Американската полиција ја идентификува жената што рани три лица во нападот врз седиштето интернет-гигантот „Јутјуб“. Станува збор за Насим Агдам, која се самоубила по нападот во калифорниската компанија. Агдам (39) наводно била гневна на „Јутјуб“, затоа што компанијата престанала да ѝ плаќа за видеоматеријалите што ги објавува на сајтот. Агдам, која живеела во Риверсајд па во Сан Диего, во нападот ранила две жени, на возраст од 26 и 32 години, како и еден 36-годишен маж.
Агдам познавала еден од ранетите во нападот, кој е со прострелни рани и е во критична состојба во болница во Сан Франциско. Таа подоцна била пронајдена мртва, со повеќе рани од огнено оружје. – Настрадала најверојатно од раните што сама си ги нанела со огнено оружје – соопшти полицијата. Таткото на Насим Агдам, Исмаил, тврди дека неговата ќерка била гневна на „Јутјуб“, бидејќи повеќе не добивала пари од компанијата за видеоснимките што таа често ги објавувала на популарниот интернет-сервис. Исмаил Агдам тврди дека ја предупредил полицијата за опасноста неговата ќерка да отиде во централата, затоа што таа ја мразела компанијата.
Освен тоа, во понеделникот тој го пријавил во полиција нејзино продолжено отсуство, бидејќи таа два дена не одговарала на телефонските повици. Исмаил рекол дека полицијата во Маунтин Вју му се обратила завчера околу 2 часот по локално време и му рекле дека ја нашле Насим како спие во автомобил. Тој ги предупредил дека може да отиде во седиштето на „Јутјуб“. Портпаролката на полицијата во Маунтин Вју Кејти Нелсон потврди дека полицијата нашла жена со исто име и презиме како спие во автомобил на паркинг во градот во вторникот изутрината, која не сакала да даде објаснување. Американските медиуми пренесуваат дека Агдам сметала дека Јутјуб ги „дискриминира и филтрира“ нејзините снимки, за да се намали бројот на прегледувања. Таа исто така била позната и како активистка, која претходно учествувала на протестите за правата на животните. Компанијата „Гугл“, која е сопственик на „Јутјуб“, објави дека го истражуваат инцидентот. Во седиштето на „Јутјуб“, во американската сојузна држава Калифорнија, работат околу 1.700 луѓе.