Кога Жан-Клод Јункер го забележа унгарскиот премиер Виктор Орбан на почетокот на самитот на ЕУ во 2015 година, тој го поздрави со пријателско ракување и допир по лицето. „Диктаторот доаѓа“, кажа тогаш искусниот политичар од Луксембург, шегувајќи се со колегите пред да почнат нивните разговори. Но денес таа шега не е смешна, пишува „Блумберг“.
Додека лидерите се собираат во Брисел за денешниот самит, ЕУ се справува со последиците од годините во кои одбиваше да преземе акција кога не можеше да ги контролира Унгарија, а потоа и Полска, поради систематската ерозија на демократските стандарди.
ЕУ помина низ финансиски кризи, паниката со мигрантите и глобална пандемија во тој период, а уште се справува и со трауматичниот развод од Обединетото Кралство. Спорот за владеењето на правото се одвиваше побавно, но би можел да се покаже како поопасен од сите други предизвици за Унијата.
– Ова е навистина егзистенцијална криза за ЕУ – кажа Даниел Келмен, професор на политички науки и право на универзитетот „Ратгерс“.
Во пресрет на самитот Унгарија и Полска го блокираа историскиот финансиски пакет вреден 1,8 трилиони евра, кој треба да се искористи за закрепнување на ЕУ од финансиската криза предизвикана од пандемијата. Орбан и неговиот колега во Варшава Матеуш Моравиецки се спротивставија на механизмот поврзан со пакетот кој на ЕУ ќе и овозможи да ги притисне нив врз основа на демократските стандарди.
Спорот ја поттикна загриженоста за способноста на ЕУ за обновување на економијата по пандемијата и отвори прашања за способноста на блокот да постигне консензус за стратешките економски и политички цели.
Договор постигнат во последен час се чини дека ќе ги ослободи средствата, но спорот го прикажа раздорот во срцето на ЕУ и поттикна прашања за иднината на Унијата и на нејзините вредности.