Фото: Игор Бансколиев

Граѓаните со новогодишна честитка до политичарите

Најновите испитувања на јавното мислење покажуваат рекордно ниско ниво на доверба на граѓаните во најголемите политички партии.Ваков низок степен на доверба во политичките партии немало никогаш досега во историјата на државата. Во едни вакви околности, се наметнува и дилемата дали партии со доверба под 20 отсто можат да владеат, односно дали имаат легитимитет да одлучуваат за судбината на граѓаните, кога огромното мнозинство воопшто не им верува

Голем пад на довербата на граѓаните во најголемите политички партии во земјава покажува најновото истражување на јавното мислење, што на некој начин е само потврда дека политичката и партиска безидејност го достигна врвот и поради тоа македонските граѓани сè помалку им веруваат.

Резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и на телевизијата Телма покажаа дека владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ бележат историски ниска поддршка, која падна под 20 отсто.
Имено, на прашањето „Доколку утре се одржат парламентарни избори, за која партија би гласале?“, 18,6 отсто од испитаниците рекле за СДСМ, а 18,1 отсто ја избрале ВМРО-ДПМНЕ, бројки што во поновата плурална историја не се паметат. Ваков низок степен на доверба во политичките партии немало никогаш досега.

Колку за споредба, резултатите од анкетите во 2018 година покажуваа дека тогаш за СДСМ би гласале 25,5 отсто, додека за ВМРО-ДПМНЕ 20,6 отсто.
Ваквиот развој на настаните можеше да се претпостави по неколкуте последни изборни циклуси, кога почна да се осипува бројот на гласачи за овие партии, на сметка на зголемениот број луѓе што не излегле на гласање.
Токму негласањето е најдобриот доказ дека граѓаните повеќе не им веруваат на политичарите, односно дека не гледаат опција на која би ѝ ја дале довербата, така што она што сега се поставува како прашање е дали партиите со доверба под 20 отсто воопшто и можат да владеат, односно дали имаат легитимитет да одлучуваат за судбината на граѓаните, од кои огромно мнозинство не им верува.
За политичкиот аналитичар Сашо Клековски постои криза на довербата кај гласачите во двете најголеми партии.

– СДСМ оди стрмоглаво надолу. ВМРО-ДПМНЕ има одредена загуба во однос на мобилизацијата на изборите, претпоставувам дека тоа е поради отвореното фракционерство во партијата, така што јасно е дека некои од гласачите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ преминале во Левица. Генерално, јас не паметам кога овие две партии во анкетите биле под 20 отсто. Како општ заклучок би рекол дека има криза на доверба во главните политички партии, тоа незадоволство во моментот го канализира Левица. Оваа партија сега е главниот канализатор на незадоволството на граѓаните – смета Клековски.

Според него, за ова придонесува и немањето политички дијалог и политичка култура меѓу партиите.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека падот на довербата на граѓаните во двете најголеми партии се должи на немањето реален напредок во општеството.
– Општеството не напредува. Не се решаваат ниту општи проблеми од типот на европски развој и перспективи, нема успех во решавањето на внатрешните проблеми во сите области, економија, образование, здравство, култура, и логично е населението да е разочарано. Бидејќи овие две партии досега главно беа носители на власта, сосема е природно да не им се верува – вели Андревски.
Тој додава дека и на двете партии им се памети лошото владеење и логично не можат да добијат поголема доверба.

Пиар-експертот Синиша Пекевски недовербата на граѓаните во политичките партии ја гледа во неисполнетите ветувања.
– Континуираниот пад на довербата е затоа што политичките партии не си ги одржуваат ветувањата, а и целокупната ситуација што се случува во земјава, како неисполнувањето на ветувањето за почеток на пристапните преговори со ЕУ, нерешавањето на многубројните афери, придонесуваат вербата во системот континуирано да опаѓа. И тоа е нормално, поради тоа што се гледа дека системот не функционира во голем број случаи – вели Пекевски.

Според него, граѓаните се разочарани од платената политичка цена и не се исклучува можност тоа да придонесува да размислуваат за некоја трета опција.
– Мора да има силна опозиција за да има силна власт. Кога има квалитетни луѓе во опозицијата, тогаш и власта ќе мора да се зајакне за да им одговори. Сè додека имаме опозиција што не е опозиција, власта може да си дозволи секаков луксуз и да не испорачува ништо, а тоа повторно да не ја чини ништо – констатира Пекевски.


ДОМАШНИ ПАРАДОКСИ

Максимално исполитизирано општество, минимална верба во партиите

Парадоксална ситуација се случува во македонското општество изминатите десетина години, односно сите разговори започнуваат и завршуваат со политика, а од друга страна опаѓа довербата на граѓаните во партиите и во политиките што тие ги водат.
Имено, на пазар, на улица, на натпревар, во кино, во берберница, на слави, буквално секаде, по првичното поздравување меѓу присутните, следен муабет се случувањата на политичката сцена.
И тоа не познава старосни граници, па за политика дискутираат од дечињата на петгодишна возраст, тинејџерите, бизнисмените, уметниците, професорите, автомеханичарите, до пензионерите.
Од друга страна, оваа исполитизираност на општеството последните години не соодветствува со довербата што луѓето ја искажуваат кон политичките партии.
– Македонското општество покажува еден специфичен тип на политизираност и заинтересираност за политиката, а помалку покажува степен на активација, степен на движење на идеи, на интереси. Кај нас има политизација, а во смисла на активно учество тоа е сосема мал дел. Се прави муабет само за политика, а ако треба да се направи некаков отпор или движење, тоа тешко се почнува – објаснува универзитетскиот професор Живко Андревски.
Социологот Илија Ацевски смета дека станува збор за интересен феномен во македонското општество што е резултат на повеќегодишната борба меѓу партиите.
– Ние 30 години сме ставени во еден вид мантрање и од едната и од другата партија, а во суштина нема некаков повидлив прогрес во општеството. Покрај тоа, партиите кај нас го загубија концептот, односно не се знае која е лева, која е десна партија, која конзервативна, која го претставува центарот. Тие партии отстапија од сопствените принципи. Затоа никој повеќе не им верува, а граѓаните се занимаваат со дневна политика – вели Ацевски.

Фото: Игор Бансколиев