Венецуела која ги поседува најголемите светски резерви на нафта, се наоѓа во голема економска криза поради која многумина нејзини жители не можат да си дозволат храна и лекови, додека полиците во маркетите се празни. Згора, стапката на криминалот е во рекорден пораст, со што многумина Венецуелци се плашат да ги напуштат домовите ноќе, пишува британски „Гардијан“.
Јужноамериканската држава е погодена од голема инфлација која би можела да достигне еден милион отсто до 1 декември, според предвидувањата на Меѓународниот монетарен фонд. Ваквата економска криза би можела да се спореди единствено со ситуацијата во Германија по Првата светска војна, и со онаа во Зимбабве на почетокот на минатата деценија.
– Ние сме милионери, но сме сиромашни – објаснува Мајгуалида Ороноз, 43-годишната медицинска сестра која ја заработува минималната плата од пет милиони боливари месечно.
Ваквата заработка е едвај доволна за да се купи еден килограм месо.
– Едвај можеме да се прехраниме, но нема да преживееме ако се случи некој здравствен проблем, бидејќи цените на лековите се исклучително високи и растат секојдневно – порачува Ороноз.
Соочени со безизлезната ситуација, луѓето масовно бегаат во соседната Колумбија, каде што веќе пристигнаа преку еден милион Венецуелци. Други, пак, зависат од финансиската помош на нивните роднини, каков што е случајот со Елиса Гонзалес, која добива пари од нејзината сестра во Перу.
– Не знам уште колку долго ќе преживееме на ваков начин. Без разлика дали сме вработени или не, она што го заработуваме не е доволно за да ги пратиме децата на училиште, а прехранувањето стана невозможна мисија – порачува Елиса Гонзалес, која е мајка на две деца.
Пред две години, луѓето купуваа овошје од Хозе Пачеко (61) со тогаш највредните банкноти од 100 боливари, што сега немаат никаква вредност поради високата инфлација во Венецуела.
– Лудо е да прифатите банкноти од 50, 100 или 1.000 апоени. Инаку, добивам кутија полна со пари кои потоа морам да ги однесам во банка – вели Пачеко кој сега ги прифаќа единствено новите испечатени банкноти од 100 илјади боливари, што ретко се наоѓаат, продавајќи овошје од неговата тезга во Сиудад Гвајана.
Многумина жители на Венецуела го обвинуваат претседателот Николас Мадуро за ваквата состојба, додека венецуелскиот лидер тврди дека државата е во економска војна со САД и со Европа. Мадуро тврди дека приватните банкари изнесуваат пари во соседна Колумбија, како дел од сложен заговор за саботирање на тамошната економија. Еден од плановите на претседателот за справување со хиперинфлацијата претставува бришењето на три нули од банкнотите, но економистите сметат дека тоа нема да помогне.