Десет години од арапската пролет
Пред една децeнија, младиот продавач на овошје Мохамед Буазизи се запали пред просториите на локалната власт во неговиот роден град во Тунис, во знак на протест против полицијата која му ја запленила тезгата од која продавал овошје. Шокантниот чин на 26-годишникот набргу покрена бран на незадоволство низ неговата татковина, каде што илјадници луѓе пронајдоа храброст да го кренат гласот против власта, пишува „Гардијан“.
Во 18-те дена помеѓу чинот на Буазизи на 17 декември 2010 година, и неговата смрт на 4 јануари 2011 година, се случија големи протести во Тунис кои ја соборија владата на Зин ел Абидин ибн Али, принудувајќи го да ја предаде власта 10 дена по смртта на продавачот на овошје. А потоа уследија уште поголеми промени со настаните кои поттикнаа револт низ северна Африка и Блискиот Исток. Смртта на продавачот на овошје на тој начин стана симбол на гневот кои дефинираше една ера.
Протестите набргу прераснаа во револуции, ширејќи се во регионот. Во Египет, Бахреин, Јемен, Либија и во Сирија, диктатурите кои се сметаа за несоборливи, одеднаш се покажаа како ранливи. Во секој ќош од регионот допре приказната на Буазизи кој заработувал околу две евра дневно со кои издржувал осумчлено семејство, пред да биде угнетен од власта. А движењето стана познато како арапска пролет.
Бунтот беше помогнат од способноста на луѓето да се организираат бргу преку интернет, користејќи ги паметните телефони и нивните апликации кои лесно ги победуваа државните безбедносни структури.
До средината на јануари 2011 година тунискиот претседател Бен Али отиде во егзил во Саудиска Арабија, а во Египет потоа дојде до револуција која го собори од власт Хосни Мубарак по четиридецениското владеење. Дојде до потреси и во Либија каде што владееше Муамер Гадафи пред да биде убиен, како и во Сирија каде што династијата Асад се соочуваше со закана за нејзината моќ. Во текот на годината во Сирија почна војна откако власта им се спротивстави на демонстрантите и на опозициските сили. А осум години подоцна, Башар ал Асад останува на власт. Последиците од арапската пролет беа почувствувани и во Европа со мигрантската криза.
– Ирачката војна и арапската пролет доведоа до создавањето на Исламската држава и до сириската граѓанска војна, кои пак, создадоа бегалска криза во Европа, придонесувајќи за подемот на популизмот на Западот и определбата на Обединетото Кралство за напуштање на ЕУ – вели Ема Скај, поранешна советничка на американската команда во Ирак.
Египетската научничка Ненси Окаил која привршувала со докторските студии на универзитетот „Оксфорд“ кога избија протестите во Каиро, вели дека „борбата вредела“ и покрај сите проблеми, додека битките уште се водат.
– Имавме неколку мали победи и уште водиме битки. Колку подолго состојбата остане ваква, толку потешко ќе биде да ја спасиме државата. Заради човековите права и демократијата не можеме да се потпираме само на политичките лидери за промени. Потребни ни се издрживост и различни пристапи. Така се случуваат вистинските промени – заклучува Окаил.