САД не мора да го напуштат новото изменето НАТО, туку можат со мало воено присуство да ја демонстрираат својата посветеност кон алијансата и европските партнери, смета американскиот безбедносен аналитичар Чарлс Пења
Како кандидат на Демократската партија, Џо Бајден напиша дека неговата агенда е дека „ќе ги постави САД на чело на масата, во позиција да работат со своите сојузници и партнери за да мобилизираат колективна акција против глобални закани“. Пишувајќи за партнерствата на САД со сојузниците и повикувајќи се на НАТО, тој рече: „Јас ќе го водам обидот одново да ги дизајнираме за светот со кој се соочуваме денес“. Но што треба да значи тоа?
НАТО првично беше создаден како воен сојуз за заштита на Западна Европа од советската воена закана и комунистичките експанзионистички амбиции. Во тоа време, Европа беше опустошена, и воено и економски, од Втората светска војна и се сврти кон САД за да обезбеди економска помош и безбедносен чадор. Камен-темелник на алијансата е концептот на колективна одбрана содржан во членот 5: „Вооружен напад против една или повеќе членки во Европа или во Северна Америка ќе се смета за напад против сите членки“. Ова значеше дека Советскиот Сојуз треба да смета дека секоја инвазија на Европа ризикува директна воена конфронтација со САД, вклучително и духот на нуклеарната војна.
Но Берлинскиот ѕид падна во 1989 година. Советскиот Сојуз повеќе не постои. Неговите поранешни сојузници од Варшавскиот пакт се интегрирани во Европа и сега се дел од НАТО. И Русија не претставува иста закана како поранешниот Советски Сојуз. Но ако на Русија се гледа како закана за Европа, тоа е закана со која Европејците треба да се спротивстават без да зависат од САД како што тоа го сторија за време на Студената војна. Комбинираниот БДП на европските земји на НАТО беше 17.500 милијарди долари во 2019 година, што беше десет пати поголем од рускиот (1.700 милијарди долари). Одбраната на НАТО беше четири пати поголема од таа на Русија, односно 287 милијарди долари наспроти 65 милијарди долари. Со оглед на финансиските средства, фер е да се постави прашањето како Русија претставува закана и зошто Европа не може да се брани од неа?
Ова не значи дека руската закана е бенигна, но е важно да се стави заканата во контекст. Опасноста што Русија ја претставува за Европа може да биде помала од воена перспектива и повеќе во однос на сајбер-напади и кампањи за дезинформирање со цел да се поткопаат изборите и довербата во владите и институциите.
До ограничена мера во која Русија претставува директна воена закана, дел од проблемот не е во тоа колку пари трошат Европејците, туку во тоа како ги трошат.
НАТО има оперативни, материјални и административни стандарди, како и интероперабилност за многу од своите вооружени системи. Но европскиот контингент на НАТО сè уште се состои од дваесет и осум одделни војски. Можеби е премногу да се побара од суверените нации да се откажат од контролата врз нивните индивидуални војски (иако европските земји беа во можност да го сторат тоа во други области, како што е валутата, преку Европската Унија), но редизајнираниот НАТО би бил таков што Европа би понудила пообединета и поинтегрирана заедничка сила меѓу нејзините нации-членки. Особено, НАТО треба да го усвои концептот на целосно мрежни команди, контрола и комуникации, што е клучно во дигиталното време.
Друг дел од проблемот е што НАТО избра да преземе операции надвор од областа на дејствување, што го одвлекува вниманието од нејзината основна мисија, колективна одбрана од директните воени закани кон Европа. Исто како што вечната војна во Авганистан не е од клучно значење за националната безбедност на САД, истото важи и за европската безбедност.
Дури и ако САД не треба да обезбедуваат бедем на одбраната на Европа, тоа не значи дека САД треба целосно да го напуштат НАТО. Мало воено присуство е доволно за да се демонстрира посветеноста на Америка кон НАТО. Но наместо да биде одбранбена линија на фронтот за Европа, како што беше за време на Студената војна и останува така и денес, најголемиот дел од американската воена поддршка ќе биде како крајна опција што е подготвена и способна да одговори со огромна сила за одбрана на Европа доколку е потребно.
Новоизбраниот претседател Џо Бајден им порача на странските лидери дека „Америка се врати“. Но враќањето назад не значи враќање на НАТО пред времето на Доналд Трамп и засновано на стара парадигма. Наместо тоа, Бајден како претседател на САД треба да го предводи ресетирањето на НАТО за свет со кој алијансата се соочува денес.