Нормативната моќ на ЕУ е важна, но уште поважно е ако лидерите на ЕУ дома го практикуваат тоа што им го проповедаат на другите во светот. Досегашните резултати на ЕУ на тоа поле, во најдобар случај, се сомнителни
Без оглед дали се радуваат на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, ги критикуваат Русија и Турција или ја укоруваат Кина, лидерите на ЕУ ја сакаат возбудата на глобалната сцена.
Тоа не е за изненадување. Меѓународната слава може да предизвика зависност. Има многу што да се восхитуваме во барањето на ЕУ да дејствува како светска совест.
Поддршката на Европа е клучна за бранителите на човековите права и за демократските поборници. Во хаотичен, поделен, пандемичен свет без кормилар, нормативната моќ на Европа секако е важна. Но би било поважно ако лидерите на ЕУ го практикуваат дома тоа што им го проповедаат на другите. Досегашните резултати на ЕУ се сомнителни во најдобар случај.
Неодамнешниот компромис за условот на владеењето на законот со кој ѝ се стави крај на унгарско-полската блокада на договорот за буџет од 1.800 милијарди евра на ЕУ, сосема со право се смета за еклатантен пример за наклонетоста на владите на ЕУ да играат топло-ладно кога станува збор за правата.
Буџетскиот хаос ја изложува ЕУ на обвиненија за двојни аршини и лицемерство, што несомнено ќе ги искористат Москва, Анкара и Пекинг. Исто така, се создава алармантен простор за идни прекршоци од недемократските сили во Европа.
Сепак, да не бидеме заслепени од насловите. Нормите и стандардите на ЕУ се спроведуваат на голем број други начини, кои, иако во голема мера не се забележуваат, заслужуваат итно внимание и силна поддршка.
Популистите како Марин Ле Пен и Герт Вилдерс се сомнително тивки во моментот. Но кога толку многу избрани влади на ЕУ ги шират нивните пораки, зошто воопшто да зборуваат?
Во цела Европа има иницијативи против жените, ЛГБТИК-заедниците и мигрантите. Агенциите на ЕУ и продемократските граѓански организации долго време се обидуваа да ги предупредат европските влади и институции за опасностите од расизмот и насилството врз Евреите, муслиманите, Ромите и Европејците со темна боја на кожата.
Тие исто така укажуваат на штетата предизвикана од владините напади врз судството и независните медиуми.
Нема никакви предупредувања дека предрасудите, дискриминацијата и расизмот ги уништуваат темелите на ЕУ и нејзината посветеност на различноста и инклузијата.
Растечкиот јаз меѓу прогресивците, кои веруваат во отворена и инклузивна Европа, и популистите, кои се идентификуваат како спасители на „белата раса“ и христијанството, не е само обична манифестација на жива демократска дебата. Тој е многу поопасен. Идеолошката поделба ја задушува душата на Европа, го нарушува кредибилитетот на ЕУ и создава конфузија во врска со иднината.
Граѓанските организации и обичните луѓе возвраќаат. Ова не е Европа што ја сакаат. Неодамнешната забрана за абортус во Полска предизвика масовни протести во јавноста, додека демонстрациите против предложениот закон за безбедност што би забранил снимање полицајци на активна должност, ја принудија француската влада да го препише законодавството. Во меѓувреме, европските невладини организации продолжуваат да им помагаат на бегалците на море и покрај тоа што се соочуваат со кривична постапка, заплена на пловни објекти и други ограничувања.
Најзначајно, преку низа иницијативи, мал но влијателен број европски комесари ја нагласуваат потребата од еднаквост, разновидност и вклученост.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, можеби ја почна 2020 година со пофалби за Грција за изградба на „штит“ против мигрантите, но веќе до летото таа го критикуваше расизмот и инсистираше дека „миграцијата отсекогаш била факт за Европа и секогаш ќе биде“. Реагирајќи на движењето против расизмот, што од САД се прошири во Европа, Фон дер Лејен ја предводеше првата дебата за расизмот во Европската комисија. Брзо беше подготвен нов акциски план за справување со системскиот расизам, несвесната пристрасност и трансформацијата на „белиот“ Брисел во еден поразновиден и поинклузивен простор добија официјално зелено светло. Во текот на годината, комисијата обелодени иницијативи за да се обезбеди родова еднаквост, да се засили вклучувањето на Ромите во институциите и да се промовираат правата на ЛГТБИК.
Имаше предлози за редизајн на тврдината Европа преку нов „миграциски пакт“, како и нови идеи за олеснување на интеграцијата за небелите Европејци и справување со говорот на омраза на социјалните платформи. Од Фронтекс е побарана одговорност за наводните нелегални иницијативи против мигрантите.
Операцијата на францускиот претседател Емануел Макрон против „исламистичкиот сепаратизам“ можеби не предизвика многу коментари низ ЕУ, но заклучоците на Европскиот совет за борба против радикализацијата, тероризмот и насилниот екстремизам избегнаа посочување на каква било специфична идеологија или религија.
Сепак, остануваат премногу дупки. Спроведувањето на Акцискиот план за борба против расизмот е бавно, зависи од политиките усвоени од националните влади, како и од улогата и влијанието на „координаторот против расизам“ на ЕУ, кој допрва треба да се именува. Мерките за обезбедување поголема разновидност во политиките за вработување на ЕУ зависат од тоа колку брзо тие се спроведуваат од одделите за човечки ресурси на институциите на ЕУ. Миграцискиот пакт наиде на сериозни тешкотии што ќе треба да ги решава претстојното португалско претседателство со ЕУ.
Справувањето со штетната поделба на Европа за основните вредности е колективна одговорност. Тоа не може да се остави на една влада, институција или на еден лидер. Следниот пат кога лидерите на ЕУ ќе решат да зборуваат на јазикот на моќта, треба да запомнат дека геополитичката важност на Европа зависи од постапките, а не од празните зборови. Успехот на светската сцена зависи од тоа што се случува во дворот на ЕУ.
Авторката е аналитичарка на европските политики