Иако временските прогнози за петок засега не се поволни, доколку небото е ведро Скопското астрономско друштво од плоштадот „Македонија“ со телескоп ќе ги проследи и двата настана, почнувајќи од 20.30 часот

Ретко кој астрономски настан го привлекува вниманието на граѓаните како помрачувањата (еклипсите) на сонцето и на месечината, без разлика дали станува збор за целосно или за делумно помрачување. Ова е разбирливо, сепак станува збор за двете најголеми и најсјајни тела на небото, а со тоа и феномените се спектакуларни и лесно воочливи. Можеби не е веднаш јасно дека и во двата случаја се вклучени истите три тела – сонцето, земјата и месечината – но во различна конфигурација. Вечерва ќе се исполнат сите услови за најдолгото целосно помрачување на месечината во 21 век, настан што ќе биде видлив на поголем дел од Земјината топка. Кај нас, полната месечина ќе изгрее во 19.49 часот и веќе ќе биде навлезена во полусенката пенумбра (лат. penumbra) на Земјата, а во Земјината сенка умбра (лат. umbra) ќе биде од 21.30 до 23.13 часот. Бидејќи месечината тогаш поминува низ апогеј, времетраењето на помрачувањето од 103 минути е многу блиску до теоретскиот максимум од 107 минути, ни објасни Филип Парталовски, од Скопското астрономско друштво.

– Земјината атмосфера, мал дел од сончевата светлина е прекршена кон нејзината сенка. Затоа, за разлика од вообичаениот сребреникав отсјај, кој нам ни е познат, овој пат месечината ќе добие темноцрвена боја, што е уште една карактеристика на овој феномен. Причина за ваквата промена на бојата е т.н. Рејлеево расејување – истиот процес што светлината од сонцето нашето небо го прави да изгледа сино преку ден, а црвеникаво пред изгрејсонце и по зајдисонце – вели Парталовски.

Како што објаснува тој, помрачувањата се случуваат кога трите тела се во линија (техничкиот термин за ваквите порамнувања е сизиџи). Помрачувањата на сонцето се случуваат кога месечината е помеѓу него и земјата, а оние на месечината кога земјата е телото помеѓу. Но, за успешно помрачување потребно е да бидат исполнети уште два фактора. Имено, моменталната коинциденција месечината да биде толку т.е. 400 пати поблиску до нас од сонцето колку што е помала од него, резултира со тоа овие два објекта на небото да имаат иста привидна големина. Токму затоа месечината го покрива сончевиот диск за време на целосно помрачување на сонцето. Периодот на револуција на месечината околу земјата е 29,5 дена (лунарен месец), а сепак овој феномен не се случува секој месец, туку 2-5 пати годишно. Причината е тоа што орбитата на месечината не е во истата рамнина во која орбитира земјата околу сонцето (еклиптика), туку е отклонета од неа за 5 аглови степени. Покрај тоа нејзината орбита е овална, што значи дека таа некогаш е поблиску до земјата (точка што ја нарекуваме перигеј) и има незабележително поголема привидна големина, а некогаш подалеку (апогеј).

– Помрачувањата ни се во целост познат феномен чии карактеристики можеме точно да ги пресметаме за сите настани илјадници години во минатото и во иднината. Ова не остава многу простор за нова наука, но со основно познавање на тригонометриските правила, може да се искористат големината и формата на Земјината сенка врз месечината за да се пресмета односот на големините помеѓу овие две тела. Античките Грци го направиле токму тоа, а со помош на други методи ја измериле и големината на земјата. Па, така, скоро две илјади години пред првиот телескоп и другите модерни мерни инструменти, тие успеале да ја одредат големината на месечината со доволна точност. Понатаму, од помрачувањата очигледно е дека сенката на земјата е кружна, што ги навело да заклучат дека нашата планета има сферна форма. Навистина мудро од нив, но изненадувачки неразбирливо за многу луѓе од денешницата – појаснува Парталовски. Тој додава дека сосема случајно, овој петок ќе дојде до уште едно порамнување, односно Марс ќе биде во линија со земјата и со сонцето, конфигурација што ја нарекуваме опозиција, додека на 31-ви овој месец двете планети ќе бидат на најкратко растојание во нивните тековни орбити – „само“ 56 милиони километри!

– Два небесни феномена по цена на ведро небо. Токму ова е причината зашто Црвената Планета изминатиов период ги зголемуваше сјајот и привидната големина на небото. За жал, во моментов Марс е обвиен со песочна бура, која ги затскрива површинските детали и го прави погледот низ телескоп непримамлив. Иако временските прогнози за петок засега не се поволни, доколку небото е ведро Скопското астрономско друштво од плоштадот „Македонија“ со телескоп ќе ги проследи и двата настана, почнувајќи од 20.30 часот. Придружете ни се во набљудување и разговор за телата од нашето небесно соседство – апелира Парталовски.

*Анимација со временска рамка на помрачувањето:
https://www.timeanddate.com/eclipse/in/republic-of-macedonia/skopje