Фото: Игор Бансколиев

ЗОШТО РЕФЕРЕНДУМОТ ОТВОРА МНОГУ НЕДОУМИЦИ

Во овој миг, пред да се дефинираат сите референдумски позиции, речиси е невозможно да се претпостави колку сценарија за иднината на Македонија можат да произлезат само од едно референдумско прашање. Без оглед на резултатите од референдумот, професорот Шкариќ смета дека тој ќе предизвика тектонски промени во државата, Република Македонија

Со изгласувањето по брза постапка на новиот привремен состав на Државната изборна комисија, од страна на Собранието на РМ, беше надминат најголемиот законско-технички предизвик за организација на референдум, на кој граѓаните треба да се изјаснат околу договорот со Грција за промената на името на државата и за уставните промени што треба да се направат, а предвидени со спогодбата од Мала Преспа. Извесно е дека Владата веќе сериозно ја притискаат роковите за исполнување на сите преземени обврски со јунската спогодба од Нивици, па премиерот Заев неколку часа пред да биде официјално избрана ДИК и да бидат изгласани законите договорени на лидерската средба, изјави дека референдумот ќе биде објавен до крајот на месецот (30 јули), со или без согласност на опозициската ВМРО -ДПМНЕ. Според плановите на премиерот, а врз основа на законските рокови, референдумот би требало да се одржи на 30 септември.

– Отворени сме за расправа дали референдумот да биде консултативен или обврзувачки. На крајот одлуката е задолжителна. Теоретски, можат да излезат еден милион гласачи, 600 илјади да гласаат „за“, 400 илјади да гласаат „против“. Тогаш сите политичари ја спроведуваат одлуката, гласаат во Собрание и постигнуваме консензус. Ако излезат милион гласачи, 600 илјади гласаат „против“, 400 илјади гласаат „за“, тогаш не важи договорот со Грција. Ако излезат 800 илјади гласачи, 600 илјади се „за“, а 200 илјади се „против“, тогаш граѓаните не донеле одлука. Ако нема исполнет цензус, нема одлука! Така е по Уставот. Тогаш институциите треба да одлучат да гласаат „за“ или „против“ уставни промени – ги искажа премиерот Заев своите референдумски намери.

Но правните експерти во оваа изјава на премиерот гледаат извртување на тези со законски акробации, зашто ако нема усвоена одлука на референдум (односно и ако не биде постигнат цензусот, Собранието не може да пристапи кон усвојување измени на Уставот, како што е пропишано во членот 30 став 2 од Законот за референдум). Според толкувањата на правниците, сѐ што не е позитивна одлука на референдумот, не може да имплицира промени во Уставот.

Иако за темите поврзани со референдумот не беше постигнат договор на лидерската средба што се одржуваше во текот на минатата и почетокот на оваа седмица, премиерот нема намера да презема иницијатива за друга лидерска средба, но вели дека е отворен за предлози и иницијатива од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за карактерот на референдумот, како и за формулацијата на прашањето.
Што се однесува до содржината на референдумското прашање, уште порано Зоран Заев ги изнесе неговите контури преку предлог-конструкцијата: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Но уште по изнесувањето на предлогот за референдумското прашање, и правните експерти и опозицијата укажаа дека таква реченична конструкција со повеќе прашања во едно, и уставно, и законски, и логички, е недоследна, зашто на референдумот не смее да има прашање што ќе ги доведе до забуна граѓаните што ќе излезат да се изјаснат. Всушност, опозицијата е категорична дека не прифаќа повеќе прашања во едно референдумско прашање.

– Во фокусот на референдумското прашање треба да биде договорот, така како што е насловен, со полно име. Референдумското прашање треба да гласи: „Дали сте за договор за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанок на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните?“ „ЗА“ или „ПРОТИВ“… Договорот треба да се стави на референдум, без негово замаглување со други прашања. Така е во сите демократски земји во кои референдумот се смета за строга форма на непосредна демократија. Тоа е видливо од референдумите што се одржуваат во Швајцарија, Италија, Франција, Шпанија и во нордиските земји, како и од референдумите на американските држави (Калифорнија, Јужна Дакота и Северна Дакота) – смета професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ.
Во овој миг, пред да се дефинираат сите референдумски позиции, речиси е невозможно да се претпостави колку сценарија за иднината на Македонија можат да произлезат од едно референдумско прашање. Без оглед на резултатите од референдумот, професорот Шкариќ смета дека тој ќе предизвика тектонски промени во државата Република Македонија.

– Во случај на несовпаѓање помеѓу волјата на граѓаните и волјата на власта, неминовно избива политичка криза, независно дали станува збор за облигаторен или за консултативен референдум. Излезот се бара во оставка на носителите на власта и распишување нови избори. На пример, во 1969 година, по неуспешниот референдум, распишан по барање на Шарл де Гол за укинување на Сенатот и нова регионализација на Франција, францускиот претседател поднесе оставка, обраќајќи му се на францускиот народ со следните зборови: „Господа, ние завршивме… Значи по овој случај, дефинитивно ќе биде свртена нова страница во историјата на Франција“. Веќе е извесно дека нова страница во историјата ќе биде свртена и во Македонија, независно како ќе заврши референдумот за договорот од Преспа. Но неизвесно е дали претседателот Иванов ќе постапи како францускиот претседател, ако референдумот биде позитивен, по неговата изјава од јуни 2018 година дека „нема да легализира политичка дивоградба“. Не е извесно и дали пратениците од опозицијата ќе се однесуваат како пратениците од Британскиот парламент што на референдумот гласале против брегзит, а сега се негови поддржувачи. Така се однесуваат демократите. А поборници на чист брегзит се министрите на Владата на Тереза Меј, кои деновиве поднесоа оставки, во знак на протест против замаглувањето на брегзит и неговото трансформирање од „тврд“ во „мек брегзит“. Ќе видиме дали ќе биде така – нагласува професорот Светомир Шкариќ.