На две години до парламентарните избори во Шведска, партиите од центарот во парламентот се заложија за членство на Стокхолм во НАТО. Дебатата дали земјата да му се приклучи на западниот одбранбен сојуз создаде судир меѓу левицата и десницата во земјата за прашањето за воената неутралност на земјата
Воено неутралната Шведска деновиве ја преиспитува својата безбедност, па тамошните политичари ја интензивираат дебатата во парламентот дали државата треба да му се приклучи на западниот одбранбен сојуз НАТО. Овие случувања во скандинавската држава периодов станаа актуелни откако на неполни две години до одржувањето на следните парламентарни избори во земјата, партијата на центарот и Христијанско-демократската партија се заложија за членство во Алијансата, тврдејќи дека на Шведска ѝ е потребна безбедноста што ја нудат одбранбените гаранции на членството во НАТО. Како што наведува магазинот „Политико“, дебатата дали земјата да му се приклучи на западниот одбранбен сојуз создаде судир меѓу левицата и десницата за прашањето во 2022 година.
Рамнотежа на моќта
Имено, актуелната малцинска влада на социјалдемократите и зелените плус нивните сојузници, Левата партија, остануваат цврсто против, повикувајќи се на вредноста на неутралноста во, според нив, поларизирачкиот свет. Од друга страна, четири традиционално сојузнички партии на десниот центар Умерената партија, либералите, Партијата на центарот и демохристијаните се за, велејќи дека на Шведска ѝ неопходна воена безбедност поголема од таа со која сега располага.
– Прашањата на одбраната вообичаено не се наоѓаат високо на агендата на изборите тука, но бидејќи шведските демократи сега ја сменија својата позиција, можеме добро да видиме поголем интерес – рече Алан Видман, пратеник на Либералната партија и портпарол за одбранбена политика.
Во меѓувреме, светските медиуми оценуваат дека усвојувањето на „опцијата за НАТО“ од страна на Шведска во овој момент не значи обврска за започнување преговори за влез. Според пишувањата, тоа е така бидејќи ако се следи примерот на другите соседни држави, како Финска, која уште во 1995 година ја активира таквата можност со НАТО, но сè уште е надвор од атлантскиот пакт, не смета како потег во таа насока.
Сепак, можното шведско членство во Алијансата би ја нарушило и онака кревката рамнотежа на моќта во инаку нестабилниот Балтички Регион каде што официјално неутралните Шведска и Финска и членките на НАТО, како Данска, Германија, Полска и балтичките држави, редовно се соочуваат со Русија, оценува „Јуроњуз“. Според бриселскиот медиум, уште во август, Шведска распореди своја војска на балтичкиот остров Готланд откако безбедносните сили регистрираа дека руски воени бродови пловеле во неговата близина.
Русија загрижена од тесните врски на НАТО со Шведска
Паралелно на случувањата во Шведска, руското министерство за надворешни работи неколкупати досега јавно реагираше на чекорите на Финска и на Шведска со кои тие стануваат сѐ поблиску до НАТО. Според официјална Москва, овие залагања на скандинавските земји претставуваат причина за сериозна загриженост. Инаку, до овие коментари на Москва дојде откако министрите за одбрана на Шведска, Норвешка, Финска, Данска и на Исланд во заеднички напис неодамна соопштија дека северна Европа мора да се подготви за евентуална криза или инциденти со Русија. Во натписот на министрите на петте нордиски земји се оценува дека руските лидери покажале оти се подготвени да употребат воени средства за да постигнат политички цели.