Проблемот со егзодусот на младите и високообразовани лица еднакво е присутен во сите земји од Западен Балкан. Покрај малите шанси за побрзо економско интегрирање, младите лица на Балканот ја изгубија и потребата да учествуваат активно во креирање на политичките случувања во матичните земји
Телевизискиот прилог за долгите редови на граничните премини на Балканот, пред почетокот на божиќните празници, нѐ потсети на големиот егзодус со кој се соочуваат земјите од регионот. Сите од анкетираните соговорници беа млади луѓе на возраст од 30-35 години, кои одлучиле предновогодишниот одмор да го поминат со најблиските во своите родни огништа. Проблемот со егзодусот на младите лица еднакво е присутен во сите земји од Западен Балкан. Годишно околу 50.000 Хрвати заминуваат од земјата, која со Бугарија е меѓу најсиромашните членки на Европската Унија. Најмногу се иселуваат младите од Славонија, но на печалба заминуваат и од Далмација и од Дубровник, градови во кои, според некои овдешни стандарди, добро се живее.
Во незавидна бесперспективна состојба се наоѓаат и младите со високо образование, кои не можат да остварат приходи за пристојна егзистенција со своите професии за кои се школувале.
– Живеам на самото општествено дно и не гледам светла иднина доколку не најдам некаква работа. Бев принуден да се пријавам во народна кујна. Со тешка мака одам да земам јадење. И претходно имав недоволно приходи, но последните 11 месеци се случува вистински пекол – изјави дваесет и шестгодишниот Кристијан Вујчиќ од Босна и Херцеговина за Радио Слободна Европа. Тој пред три години дипломирал на јавна управа на Факултетот во Приедор. Учествувал на многу конкурси за работа, но никогаш не бил повикан за да работи по својата струка. Се вработил како магационер, но од почетокот на пандемијата добил отказ. Не избирал работа, а се вработил и во пилана за обработка на дрва, работел на нива.
Во БиХ живеат околу 777.000 млади на возраст од 15 до 30 години, од нив 60 отсто се невработени. Повеќе од половината на работа чекаат подолго од две години, а една петтина и до пет години, покажуваат податоците на Министерството за цивилни работи во БиХ. Во 2019 година имало 11.438 невработени лица со висока стручна спрема, кои биле на возраст од 24 до 34 години.
Слични податоци покажала и Студијата за младите од 2019 година, која е спроведена во десет земји од Југоисточна Европа, со поддршка на германската фондација „Фридрих Еберт“, што ја објави „Дојче веле“. Заклучокот од истражувањето е дека невработеноста на младите е типична за целиот регион. На прво место е Косово со 43 отсто од младите што немаат работа. По неа е Албанија со 41 отсто, БиХ со 39 отсто невработени, Црна Гора со 29 и Македонија со 26 отсто невработени. Најмала стапка на невработени млади лица има во Србија – 20 отсто, но од вработените 61 отсто работат на определено време во т.н. флексибилен сектор без постојано вработување.
– Состојбата за младите во БиХ е депримирачка. Тие не само што се невработени туку не постои и надеж да се смени тоа. Клучен проблем во БиХ е што општеството не ги препознава како најдрагоцен развоен ресурс. Не постои политика за задржување на младите, школувани и образовани луѓе. Наспроти ова политичкиот амбиент во БиХ е непожелен за живот – вели Јусуф Жига, социолог и еден од авторите на студијата за РСЕ.
Светската банка и Институтот за меѓународни економски студии од Виена во 2019 година ја објавија студија „Трендови на пазарот на трудот на Западен Балкан“, во која се наведува дека оданочувањето на приходите од трудот на Западен Балкан е релативно високо за најниските плати и за работниците со издржувани членови на семејството. Работниците со ниски примања се во особено неповолна положба на формалниот пазар на трудот, во смисла на износот на нето-платата и релативно високите трошоци за нивно вработување, во споредба со оние што имаат средни или високи приходи.
Покрај малите шанси за побрзо економско интегрирање, младите лица на Балканот ја изгубија и потребата да учествуваат активно во креирање на политичките случувања во матичните земји. Според нив, голем проблем претставуваат корупцијата и партизацијата при вработувањето, а тоа е поврзано и со желбата на младите за вработување во јавниот сектор. Студијата од 2018 година, во споредба со претходниот период, покажува дека подготвеноста на младите што сакаат да емигрираат е во ист процент, со помало смалување во Албанија и Косово. Интересен податок е што младите и образовани лица од имотно подобрите семејства во Албанија се поодлучни во напуштањето на земјата. За разлика од нив, во БиХ и во Косово подобро ситуираните млади лица сакаат да останат во татковината.
Пред почетокот на епидемијата на коронавирусот, на крајот на 2019 година во Македонија невработени биле 20.698 лица на возраст до 29 години. Младите со високо образование подолго чекаат за своето прво вработување, а една од причините е и тоа што по завршувањето на факултетот се надеваат дека ќе најдат работа што е во согласност со нивните квалификации. До 31 декември лани, во Агенцијата за вработување во Македонија се евидентирани вкупно 20,3 отсто од невработените лица. Според школската подготовка, 36,9 отсто, односно 7.629 се без или со основно образование, а 19,3 отсто или 3.997 се со високо образование, вклучувајќи и 323 магистри.
Од почетокот на кризата со коронавирусот, најмалку 12.000 луѓе останаа без работа и без егзистенција, а речиси 3.300 од нив се млади луѓе под 29 години (не сметајќи ги лицата што работат во неформалната економија). Секој четврти човек што останал без работа е младо лице, што дополнително ја отежнува состојбата со младинската невработеност во земјата, која е меѓу највисоките во Европа, а изнесува 35 отсто, предупредуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија. Економските експерти и работодавците како главен фактор за оваа состојба ја гледаат и несоодветната уписна политика на факултетите, со која се форсира запишувањето на студенти на општествените науки, додека на домашната индустрија ѝ се потребни електро и машински инженери, технолози и други стручни занимања.