Едно мало универзитетско место, Лемго во северозападна Германија, има прилично бурна историја. Најпрепознатлива зграда во ова место е „Куќата на началникот за вештици“. Во оваа зграда живееле ловците на вештерки во 17 век.
Од 1628 година, па во текот на следните педесет години, повеќе од 200 жени (и пет мажи) биле запалени. Меѓу имињата на вeштерките се наоѓа и името на Маргарет Кревециек. Кревециек е уапсена и обвинета за вештерство, како и за тоа дека пробала на своите трикови да го научи едно девојче, летото во 1653 година.
Таа била мачена и запалена на 10 август истата година. Пред да биде запалена, нејзината глава била отсечена.
Приказната неодамна се промени, благодарение на нејзините потомци.
Пензионираниот полицаец и страствен аматерски генетичар Бернд Крамер додека го истражувал семејното стебло открил дека неговата сопруга Ула е во роднинска врска со Кревециек.
– Кога откривме дека имаме „вештерка“ меѓу нашите предци, се возбудив. Тоа е богатство за истражување – рекол Крамер за Би-би-си.
Кревециек била обвинета од нејзиниот шестгодишен посинок, кој ѝ се одмаздувал затоа што го казнила со ќотек.
Кремери сметале дека нивната роднина заслужува правда, независно од тоа што е минато толку време. Во 2012 година тие поднеле официјално барање до градските власти за Кревециек да биде ослободена од тужбата. Пет години подоцна, таа и сите други жртви осудени за вештерство биле прогласени за невини.
Големиот лов на вештерки
Салемските судења во Масачусетс во 17 век се познати ширум светот, ама Европа бил центарот за лов на вештерки. Во Салем 200 жени биле осудени дека се вештерки, а 20 ги изгубиле животите.
Во денешна Германија, бројот на погубени вештерки се движи околу 25.000. Во Швајцарија биле убивани цели села. Се проценува дека во Европа меѓу крајот на 16 и почетокот на 17 вел се погубени од 40.000 до 60.000 луѓе.
Хартмут Хегелер е протестантски пастор, кој од 2010 година до денес помогнал од тужби да се ослободат стотина жртви од ловот на вештерки. Тој вели дека суштината на оваа борба е актуелна и денес, со вршењето насилство врз маргинилизираните групи.
Деветгодишна вештерка
Отец Хегелер вели дека посебен впечаток му има оставено случајот со деветгодишната Кристин Тајпел, која била погубена во мај 1630 година.
Кристин почнала да зборува дека е вештица и дека е дел од ритуали – вечерен танц со ѓаволот, заедно со 15 други луѓе, меѓу кои и уште едно девојче – Грета. Многу историчари сметаат дека девојчето се однесувало така поради злоставување или некоја друга траума. Кристин и луѓето што таа ги именувала биле судени, мачени и на крај убиени.
Бруталните облици на телесни казни, кои вклучуваат и распнување и држење некого буден со денови, често се користени. Вообичаена техника била потопувањето. Обвинетата вештица била врзана за маса и потопена во вода. Доколку испливала, тоа значело дека користела вештерски трикови и потоа била запалена. Доколку се удавела, била прогласена за невина.
Незаситна страст
Осумдесет и пет отсто од осудените за вештерство биле жени. Тие често биле обвинувани за „сексуално општење со ѓаволот“.
„Малеус Малефикарум“ е водич за лов на вештерки од 15 век во кој посебно се нагласува сексуалниот апетит на жената.
Клер Мичел, правничка од Шкотска, вели дека мизогинијата од тоа време се препознава и денес. Нејзината кампања се залага за помилување, извинување и подигнување споменици во чест на осудените за вештерство. Овој закон во Шкотска бил актуелен од 1563 до 1736 година.
Паника од сатанизам
Шкотската паника почнала поради Кралот Џејмс VI, кој себеси се сметал за стручњак на оваа тема, па дури имал и напишано книга за окултизмот. Неговата паника почнала кога се соочил со бура на отворено море. Тој обвинил 4.000 луѓе за вештерство, а погубил 2.600.
Интересен е случајот со една жена од островот Оркни, на северосточниот брег на Шкотска. Нејзиниот сопруг, кој бил рибар, додека ловел почнала бура. Додека траела бурата од водата излегла една фока и го погледнала во очи. Нему во очите фоката му заличела на сопругата и тој бил сигурен дека жена му е вештерка што може да менува облици. Потоа жената била погубена.
Исправување на историјата
Исправувањето на историјата не е лесно, дури и кога се работи за очигледна неправда.
Во Германија, отец Хегелер, вели дека некои локални власти одбиле да прогласат некогашни жртви за невини затоа што сметале дека тоа лошо ќе делува на туризмот.
Германските верски лидери го поддржуваат, меѓутоа сметаат дека црквата треба да се фокусира на актуелните проблеми, како што се бегалската криза и сиромаштијата.