Уметниците најчесто ги прашуваме што е она што ги инспирира, што ја поттикнува нивната креативност. Одговорот, меѓутоа, можеби не лежи само во желбата за создавање туку во потребата – уметноста често е акт на терапија или катарза. Угледни уметници, како што се Луиз Буржуа, Фрида Кало, Трејси Емин, Марина Абрамовиќ и други, создавајќи низ различни уметнички форми, ги наведуваат благодатите на уметноста како средства за работа низ изразување на мислите и чувствата како анксиозност, депресија, осаменост или фрустрации. Уметноста е засолниште и начин да се пренесат чувствата, па, оттука, е и некаков вид терапија што е драгоцена за нашето ментално здравје, без оглед дали сме творци или консументи. Наведуваме цитати на некои од најголемите современи уметници што инспирираат.
Луиз Буржуа: „Знам дека кога ќе завршам со цртање, нивото на мојата анксиозност опаѓа. Кога цртам, тоа значи дека нешто ме мачи, но не знам што е тоа. Значи, тоа е лекување на анксиозноста.“
Луиз Буржуа ѝ припаѓа на втората генерација надреалистички и феминистички скулптори и е една од најзначајните американски уметници на 20 век. Таа ја насочила својата болка во креативните концепти на нејзината уметност. Овие високонапластени чувства произведоа стотици скулптури, инсталации, слики, цртежи и парчиња ткаенини во голем број материјали. Нејзините дела се наоѓаат во збирките на најважните светски музеи и галерии, а привилегијата на еден приватен колекционер да го има нејзиното дело е исклучително ретка. Свои изложби и ретроспективи имала претставено во најзначајните уметнички институции во светот, како што се центарот „Жорж Помпиду“ во Париз, „МоМА“ и „Гугенхајм“ во Њујорк, Токио, Рим, Мадрид… На Венециското биенале ја доби наградата за животно дело.
Јајои Кусама: „Мојата надеж во уметноста е да ширам радост и љубов кон сето она што значи да се биде човек. Многу размислувам за тоа што значи денес да се биде уметник во светот. Ова е време на големи немира и раздори. А сепак, светлоста можеме да ја видиме секаде околу нас. Ја користам уметноста како терапија за мојата болест, но претпоставувам дека нема да дознаам како луѓето ќе гледаат на мојата уметност, сè додека не умрам. Создавам уметност за лекување на целиот човечки род.“
Јапонската уметница Јајои Кусама е неприкосновена во опсесивната употреба на точките. Точките ги има на сликите масло на платно, на ѕидови, скулптури, цели соби прекрива со точки, дури и голи човечки тела. Кусама се бори со опсесивно-компулсивно нарушување и има халуцинации уште од детството. Таа ги канализира овие проблеми преку својата креативност, преточувајќи ги во уметност, која е доста опсесивна и халуцинаторска. Денес таа живее во ментална институција и работи во студио што се наоѓа во непосредна близина.
Сали Ман: „Секојпат кога ќе направите добра фотографија, имате прекрасно чувство на восхит и речиси целосен пресврт. Го имате тој страшен, ужасен страв дека тукушто сте ја направиле својата последна добра слика.“
Сали Ман е американска фотографка, широко позната по своите црно-бели фотографии во голем формат – најпрво од нејзините мали деца, а потоа и од пејзажите што укажуваат на распаѓање и смрт.
Едвард Мунк: „Откога паметам имам длабоко чувство на анксиозност што се обидов да го изразам со мојата уметност. Без анксиозноста и болеста, веројатно би бил брод без кормило.“
Едвард Мунк е запаметен како водечки сликар на постимпресионизмот и пионер на експресионизмот. Неговото основно дело „Вресок“ е едно од најзначајните уметнички дела на модернизмот на 20 век и една од најпрепознатливите слики во светот. Делото е обработено на различни начини лично од Едвард Мунк, во четири слики и една литографија помеѓу 1893 и 1910 година. До денес, тоа сè уште е најпознатата слика на Мунк – но во никој случај не е единствено негово извонредно дело. Бил осамен човек, кој никогаш не се оженил, немал деца, а за време на животот не доживеал ни приближно од славата што ја има денес.
Трејси Емин: „Работата е добра. Ако не создавам, станувам болна и депресивна. Сликарството ме прави подобро човечко суштество. Тоа е она што треба да го правам.“
Трејси Емин се катапултира во јавната сфера во 1990-тите. Со неа надојде бран на контроверзност, индивидуалност и став, а подоцна таа остана движечка фигура на британската уметничка сцена. Од шатори декорирани со имињата на сите со кои некогаш спиела до злогласната инсталација на нејзиниот кревет по раскинување – прикажан каков што бил по неколку недели пиење, пушење, јадење, спиење, секс и состојба на колапс. Нејзината работа отелотвори осцилација на интензивни и бескрупулозни емоции. Од 2011 година е назначена за академик на Кралската академија на уметностите.