Да бидеме подобри
Децата се најлични
пролетни цветови
во градина од добрина
расцветани.
Децата се птици распеани,
лекокрили
в небо од ведрина полетани.
Децата се волшебни златни рипки
разиграни во чудните езера од бајките.
Бисерни школки на брегот од езерото
широко отворени пред љубовта на мајките.
Ајде градинката со љубов да ја негуваме,
небото детско со насмевки да го осветлуваме.
И нека тивнеат бистрите езера од бајките –
да бидат среќни и децата и мајките.
Перо Миленкоски
Добрина
Две девојчиња заедно
во возот си седеа,
се смееја, си пееја
и смешки си редеа.
Во красна книга
убав збор сретнаа:
Добрина.
На две лица насмевки светнаа.
Потем девојчињата
долго разговараа,
што е добрината –
одговор си бараа.
– Тоа е пролетна роса
поле што си пои,
рече девојчето со руси коси.
– Тоа е мајчина грижа
љубов што ми точи,
рече другото со сини очи.
А кога местата
на белобрад дедо
и на кротка баба
им ги отстапија
(како што е редот),
една тетка рече:
– О, драги деца,
што е добрината
зборуваат, мислат
а в срце ја носат.
Како мајска роса
бисерна и чиста!
Перо Миленкоски
Пикасо
Таква е природата,
се менува климата,
на часот по ликовно
ја цртавме зимата.
Јас напишав ЗИМА
на белиот лист
и повеќе ништо,
го оставив чист.
Утредента наставникот
штом влезе на часот,
ме нарече дека,
јас сум бил Пикасо?!
Таквата идеја
е волшебна глетка,
листот бел и снежен-
заслужува петка.
За сликање гледам,
имаш добра дарба
и молерот може
ѕидот да гo фарба.
Наум Попески
Годината нова
Декември си оди
од кај нас се сели:
– Среќно ново лето
јануари вели.
Годината нова
трепетна и нежна,
патува со пајтон
низ патека снежна.
Па точно на полноќ
ќе отвори резе,
низ волшебни порти
кај сите ќе влезе.
Најубави желби
таа ќе ни прати,
низ ѕвездено небо
дома ќе се врати.
Наум Попески
Исти желби
– Мамо – некако необично ѝ се обрати Драганчо на својата мајка – нешто сакам да те замолам.
– Повели сине. – Смеам ли за време на зимскиот распуст да го повикам мојот другар Раде? Раде му е врсник на Драганчо, се запознале летоска, во летувалиштето „Сутјеска“, на Охридско Езеро. Петнаесетте дена што ги поминаа заедно беа доволно двете деца да се спријателат. И оттогаш редовно си пишуваа писма. Раде му пишуваше за своето село, за училишната задруга, пионерската шума, планинските врвови, за своите другарчиња задругари. А Драганчо за пионерскиот дом, таа драга детска куќичка со црвен покрив, каде што го минуваше слободното време со своите другарчиња, играјќи шах и пинг-понг. За фудбалскиот тим, за својот град.
– Зошто да не ти дозволам? Убаво ќе се развеселите – му одговори мајка му и го помилува по разбушавената руса косичка. Драганчо, одушевен ја прегрна мајка си и побрза со писмо да го повика своето другарче. А ако не сака да дојде, или ако не го пуштат родителите? – се прашуваше Драганчо. Но Радета пријатно го изненади повикот на Драганчо и родителите му дозволија да патува в град. – Синко, таму мораш пристојно да се однесуваш – му рече мајка му.
– Да, секако ќе бидам внимателен. Ама што подарок да му однесам? Драганчо сигурно има убави играчки, незгодно е да му однесам што било. Ќе му купам подарок каков што и мене одамна ми се допаѓа.
Сигурен сум дека и нему ќе му се допадне. Но подарокот е прилично скап. Дали татко му ќе се согласи да го купи? Вечерта му го кажа тоа и – на големо изненадување – тој без збор се согласи. Иста мака го мачеше и Драганчо. Неговиот татко и за роденден и сега за Нова година му купи многу подароци. Дали ќе може да купи уште еден, за неговиот другар Раде? И каков? Можеби пиштол? Ама Раде е сериозен. Не му прилега таква играчка. Само едно му се чинеше дека најмногу одговара: фотоапарат. Има прекрасни, вистински фотоапарати за деца – подарок каков што сака и Драганчо, одамна. Колку ќе биде среќен ако го има! Сигурен е во тоа дека ќе го израдува и неговиот другар. Ги изнесе пред мајка му сите свои заштедени пари и татко му додаде и на крајот еве го апаратот во рацете на Драганчо. Го гледа со восхит и за момент се заборави дека е тоа подарок за неговиот другар.
– Прекрасно, секој ден ќе сликам по нешто убаво. – Нели апаратот е за твојот другар? – зачудено го праша мајка му. – Ох, да! – разочарано воздивна Драганчо и како да се оправдува додаде. – Ако, и јас ќе научам како се слика. Има апарати во пионерскиот дом. Раде требаше да дојде како што се договорија. На закажаниот ден Драганчо го дочека и цврсто му ја стегна раката на својот другар и не издржа, го прегрна. Потоа го зеде пакетчето и му го подаде. – И јас имам подарок за тебе – му рече Раде. Прстите и кај двајцата трепереа додека ги отвораа пакетчињата. Речиси истовремено ги отворија и во истиот миг и двајцата восхитено извикаа. Во двете распакувани кутии се наоѓаа исти, малечки фотоапарати. Сега двајцата го имаа тоа што најмногу го сакаат. Зарем тоа не е среќна случајност? Сега ќе можат да сликаат се што сакаат и да си разменуваат слики. А тоа ќе изгледа како да се посетуваат постојано.
– Ова е мојот најсреќен ден – му шепна Драганчо на својот другар. – И мојот најубав подарок – додаде Раде.
Евгенија Шуплинова