Помилувањата на Трамп ги разгневија Ирачаните

Џо Бајден може да се најде под влијание на лобистите за да ја промени одлуката за помилување на платеници кои сториле масакр

Автори: Мартин Чулов, Мајкл Сафи

Гардијан

Ирачаните се револтирани од потегот на Доналд Трамп да помилува четворица чувари од безбедносната фирма „Блеквотер“, кои одлежуваа затворска казна поради масакрот од 2007 година, што предизвика негодувања за ангажирање на платеници во војна. Четворицата беа дел од безбедносниот конвој кој отвори оган врз цивили на централниот кружен тек во Багдад при што загинаа 14 лица, меѓу кои едно деветгодишно дете, а многумина беа ранети. Четворицата чувари, Пол Слоу, Еван Либерти, Дастин Херд и Николас Слатен, отвориле оган без размислување со митралези, фрлачи на гранати и снајпер врз толпа на невооружени лица, на еден кружен тек познат како плоштадот „Нисур“. Ваквите убиства беа најниското ниво што го достигна американски предводената инвазија во Ирак, а многумина Ирачани сметаа дека апсењата беа ретка прилика во која американски граѓани одговараа за злосторствата што ги извршиле по војната. Жителите на Багдад кои зборуваа за „Гардијан“ го опишаа соопштението на американскиот претседател во заминување како „тешка шлаканица“ и навреда.

Масакрот на плоштадот „Нисур“ се случи повеќе од четири години по американската инвазија која поттикна брутална секташка војна и масовно раселување на Ирачаните. Приватните безбедносни компании кои ги поддржуваа логистичките или во некои случаи и американската војска, беа честа причина за поплаки за безмилосно и грубо однесување со локалните жители.

– Порано многу се плашевме од нив, особено од оние од „Блеквотер“, кои беа најбезмилосни од сите. Секогаш ќе ме прогонува сликата што тогаш ја видов. Требаше да има црвена линија. Срамно е тоа што беа ослободени од американскиот врховен командант – порача Рибал Мансур кој бил сведок на местото на настанот на плоштадот „Нисур“, на 16 септември во 2007 година.

Слоу, Либерти и Херд беа осудени за повеќе обвиненија за убиство во афект и обид за убиство во 2014 година, додека Слатен, првиот кој отвори оган, беше осуден за убиство од прв степен. Тој доби доживотна затворска казна додека другите издржуваа 30-годишна казна затвор. Федералниот судија го отфрли првичното судско гонење, но тогашниот потпретседател Џо Бајден, вети дека ќе отвори нов случај и успеа во намерата во 2015 година. Како новоизбран претседател, Бајден ќе биде изложен на силни лобирања од страна на ирачките власти за да ја промени одлуката.

– Токму ова прашање ќе биде првото нешто за кое што ќе зборуваме со него – посочи еден помошник на ирачкиот премиер Мустафа ал Кадими.

За време на судењето на платениците од „Блеквотер“, одбраната тврдеше дека нивните клиенти го возвратиле огнот откако паднале во заседа на ирачки бунтовници. Но во меморандумот поднесен по изрекувањето на казната, американската влада порача дека „ниедна од жртвите не била дел од бунтовниците или претставувала некаква закана по конвојот „Рејвен 23“. Масакрот доведе до последователни истраги во „Блеквотер“ и пошироката индустрија на безбедносни платеници од страна на американскиот Стејт департмент, Пентагон, Конгресот и Обединетите Нации.

Само едно од семејствата на жртвите прифати компензациска исплата од „Блеквотер“ во висина од 50.000 долари за ранетите, а 100.000 долари за роднините на починатото лице. Единствениот кој ја прифати понудата беше Хајтам ал Рубај, кој ги загуби својата сопруга Махасин, инаку докторка, како и Ахмед, дваесетгодишниот син и студент по медицина. Поранешен соученик на Ахмед истакна дека помилувањето на Трамп не е изненадување за Ирачаните.

– Американците никогаш не ги сметаа Ирачаните за еднакви на себе. Што се однесува до нив, нашата крв не вреди колку вода и нашите барања за правда и одговорност се речиси неважни – порача тој.

Превод: Билјана Здравковска