Аналгетикот што често се користи во светот, парацетамол, ги ублажува главоболките и температурата, но, како што тврдат научниците, повикувајќи се на неодамнешните истражувања, тој влијае и на мозокот, придонесувајќи за агресивно однесување и за слабеење на когнитивните функции. Статините имаат сличен ефект. Меѓутоа, механизмот на дејствување не е јасен, а резултатите од испитувањата се контрадикторни.
Научниците од Државниот универзитет во Охајо спровеле експеримент со 500 доброволци. На едни од учесниците им бил даван ацетаминофен (американско име за парацетамол), а на други плацебо. Потоа ги замолиле да надуваат балони, и тоа за награда.
Наградата зависела од големината на надуваниот балон, но ако пукне, лицето не добива ништо. Лицата склони кон преземање ризик, кои се обиделе да надуваат што поголем балон, повеќето биле од оние што го земале парацетамолот. Оние што земале плацебо застанале навреме. На крајот, во нивната група немало балони што пукнале.
Доброволците притоа го процениле степенот на ризик од неколку хипотетички настани, на пример, скокање банџи од голема висина или возење автомобил без безбедносен појас. И ацетаминофенот повторно го ослабнал чувството на опасност. Учесниците во експериментот што го примиле лекот почесто покажувале подготвеност да ризикуваат и да возат со голема брзина без да носат безбедносен појас.
Очигледно, оваа супстанција ги потиснува негативните емоции и ја намалува загриженоста кога некое лице е подготвено да ризикува, истакнуваат авторите на истражувањето. Меѓутоа, зошто се случува тоа сè уште не е јасно.
Влијание на лекот врз когнитивните функции
Според работата на канадските научници, парацетамолот може негативно да влијае врз когнитивните функции. Во нивниот експеримент, доброволците што го примале лекот побавно одговарале на прашања и правеле грешки почесто од оние што примале плацебо. Меѓутоа, ефектот траел кратко, бидејќи по неколку часа, брзината во реакциите се враќала во нормала.
Американски истражувачи откриле дека ацетаминофенот исто така ја ослабува емпатијата, односно сочувството кон другите луѓе. Во најмалку два експеримента во исто време, доброволците, по земањето на лекот, слабо ги идентификувале емоциите на соговорникот и слабо ги проценувале нивната и туѓата болка.
Според авторите на овој труд, ваквиот чуден резултат се објаснува со особеностите на човечкиот мозок. Кога ќе се забележи болка, без оглед чија, се активираат истите области во мозокот како и во случај на таканаречена позитивна емпатија, односно радост за друга личност. Затоа слабеењето на чувството на болка влијае на емпатијата кон другите.
Кај жените ја зголемува агресијата, а мажите ги смирува
Поразбирлива е корелацијата помеѓу агресијата и статините, лекови што го намалуваат нивото на холестерол во организмот и со тоа го намалуваат ризикот од срцев и мозочен удар.
Пред неколку години, научниците покажаа дека приматите што биле на диета со ниско ниво на холестерол се однесувале крајно непријателски едни кон други.
Невообичаеното однесување кај луѓето исто така се објаснува со врската помеѓу холестеролот и серотонинот (невротрансмитер вклучен во регулирањето на однесувањето). Така, според научниците од Универзитетот во Калифорнија, во Сан Диего, статините ја зголемувале агресијата кај жените на средна возраст.
Речиси илјада доброволци од различни возрасти земале статини или плацебо секојдневно во период од шест месеци. Се покажало дека учесниците во експериментот, постари од 45 години, кои примале лекови, станале нескротливи во комуникацијата и поагресивни. Но статините имале спротивен ефект врз мажите – ги смирувале.
Меѓутоа, канадските истражувачи се убедени дека влијанието на статините врз однесувањето на пациентите е значително претерано. Нема доволно докази дека овие лекови предизвикуваат губење на меморијата, нарушување на спиењето и агресија. А значително е поголем бројот на лица што избегнале срцев и мозочен удар благодарение на нив, отколку на оние што се соочиле со несакани ефекти.