Еминентната хрватска издавачка куќа ВБЗ ја објави книгата раскази „Делфин“ на Александар Прокопиев, еден од водечките балкански постмодернистички писатели, како што се оценува во најавата на издавачот. Преводот на хрватски е на Ивица Баковиќ.
– Расказите на Прокопиев се наоѓаат некаде на границата помеѓу реалистичното и фантастичното. Кај него заемно опстојуваат имагинарните и вистинските дејства и ликови, кои се јавуваат во различни хронотопи, па ги затекнуваме во Скопје, Белград, Загреб, во соништата, некаде на морскиот брег, во далечното минато, како и во животот на Александар Прокопиев. Некои од тие раскази се очевидна фикција, некои се историографски, додека некои се исчитуваат како автобиографска проза – се вели, покрај другото, во рецензијата.
Според хрватскиот издавач, раскажувачот нѐ води во деновите на детството и младешкото созревање, но нурнува и во подлабоки теми, како што се положбата на интелектуалецот во времињата неприкладни за тие што истапувале против владејачкиот систем, вината и простувањето, тежината на победите и поразите.
– Самосвоен, со хумор, ерудит без сувопарност, писател за сите генерации, како што го именува критиката, Прокопиев напишал една шармантна и духовита книга, која ќе нѐ освои и ќе ни дарува единствено читателско искуство – велат од ВБЗ.
За релативно кратко време, во последниве неколку месеци, се појавија три преведени книги од Прокопиев: „Делфинот“ во Словенија (издавач „Апокалипса“), „Синот-риба“ во Србија (издавач „Геопоетика“) и сега хрватскиот „Делфин“ кај ВБЗ.