Повеќе од три четвртини од анкетираните на Западен Балкан веруваат во која било од теориите на заговор поврзани со ковид-19, а за тоа има повеќе причини
Четиринаесет отсто од Хрватите сметаат дека ковид-19 е обична настинка, а 18 отсто од нив веруваат дека вакцината против оваа болест содржи чипови. Една третина од граѓаните на Србија не веруваат во постоење на ковид-19 и сметаат дека тоа е „лажна“ болест. Ова се резултатите од двете независни истражувања за ставовите на луѓето во врска со епидемијата, кои биле спроведени во Хрватска и во Србија. Овие резултати се поклопуваат со сознанијата за тоа дека луѓето од Западен Балкан веруваат во заговори повеќе од луѓето во другите делови на Европа, што е израз на нивниот недостиг од доверба во институциите и на крајот претставува закана за демократијата, а се содржани во извештајот на Советничката група за политика за нов Балкан во Европа под наслов „Сомнителниот вирус: заговори и ковид-19 на Балканот“, презентиран на настанот организиран од Иницијативата за иднина на Атлантскиот совет.
Стефан Јањиќ, главниот уредник на порталот „Фејк њуз трагач“, коментирајќи ги резултатите од истражувањата на „Глобсец“, во кои беа опфатени девет земји од Западен Балкан и од Централна Европа, оценува дека постојат повеќе фактори што влијаат на тоа голем број луѓе да поверуваат во теоријата дека ковид-19 е измислена болест.
– Во исто време нѐ мачи не само непознавањето на науката туку и стравот и отпорот кон науката. Луѓето така стануваат подготвени да поверуваат во различни бесмислици што ќе им понудат привид во знаењето, особено ако во себе имаат некаков бунтовен дух, односно со одлуката за неносење маска и за одржување дистанца им се „пркоси“ на некои центри на моќ, на длабоките држави или на „фармакомафијата“ – вели Јањиќ, за „Данас“.
Овие непотврдени теории ги охрабруваат поединците да поверуваат во тоа дека се многу мали за да им се спротивстават на глобалните заговори, но затоа се доволно мудри таквите договори да ги препознаат и да не им се потчинат.
– Дезинформациите, големиот број на месии-шарлатани, ниското ниво на медиумска и научна писменост, анксиозноста, заморот и стравот, сето тоа се фактори што влијаат на тоа луѓето да замижат пред тоа што секојдневно го гледаат, бидејќи не мора да се биде ни вирусолог ни епидемиолог за да се види колку ковид-19 е реален и опасен. За тоа, за жал, луѓето остануваат свесни кога вирусот ќе ги зафати нивните бели дробови – посочува Јањиќ.
Милош Бојовиќ, членот на Извршниот одбор на здружението на граѓани „Обединети против ковид“, вели дека сомневањето на граѓаните е последица, пред сѐ, на „недоволното информирање на граѓаните за епидемијата“.
– Најдобро против оваа болест може да се бориме со превенција, а едукацијата на граѓаните е важен и составен дел. Ова не е лесно кога со новата технологија за пласирање најразлични информации, кои не се научно поткрепени, има неограничени можности. Традиционалните медиуми, односно телевизијата мораа да бидат најдобро искористени за постојана едукација на населението – вели Бојовиќ.
Дезинформациите за епидемијата се проследени и со злоупотреба на кризата од политичките структури за самопромоција, но и за пласирање контрадикторни информации што кон граѓаните стигнуваа од различните членови на кризните штабови, што влијаеше и на колебливоста на граѓаните во почитувањето на здравствените препораки. Втората еднакво важна причина е постоењето на манипулативна пропаганда, која се форсира преку социјалните мрежи, а која се спроведува од „антиваксерското лоби“. Тука е и придонесот на медиумите, кои во потрага за сензационализам им даваат простор на лицата што ги извртуваат научните факти за да добијат медиумска популарност.
Флоријан Бибер, директор на Центарот за студии на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац и координатор на Советодавната група за политика на Балканот во Европа (БиЕПАГ), во текст на „Јуропиан Вестерн Балканс“ вели дека повеќе од три четвртини од анкетираните на Западен Балкан веруваат во која било од петте теории на заговор поврзани со ковид-19.
– Околу 77 отсто од анкетираните веруваат во тоа дека вирусот е направен во кинеска лабораторија, или дека Бил Гејтс се обидува да го чипира населението со вакцината, или дека 5Г-технологијата е одговорна за епидемијата. Тоа е многу поголем процент отколку на друго место во Европа. Во поголемиот дел од Европа мнозинството е за вакцинирање, а на Балканот мнозинството е против вакцинирање. Тоа е силно поврзано со вербата во теории на заговор, така што теориите на заговор имаат директно влијание врз јавните здравствени политики – рече Бибер.
Тена Прелец, научен соработник на Универзитетот во Оксфорд и член на БиЕПАГ истакнува дека образованието, возраста, полот и поделбата меѓу урбаните и руралните области немаат влијание во однос на тоа колку луѓето веруваат во теориите на заговор.
– Геополитичките поделби и наративи може да играат одредена улога. Видовме дека српските испитаници од Србија и етничките Срби од другите земји од Западен Балкан се понаклонети кон Кина отколку другите испитаници – вели Прелец.
Дејан Јовиќ, професор по меѓународни односи на Факултетот за политички науки, на Универзитетот во Загреб и член на БиЕПАГ, рече дека теориите на заговор во кои денес луѓето веруваат имаат врска со историјата и наследството на различните заговори што постоеле во регионот.
– Распадот на Југославија значеше колапс на повеќе или помалку сите постјугословенски држави. Во нив, разни етнички групи почнаа да се обвинуваат едни со други, надворешни влијанија, врски на внатрешни предавници и надворешни непријатели, и сето тоа беше плодна почва за теории на заговор – објаснува Јовиќ.