И по сите жртви, Македонија остана во чекалницата на ЕУ и потпрена сама на себе
Со променето име, но уште повеќе со нови закани по идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ, Македонија во 2021 година влегува заглавена во европската чекалница, без некакви очекувања од оние што требаше да ги претставуваат европските вредности, и потпрена сама на себе. Според аналитичарите, добро е што земјава конечно почнува да се освестува и да сфаќа дека таа сама треба да ги создаде европските вредности за своите граѓани
Македонија ја заврши 2020 година пред портите на Европската Унија, блокирана којзнае по кој пат и соочена со уште поголеми предизвици од кои зависи нејзината иднина како држава, но и иднината на македонскиот народ.
Кога во далечната 1991 година првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, на плоштадот „Македонија“ во Скопје пред еуфоричните граѓани ја честиташе независноста на државата, стекната по вековната борба на генерации патриоти, никој не можеше ни да претпостави дека оваа мала земја во срцето на Балканот ќе продолжи да чекори по трнливиот пат кон Европа, трпејќи ги ударите од сите страни, како историјата да ѝ се повторува одново и одново дури и во 21 век.
Новата држава Република Македонија стана трн во окото на истите оние сили што и пред сто и повеќе години ја парчеа и делеа, а сега продолжуваат да ѝ го отежнуваат секој чекор напред.
Додека тогашната Европска заедница почна да ги признава државите од поранешна Југославија, Македонија иако според Бадентер ги исполнуваше условите за тоа, повторно, како и многупати низ историја, извиси токму од Европа.
Следуваше блокадата за приемот во Обединетите нации, поради што земјава мораше да се понижи и да влезе во ОН под срамната референца ПЈРМ, која ја носеше речиси 30 години.
Ембарга од југ, блокади од север, увезен воен конфликт, беа дел од сопките што некој постојано однадвор ги поставуваше, а Европа ги затвораше очите и застануваше во одбрана на посилните и помоќните.
И покрај сите омаловажувања и неправди, македонските граѓани продолжија да веруваат во истата таа Европа, која приказната за европски вредности и подобар живот успешно ја продаваше од година на година.
Бараните реформи помалку или повеќе се спроведуваа, некаде успешно, некаде помалку успешно, но желбата за европска иднина на земјата во ниеден момент не спласна.
– Земјата успешно чекори кон ЕУ, единствен проблем е само името. Решете го тоа со Грција, и Европа ве чека – ветија повеќе европски политичари што продефилираа низ Скопје во времето кога почна да се наѕира решение за тридеценискиот спор со јужниот сосед.
Со длабока горчина во душата, Македонија ја направи најтешката жртва, додавајќи ја придавката „Северна“ на уставното име, само конечно да ѝ се отворат европските порти.
И кога сите помислија дека европскиот сон ќе стане јаве, истата таа Европа што ветуваше брда и планини, најпрво преку Франција, а потоа и преку Бугарија повторно ја блокира земјава, погазувајќи си ги сопствените ветувања.
Со променето име, но уште повеќе со нови закани по идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ, Македонија во 2021 година влегува заглавена во европската чекалница, без некакви очекувања од оние што требаше да ги претставуваат европските вредности, потпрена сама на себе.
И сега, кога го изоде најдолгиот пат, кога ги поднесе најголемите жртви што еден народ може да ги направи, кога зборот „вето“ стана синоним за земјава, останува прашањето „Дали вреди?“.
– Најкоректно кажано, не е на одмет. Сето она што од аспект на реформи го правиме, сè додека не задира во идентитетски теми и редефинирање на македонското самопоимање, е за наше добро и, оттука, дури и членството да не се случи никогаш, реформирање според критериумите на новата методологија секако ќе донесе само добро за земјата од системски аспект и аспект на вредности – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.
Тој додава уште и дека земјава со продолжувањето на европскиот пат би имала дополнителна полза од економската помош што би дошла, а која, според него, е секако добредојдена.
Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка смета дека ЕУ со постапките што ги направила ги погазила сопствените вредности, но дека земјава предолго е на европскиот пат за да се откаже сега.
– По трета блокада од ЕУ-членка (Бугарија, по Грција и Франција) и не знам веќе кое по ред вето за фамозниот „датум за преговори“, во сите случаи со грубо прекршување на уште пофамозните ЕУ-вредности и принципи (владеење на правото, правда, самоопределување, недискриминација), може само да констатираме дека ни ЕУ не е тоа што беше, па на место е прашањето дали вреди и натаму толку да „запнуваме“ за ЕУ-членство. Сепак, премногу вложивме кон таа цел за целосно да го смениме курсот, но мора трезвено да се согледаат и можните алтернативи и поактивно да се работи на нив – нагласува Кржаловски.
Според него, добро е што земјава конечно почнува да се освестува и да сфаќа дека таа сама треба да ги создаде европските вредности за своите граѓани.
– За жалење е и тоа што на некои од нашите водечки политичари дури сега им текнува дека треба самите да ги постигнеме ЕУ-стандардите (и пред и без членство од ЕУ), наместо што сите овие години се однесуваме како просјаци кон ЕУ и само зборуваме за некои пари и пристапи до фондови, како волшебна формула за решавање на сите наши проблеми. Добро е само што со последново вето, конечно удривме со главата во ѕид, па и тврдокорните верници во Брисел (порано во Белград) разбраа како стојат работите – сами со своите сили и знаења кон европските вредности и стандарди, сеедно дали некогаш ќе станеме членка или не – порачува Кржаловски.
И, повторно, дали вреди? Вреди само заради нас, не заради Европа. Ако решиме сами да ги направиме европските вредности дома, да ги засукаме ракавите и да го направиме тоа. Конечно. Оваа 2021 година можеби е добар почеток.