Бугарија го преименува празникот кој досега го славеше на 24 мај како Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо, во Ден на светите браќа Кирил и Методиј, за бугарската азбука, образование и култура и за словенската литература, со измените на Законот за работни односи кои во текот на вчерашниот ден добија поддршка од ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, како и од „Обединети патриоти“, објави БГНЕС.
Георги Гоков од БСП се спротивставил на промената, наведувајќи дека Законот за работни односи не е место за решавање на историски спорови, како што пренесуваат бугарските медиуми.
Бугарското собрание на 1 октомври, во прво читање го усвои предлогот за преименување празникот 24 Мај, со 73 гласа „за“, четири „против“ и 34 „воздржани“. Предлогот го поднесе коалицијата „Обединети патриоти“ предводена од ВМРО-БНД на вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, која е дел од владата на Борисов. Според „Обединети патриоти“, формулацијата „празник на словенското писмо“, била измислена од Комунистичката партија на Бугарија пред 30 години.