Унгарскиот премиер Виктор Орбан претпоставуваше дека другите 25 земји-членки на ЕУ ќе престанат да вршат притисок за клаузулата за владеењето на правото, со цел да добијат пристап до итните средства за справување со кризата предизвикана од пандемијата, но овој план не му успеа, смета Даниел Хегедис од германскиот Маршалов фонд, пренесува „Дојче веле“. Тоа е затоа што идејата за клаузулата за владење на правото стекнува поддршка меѓу европските политичари, како што истакна Хегедис.
Орбан кој поседува политички инстинкт, се чини дека не ја разбра сопствената позиција за ветото за буџетот на ЕУ. Неодамнешна анкета спроведена од Европскиот парламент откри дека 77 отсто од Унгарците го поддржуваат поврзувањето на средствата од европските фондови со принципите за владеењето на правото, додека корупцијата цвета во Унгарија.
Унгарците долго време ги сметаат корупцијата и непотизмот за главни проблеми во државата. Ветото на Орбан против клаузулата на владењето на правото затоа е спротивна на желбите на Унгарците. А телефонска анкета на „Јуроњуз“ покажа дека само околу 15 отсто од жителите на Унгарија го поддржуваат ветото на нивниот лидер.
Повеќето Унгарци сметаат дека потегот на Орбан би можел да ја соочи државата со сериозни финансиски последици. Впрочем Европската комисија планира брза исплата на фондовите за справување со кризата. А Полска и Унгарија би можеле да останат без вкупно 23 милијарди во првата фаза од исплатата, согласно со квотата за дистрибуција.
Унгарскиот премиер сакаше финансиските прашања да останат одвоени од прашањата за политичката моралност. Неговата влада инсистира дека Брисел треба да и го плати на Унгарија она што таа го заслужува.
Но податоците на Евростат покажуваат поинаква приказна. Полска и Унгарија се меѓу оние кои имале најголема финансиска корист од блокот. Минатата година Варшава примила 12 милијарди евра од фондовите на ЕУ, а Будимпешта пет милијарди, додека придонела со милијарда евра на европскиот буџет.
Полска и Унгарија уште од старт го блокираа усвојувањето на седумгодишниот буџет на ЕУ и планот за закрепнување од пандемијата на коронавирусот, поради новиот механизам што им ги ускратува фондовите на ЕУ на земјите чии влади ги нарушуваат демократските стандарди и владеењето на правото. Буџетот беше усвоен со компромис откако беше надминато ветото на Унгарија и на Полска.