Новата меѓународна дипломатска офанзива во регионот се совпаѓа со најавите од Вашингтон и од Брисел за донесување некаков нов договор „Дејтон 2“. Ново потенцијално кризно жариште во регионот е Црна Гора, која подолго време се соочува со внатрешни превирања

По решителниот став на Москва за неменување на Дејтонскиот договор, кој недвосмислено беше потврден и од Сергеј Лавров по завчерашната посета на Сараево, пристигна брз одговор од Вашингтон за „потребата од редефинирање“ на содржината на документот со кој беше постигнат мирот во Босна и Херцеговина. На онлајн конференцијата за црногорските новинари, заменик-помошникот на американскиот државен секретар за Европа и Евроазија, Метју Палмер, изјави дека се потребни измени на Уставот на БиХ и промена на структурата на власта во оваа држава, пренесе Радио Слободна Европа.
Посетата на шефот на руската дипломатија на Сараево и на Белград се совпаѓа со најавите од Вашингтон и од Брисел за донесување некаков нов договор „Дејтон 2“, со кој западните земји очекуваат БиХ да стане функционална држава, 25 години по постигнувањето на мировниот договор што ја спречи крвавата војна во БиХ. Од Москва порачаа дека „сегашниот Дејтон нема алтернатива и негова измена ќе предизвика сериозни последици во регионот“.
Разликата меѓу членовите на тројното претседателство на БиХ веќе подолго време ја оптоварува домашната политичка јавност, а таа полека се прелева и во соседните земји Србија и во Хрватска, кои отворено се ставаат на една од спротивставените страни. Поради ова веќе се говори за нова балканска криза, која може да потрае подолго и уште повеќе да ги искомплицира односите меѓу државите во регионот. Хрватскиот весник „Јутарњи лист“ пренесува изјави од претставник на хрватската влада, која е „незадоволна од сегашното функционирање на БиХ“.

Од Загреб инсистираат на исполнување на правата на Хрватите во БиХ и инсистираат сами да си го избираат својот претставник во Претседателството, а не тоа да се прави со гласовите на Бошњаците. Во однос на менувањето на Дејтонскиот договор, кај актуелната власт во Хрватска постои двоумење, но сигурно е дека таа ќе застане зад ставовите што ги застапуваат Европската Унија и САД.
Како ново потенцијално кризно жариште во регионот е Црна Гора, која подолго време се соочува со внатрешни превирања. По изборот на новата влада следува неизвесен период на ново надворешнополитичко позиционирање на Подгорица, во однос на тоа дали доследно ќе се спроведува политиката на Европската Унија или ќе се заземе нов курс кон Москва. Политичкиот аналитичар Златко Вујовиќ смета дека сегашната прозападна позиција на црногорската дипломатија за продолжување на санкциите кон Русија долгорочно е неодржлива.
– Кога силите што ја сочинуваат новата влада, кои се проруски, просрпски и се антизападни, ќе добијат сила и кога ќе се консолидираат, нивната политика сѐ повеќе ќе личи на политиката на Александар Вучиќ, а сѐ помалку на тоа што се прокламира сега – вели Вујовиќ за РСЕ.

Демократскиот фронт е водечката владејачка партија во ЦГ, носител на листата беше новоизбраниот премиер Здравко Кривокапиќ, кој беше предложен на премиерската позиција од Српската православна црква, која се залага за потесна соработка со Русија. Кривокапиќ пред изборите се залагаше за добри односи со сите, со објаснување дека „Црна Гора како мала држава не смеела да си дозволи луксуз да ѝ воведува санкции на една голема држава како што е Русија“.
На првите меѓународни средби црногорскиот премиер Кривокапиќ го искажа ставот дека неговата земја останува лојален и посветен сојузник на НАТО. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека по средбата со црногорскиот премиер добил уверување дека земјата ќе продолжи да ги исполнува обврските во НАТО, наспроти ставовите на некои претставници на власта што се противат на членството.
Како потенцијално отворено прашање за Балканот останува долгогодишниот проблем меѓу Косово и Србија, кој се држи постојано во „студен конфликт“. По неуспехот на Брисел да постигне видливи резултати во дијалогот меѓу Белград и Приштина, новата администрација во Вашингтон се обидува да најде конечно и заедничко прифатливо решение за двете страни, преку вклучувањето на Медлин Олбрајт, поранешната шефица на американската дипломатија, во дијалогот што се води под покровителство на Брисел. Не случајно од Москва беше потврден ставот дека ќе прифати секакво решение за Косово, за кое ќе има согласност и од Белград, поради што целиот преговарачки процес станува неизвесен.

Во контекст на нестабилноста на целиот регион е и последното бугарско вето за почнување на преговорите за зачленување на Македонија во Европската Унија, со што целосно се закочи и процесот на проширување на Унијата, а земјите од Западен Балкан се оддалечуваат од европските вредности. Последната во низата опструкции на Софија се однесува на непотпишувањето на договорот за Фронтекс меѓу Македонија и ЕУ, што е една од главните точки во борбата против „нелегалната миграција“ на ЕУ, бидејќи земјите од регионот се наоѓаат на клучната „балканска маршрута“.