Фото: Игор Бансколиев

НАУЧНО ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА ПОТЕКЛОТО НА НАРОДИТЕ

Галичаните отсекогаш биле уникатни во своите обичаи, култура, традиција, генетски код. Галичник се смета за едно од најстарите села во мијачкиот предел, чија специфична култура и денес е предмет на истражување. Пред пет години почна едно истражување со кое се правеше популациска генетска анализа на галичаните. Истражувањето неодамна заврши, а го правеше д-р Ана Момировска, специјалистка по медицинска биохемија, магистерка по педијатрија и молекуларна биологија во соработка со Медицинскиот факултет во Љубљана (Институт за патологија, Оддел за молекуларна биологија).
– На Институтот беа веќе спроведени слични истражувања во неколку села во Словенија и колегите имаа искуство во спроведување популациски анализи за да се добијат информации за потеклото. Искомунициравме со тамошните колеги и се договоривме да направиме проект за испитување на генетското потекло на жителите на некогашен Галичник. Идејата беше прифатена, пред сѐ со големо залагање на докторот специјалист Андреј Жупан. Под негово водство и со уште некои други колеги од институтот идејата се реализира. Анализите беа направени со најсовремени техники на молекуларната биологија, како и со современи статистички програми – вели Момировска.
Галичник не е одбран случајно. Некогашната популација живеела во затворен круг, биле изолирани од околното население, па токму затоа нивните гени се многу малку мешани и може точно да се утврди какво е нивното филогенетско потекло.
– Селата во кои немало големо мешање на популацијата се погодни места за испитување на потеклото на народите. Доколку се прават генетски истражувања во големите градови не можат да се донесат соодветни заклучоци, во градовите популацијата е мешана. Затоа Галичник беше избран за една ваква пилот-студија, како соодветен за истражување.

Галичник е познат по своето културно наследство, уникатни културни обичаи, Галичката свадба, па ми беше предизвик да истражиме и да видиме дали може да се дојде до некаков интересен заклучок. Проблем беше што селото е веќе напуштено, па испитаниците ги баравме во други места, пред сѐ во Скопје – раскажува Момировска.
Во текот на студијата истражувањето се проширило. Додека научниците разговарале со луѓето, кој од која фамилија е, тие многу често се жалеле и за здравствените проблеми. Една група од 25 испитаници се согласила да се направат дополнителни анализи, конкретно за генетски бубрежни болести.
Популациската анализа е направена со анализирање маркери на ипсилон-хромозомот (машкото наследство, во случајот испитаниците беа мажи чиј татко е по потекло од Галичник) и митохондријална ДНК, која се наследува само преку мајките (во овој случај беа испитувани мажи и жени чии мајки се по потекло од Галичник).
– Во групата на 25 испитаници кај кои се тестираа наследни бубрежни болести се детектираа мутации во гените за колаген, што кај некои од нив е причина за појава на Алпортов синдром – наследно заболување. Спаѓа во групата на ретки болести. Најдовме четири мутации што можат да бидат поврзани со тој синдром (автозомен и Х врзан). Од тие четири мутации, две сè уште не беа објавени во светската база на мутации за Алпортов синдром. Три од најдените мутации беа најдени само во една фамилија, што е прв ваков случај објавен во литературата – објаснува Момировска.
Популациската анализа била направена на 111 испитаници (44 мажи и 67 жени) и покажала многу хомогена генетска структура, особено во анализата на ипсилон-хромозомот.

Детектирани се вкупно четири различни хаплотипови (гени што не се рекомбинираат и немаат свој пар кај другиот хромозом). Анализата на ваквите хаплотипови овозможува да се истражи кое население од каде потекнува. Најчест хаплотип, кој е поврзан со ипсилон-хромозомот, е Р1а-М458, а втор по зачестеност е хаплотипот Р1б-У106. Хаплотипот Р1а-М458 е присутен со 56,8 отсто и хаплотипот Р1б-У106 со 25 отсто.
Во низок процент е најден хаплотип Г2а и кај само една фамилија хаплотип Е1б1б. Овие наоди се разликуваат од досега публикуваните наоди за Македонија, каде што постои присуство на различни хаплотипови, доста рамномерно измешани.
– Направена е споредбена анализа со европските популации за кои има податоци во литературата и притоа е најдено најголемо совпаѓање со популацијата во Полска. Првиот хаплотип Р1а-М458 е најчест во Полска и општо е чест хаплотип за популацијата на Западните Словени, Словаци, Чеси, Полјаци и Словенци. Тоа совпаѓање со популацијата во Полска е потврдено со три различни статистички методи. Во стручната литература се сугерира дека хаплотипот Р1а-М458 се раширил низ голем дел од европскиот континент, со миграција на луѓе познати во археологијата како курганска култура. Втората по зачестеност хаплогрупа Р1б-У106, укажува на келтско-галско потекло (Келти е грчко име, а Гали римско име за истите племиња). Според литературата, овој хаплотип е најчест источно од басенот на реката Рајна, Ирска, Шкотска, Велс и Франција. Според студии базирани на ДНК од антички примероци (Хаак и сор.), двата хаплотипа Р1а и Р1б се поврзани со доаѓањето на номадите Јамнаја, од степските предели, во време на доцниот неолит – вели Момировска.

Анализата на женските хаплотипови е поразнолика и не покажува разлика во однос на други европски популации. Најдени се 13 хаплогрупи, а најчест хаплотип е хаплотипот Х-11. Похомогено е наследството на машките гени што укажува на патријархален начин на лоцирање на семејството, што може да се објасни со обичајот жените откако ќе се омажат да одат во семејството на мажот. Затоа машките гени се хомогени, неизмешани, а женските се подивергентни.
– Сметаме дека со оваа студија се потврдува преданието дека Мијаците се словенско племе, како што пишува и претходно во некои историски документи. Наодот кореспондира со фамилијата на гени карактеристични за Западните Словени. Од друга страна, наодите на хаплотипот Р1б и Г2а се најверојатно остаток од староседелското население Келти, односно Гали што би кореспондирало со податоците од преданијата за староседелци номади што често мигрирале и биле познати по името Власи или Куцо Власи. Можеби и името Галичник потекнува од некое старо време и сака да ни каже дека на овие простори престојувале Гали. Во врска со келтското потекло, не се правени археолошки ископувања во Галичник, но има веќе публикувано два труда, во кои автор е археологот Паско Кузман, заедно со уште еден Словенец – професорот Митја Гуштин и се однесува на археолошки наоди од Охрид, Горна Порта.

На овој археолошки локалитет се откриени келтски шлемови и гробови, кои укажуваат на погребување на великодостојници. Тука би цитирала една мисла од познатиот галичанец Риста Огњановиќ Лоноски, кој на едно место во своите книги за Галичник вели:,,Мора да има некоја врска меѓу Галичник, Галичица, Лагадин и Галикос (река во близината на Солун)“. Многу прашања за нови истражувања и одговори – заклучува Момировска.
Истражувањето е објавено во ноември 2020 година, во меѓународното научно списание „Џинс“ (Genes).

[email protected]