Во најновиот извештај на шведскиот истражувачки институт СИПРИ се наведува дека глобалната продажба на воена опрема и услуги, во текот на минатата година, се зголемила за 8,5 проценти. На што се должи тоа, која е заднината на константната трка со вооружување и која е целта на акумулирање на воениот арсенал?
Глобалната трговија со оружје со рекордна заработувачка
Светот со големо темпо троши сѐ повеќе пари за да се вооружува, а државите на големо ги полнат своите арсенали со воена опрема и технологија. Оваа констатација е актуелна во домашната и во европската јавност во периодот кога излезе најновиот извештај на шведскиот истражувачки институт СИПРИ, во кој се наведува дека глобалната продажба на воена опрема и услуги се зголемила за 8,5 проценти во текот на минатата година.
Во извештајот на Стокхолмскиот институт се напоменува дека во глобалната продажба на оружје доминираат американските произведувачи на оружје, но во овој процес успех во работата покажале и кинеските и руските претпријатија од истата индустрија.
Во документот на организацијата пишува дека од 25-те најголеми произведувачи на оружје во светот, 12 се од САД, кои оствариле промет од повеќе од 60 отсто од глобалната продажба, во вкупен износ од 361 милијарда американски долари.
Институтот, исто така, објави и дека глобалната продажба на оружјето во 2019 година се зголемила за 8,5 отсто во однос на претходната 2018 година.
Според анализата на организацијата, на овој пазар прворангирана и најпрофитна компанија е американската „Локхид Мартин“. Зад неа, на табелата се уште четири други од истата земја, „Боинг“, „Нортроп груман“, „Рајтеон“ и „Џенерал дајнамикс“.
Во групата водечки 25, шест компании се од Европа, четири се од Кина и две се од Русија.
Првпат притоа на листата на СИПРИ се појавува компанија од Блискиот Исток, односно фирмата „Еџ“, чие седиште е во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и учествува со 1,3 отсто од вкупната продажба на оружје на листата.
Според институтот, Кина како држава има втор најголем удел во вкупната продажба на оружје во најголемите 25 производители, и тоа со 16 отсто, а четири кинески фирми се најдоа на листата, од кои три се меѓу првите десет.
Инаку, според информациите објавени на веб-страницата на институтот СИПРИ, тој е основан во мај 1966 година од страна на шведскиот парламент и во својата дејност долга повеќе децении тој ги мониторира воената потрошувачка во светот и пазарот на оружје во глобални рамки.
Во контекст на актуелните случувања, за забележување се информациите што ги објави американскиот специјализиран магазин што следи теми поврзани со одбраната и безбедноста, „Тексан“, кој, пак, во својот осврт на настаните подвлекува дека конкуренција на Европа, Русија и САД отсега, па натаму ќе бидат и новите „играчи“ што имаат корени од Блискиот Исток.
Турската новинска агенција „Анадолија“, пак, во своја анализа на податоците на СИПРИ, акцентот го фрла врз кинескиот пристап на пазарот, прогнозирајќи дека неговото влијание се очекува во иднина да расте со големо темпо.
Економската моќ на земјите се засилува со „воената мека моќ“
Домашните, но и странските безбедносни експерти со кои се консултиравме наведуваат редица фактори поради кои како резултат се јавуваат актуелните состојби што потврдуваат дека во светот „обртот на оружјето“ е во нагорна линија.
Универзитетскиот чешки професор Михаил Вит, за „Нова Македонија“, коментирајќи ги наодите на Меѓународниот институт за мировни науки од Стокхолм (СИПРИ), поврзани со зголемен обрт на глобалната продажба на оружје, вели дека состојбите се такви поради порастот на глобалната несигурност во интернационалните релации.
– Во моментов живееме во време во кое е очигледно зголемена несигурноста во интернационалните релации, а сето се должи на начинот на кој функционира овој мултиполарен нов свет. Имено, доминантните суперсили и воени сојузи го губат својот белег, а сега нови играчи во геополитиката се издигнуваат на сцената. Па во тој правец онаму каде што има економски отпечаток на некои релации, веднаш потоа следува и отпечаток на „меката воена моќ“ на државите што ги застапуваат тие економски релации – вели Вит.
Само оваа причина, според него, е доволна да се разбере зошто над осум проценти пораснала продажбата на оружје и воена технологија.
– Дополнително, порастот на оваа доходна индустрија на државите се должи и на т.н. додворувачки релации и дипломатии меѓу земјите. Имено, кога одредена држава сака да ја добие благонаклонетоста на одреден партнер, таа од него набавува оружје. Како таков пример може да се истакне неодамнешниот со Унгарија, која за да не ја „разлути“ Германија во политичка смисла на зборот, од неа набави екстремно скапи воени технологии и опрема изразена во купопродажна зделка на супермодерни тенкови и оклопни возила – подвлекува професорот.
Тој резимира дека свое влијание на состојбите има и Кина, која со своето дејствување во својата зона на влијание ги менува досега традиционалните безбедносно-политички врски на државите.
Напредокот на технологијата повлекува и модернизација на борбената опрема
И докторот на воено-политички науки Благоја Марковски во осврт на актуелните настани вели дека зголемената продажба на оружје (ако погледнеме наназад) е констатација на повеќе извештаи на СИПРИ, а не само на последниот.
Ваквите состојби, според Марковски, се должат и на фактот дека „како што напредува технологијата така и армиите мораат да ја надградуваат својата борбена технологија и опрема“, а безбедносната трка во светот останува константа.
– Излегуваат нови технологии, армиите ги купуваат, а старите што дотогаш ги поседувале ги продаваат и со тоа темпо се креира обртот на продажбата на оружјето – вели Марковски.
Тој сепак додава дека безбедноста глобално не е нарушена со овој тренд, но зголемен е само ризикот од употребата на ова модерно оружје, бидејќи секоја наредна нова генерација оружје секогаш е помоќно и со поголем опсег и домен на употреба од претходното.
– Па единствено низ оваа призма може да се каже дека зголемената продажба на оружја дополнително го размрдува безбедносно светот – заклучува Марковски.