалните мрежи. Дали ова ќе премине во сериозна зависност? Не знам. Меѓутоа технологијата оди толку напред што, на пример, ајфон предупредува ако гледаш во телефонот повеќе од пет часа. Таквите предупредувања на паметните телефони се појавија уште пред повеќе години – додава Чорбев.
Експертите сметаат дека интензивно се говори само за лошите страни на технологијата, а не и за нејзините бенефиции, како и тоа дека таа ќе продолжи да се развива и да ни ги олеснува животите, а за негативните ефекти и зависности секој сам треба да преземе лична одговорност.