Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Бирото за развој на образованието велат дека нема да дозволат учениците да не се стекнат со знаења од историја, географија или содржини од друга научна дисциплина, но тоа ќе биде на начин што ќе биде приспособен на нивната возраст, начин што ги руши строгите граници меѓу дисциплините и ги претставува светот, процесите и појавите во неговата поврзаност и единство. Реформите ќе почнат идната година, со учениците од прво и шесто одделение, и се разбира дека ќе бидат подготвени нови учебници

Реформите во образованието како повод

Најавата за новата концепција на основното образование, која образовните власти ја најавија изминатиов период, предизвика многу реакции во јавноста. Планирано е да се направат повеќе измени во однос на траењето на часовите, корекции во содржината на тоа што се учи, потоа времето што се поминува на училиште, но најмногу реакции има за спојувањето на предметите Историја, Географија и Граѓанско образование во еден предмет – Општествени науки.
Кој ги подготвува овие измени? Што е тоа што ќе се крати од содржината по предметот Историја, но и Географија и Граѓанско образование? Како ќе биде организирана наставата, со оглед на фактот дека наставниците ќе се соочат со недоволен фонд на часови? По најавата за нова концепција, се отвораат овие и други прашања, кои им ги поставивме на надлежните.
Во Бирото за развој на образованието велат дека измените ги подготвува работна група составена од универзитетски професори, наставници, претставници од Бирото за развој на образованието. За наставниот предмет Општествени науки се направени консултации и со универзитетски професори по географија, историја, антропологија, но и со наставници од меѓународни училишта што го пренесуваат своето искуство во реализацијата конкретно на овој наставен предмет.

– Ова е начин да го подобриме образованието и да негуваме креативни и иновативни ученици. Истражувавме, но и добивме потврда од меѓународните студии дека постигањата, знаењата на нашите ученици се меѓу најниските на листата на учесници во тие студии. Затоа е особено важно да се промовира учењето преку истражување, кое е можно единствено преку интеграција и интердисциплинарно изучување. Зборуваме и презентираме концепт, а не конкретни наставни програми во кои ќе бидат поставени очекуваните резултатите од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование). При изработката на наставните програми ќе бидат вклучени универзитетски професори и наставници од соодветните области. Во наставните планови речиси на сите земји во Европа, Америка, Австралија може да се види дека се изучува наставен предмет Social studies или Humanities во основното образование, во кој се интегрираат различни дисциплини, во зависност од конкретниот образовен систем и целите што треба да се постигнат – велат во Бирото.
Надлежните нагласуваат дека го креираат образованието, како што велат, врз современи концепти и приоди.

– Нема да дозволиме нашите ученици да не се стекнат со знаења од историја, географија или содржини од друга научна дисциплина, но тоа ќе биде на начин што ќе биде приспособен на нивната возраст, начин што ги руши строгите граници меѓу дисциплините и ги претставува светот, процесите и појавите во неговата поврзаност и единство. Реформите ќе почнат идната година, со учениците од прво и шесто одделение, и се разбира дека ќе бидат подготвени нови учебници, наставни материјали, прирачници за сите предвидени новини и дека ќе следува интензивна работа со наставниците што ќе изведуваат настава. Во секое училиште имаме подготвени наставници по историја, географија, филозофија што ќе можат да ја изведуваат наставата, заеднички да ги планираат активностите, а начинот на организација на наставата ќе биде допрецизиран со наставните програми – информираат оттаму.


Во предметната настава во основното образование ќе има осум задолжителни предмети

Во основното образование ќе бидат задолжителни предметите Мајчин јазик, Математика, Природни науки, Општествени науки, Англиски јазик, потоа предметите Техника, технологија и информатика, Уметничко образование и Физичко и здравствено образование. Во рамките на предметот Природни науки, кој веќе се учи во одделенска настава, од шесто одделение ќе се интегрираат и содржини од биологија, хемија и физика.
– Целта е преку еден предмет учениците да добијат целосна слика за одредени процеси и појави што се случуваат околу нив и во светот. Интеграција се планира и во предметот Техника, технологија и информатика, каде што ќе спаѓаат содржини од техничко образование во предметот Информатика, но наставната програма ќе ги води од поедноставни содржини, преку запознавање на технологијата до стекнување повисоки компетенции преку информатиката.

Информатиката тука ќе биде помошна дисциплина, треба да се оспособат да истражуваат и да работат на проекти. Предметот Уметничко образование е составен од предметите Ликовно и Музичко образование – вели Митко Чешларов од Бирото за развој на образованието, во видеопрезентацијата на концептот.
Ќе има два типа изборни предмети, првиот се вика Други јазици, а вториот е Други изборни предмети. Во првиот дел, ученикот ќе може да избере втор странски јазик или, пак, албански јазик. Децата што учат во повеќејазични училишта ќе имаат можност да изберат да учат албански јазик за полесно да комуницираат и да се интегрираат, или, пак, ќе може да изберат некој друг странски јазик – германски, француски, руски или италијански.
Во однос на слободните изборни предмети, Бирото ќе подготви водич за избор на изборен предмет, а тој предмет ученикот ќе го избира во согласност со своите интереси. Во текот на една учебна година, секој ученик ќе треба да избере два изборни предмети.