Со овој избор се нуди можност за еден синоптички увид во најновата драмска продукција на македонски јазик, која покажува не само генерациска, тематска и жанровска разновидност туку и творечко проникнување со најдоброто од современата светска драматургија, велат приредувачите
Деновиве излезе од печат антологијата „Еуродрам 2020: избор нови македонски драми“ во издание на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Овој избор содржи шест текста од македонски автори што беа избрани како најдобри меѓу 25 нови, необјавени и неизведувани драмски дела напишани на македонски јазик, пријавени на конкурсот на Еуродрам -Европската мрежа за современа драма и превод во јануари 2020 година. Приредувач на антологијата и автор на предговорот е Иван Додовски.
Изборот го направија членовите на Македонскиот комитет на Еуродрам: Иван Додовски, театролог, писател и професор; Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и професорка на Институтот за ориентални јазици и цивилизации во Париз; Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена и Катерина Коцевска, актерка и драмска писателка, директорка на Драмскиот театар од Скопје.
Во антологијата се застапени драмите: „Грејс Кели не пие бамбус“ од Давор Стојановски, „Помеѓу змејот и неговиот бес“ од Сашо Димоски, „Саатот“ од Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, „Деспот Кољ“ од Атанас Вангелов, „Трогледало“ од Ана Стојаноска и „Белешките на немиот писател“ од Никола Кузелов.
– Со овој избор се нуди можност за еден синоптички увид во најновата драмска продукција на македонски јазик, која покажува не само генерациска, тематска и жанровска разновидност туку и творечко проникнување со најдоброто од современата светска драматургија – велат приредувачите.
Антологијата ќе биде претставена на јубилејното 55-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп во 2021 година, а избраните македонски драми се препорачуваат за сценска изведба и за превод на други јазици преку мрежата на преведувачи на Еуродрам.
– Шесте драми објавени во овој избор, како и преостанатите македонски текстови што беа разгледувани во рамките на конкурсот на Еуродрам за оригинални драми во 2020 година, влегоа во конкуренција на повеќе од 700 дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици. Овие бројки сами по себе зборуваат за тоа колку е вибрантен светот на европската драма. Во исто време, големата продукција може да укаже и дека некои нови дела не го добиваат секогаш заслуженото внимание. Во таа смисла, мисијата на Еуродрам, да афирмира нови наслови и нивни преводи, е исклучителна – вели Иван Додовски во предговорот на антологијата.
Еуродрам е европска мрежа за современа драма и превод со седиште во Париз и Луксембург, која опфаќа повеќе од 300 члена организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и од Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.