За Нова година и Божиќ, многумина прво помислуваат на украсувањето елка и на подароците што ќе ги дочекаат под неа. Постојат неколку теории и митови за тоа кога и како започнал обичајот за украсување елка и зошто тоа било усвоено од Католичката црква како дел од прославата за раѓањето на Исус Христос.
Од Античките Вавилонци, преку Античките Грци, Римјани и Персијци, па до германските пагански племиња, во многу култури се славело повторното раѓање на богот на сонцето или зимската краткодневица. Без разлика дали им се поклонувале на Сатурн, Митра, Нимрод или Тор, составен дел од нивните ритуали било дрвото, даб или зимзелено, на кое, според некои теории, му се принесувале жртви на богот што го обожавале за време на зимската краткодневица.
Со доаѓањето на христијанството, луѓето почнале да ги прифаќаат учењата на Исус, но исто така задржале и некои пагански обичаи, а украсувањето на новогодишната елка се смета за еден од нив. Откако црквата го назначила 25 декември за ден на Христовото раѓање, прославата на Божиќ ја заменила паганската прослава на зимската краткодневица, а украсувањето на новогодишното дрво било прифатено како еден од христијанските обичаи.
Иако многу верници во светот го практикуваат украсувањето борови дрвја како неизбежен семеен обичај за бадниковата вечер, татковината на оваа божиќна традиција сè уште е непозната.
Како што вели една легенда, за украсувањето на борот, поточно, елката, според црковните записи, можеме да му се заблагодариме на свети Бонифациј, англиски монах, кој во 7 век основал христијански цркви во Франција и во Германија. Додека ги поучувал Христовите учења во Германија, Бонифациј наишол на група пагани собрани околу големо дабово дрво што се подготвувале да му жртвуваат деца на богот Тор. За да ги спаси децата, Бонифациј го исекол дабот и на негово место пораснала елка.
Друга легенда, пак вели дека германскиот духовник Мартин Лутер украсувал елка со свеќи уште на почетокот на 16 век, додека во средниот век во некои делови на Европа постоел обичај да се приредуваат претстави за рајот во црквите за време на Божиќ, при што на дрво се врзувале јаболка како симбол на верувањето за доброто и злото, според библиската приказна за Адам и Ева.
Се смета дека обичајот за украсување на новогодишното дрво на нашите простори е преземен од германските народи на крајот на 19 век, но и дотогаш постоел обичај да се носи младо дрво или дабова гранка во куќите. Овој обичај преживеал до денес меѓу православните верници.