Во Бугарија, за говор на омраза се смета тоа што Македонците зборуваат за себе. Значи, ако ние се сметаме за Македонци, тоа се смета за говор на омраза против Бугарија, затоа што мора да бидеме Бугари, вели Стојко Стојков, копретседател на организацијата ОМО Илинден Пирин во Република Бугарија
Бугарски дипломатски вештини за извртување на фактичката состојба на добрососедските односи
Карактеристично нешто за македонско-бугарските односи, уште пред нивното вжештување поврзано со актуелното условување од Бугарија за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ, може да се каже дека е педантноста на бугарската страна во следење и бележење на секоја изјава, секое дејствување во Македонија што би можело да се поврзе со Бугарија. Во процесот на обработка на таквите „сознанија од теренот“, бугарската страна доследно, со децении, изведува заклучок дека политиката во Македонија подгрева расположение сосема спротивно на нивната политика дека „Македонците се одродени Бугари“. Притоа, бугарската политика како да не сака да излезе од маѓепсаниот круг на создавање антагонизам, со постојано засилување на своите анахрони хегемони позиции во градење на „добрососедските“ односи. Сега, пак, користејќи ја позицијата на членка на ЕУ, иако сосема несоодветни за европските вредности, Бугарија ги користи сите вештини и инструменти за политичко пермутирање на претставата за состојбите во билатералните односи со Македонија, обидувајќи се да се претстави пред ЕУ како жртва, односно објект на атака, од страна на македонското неоткажување од сопственото постоење и посебен национален идентитет, а со тоа загрозувајќи го нивниот?! Покрај сите аргументи за „неподготвеноста на Македонија да ги започне преговорите“ што беа наведени во бугарското вето пред институциите на ЕУ, не беше пропуштено да се нагласи и говорот на омраза спрема Бугарија, кој наводно е стимулиран од македонските државни институции.
– Говорот на омраза, сам по себе, не може да претставува аргумент за вето пред ЕУ, но може да им послужи на Бугарите да нѐ претстават нас Македонците пред европските институции како невротични, односно дека македонското општеството не е дораснато на европските стандарди за однесување. Таквата претстава, за која се во позиција да ја проектираат пред ЕУ, секако е извртена. Мора да признаеме дека на Балканот нема недостиг од националисти и националистичка реторика. Во таква објективна ситуација, работата на државите е дали ќе создадат општествен амбиент на поддршка на таквата реторика, која вообичаено води до говор на омраза. Во овој период на вжештена комуникација во македонско-бугарските односи, на институционално ниво во македонската држава немало таков наратив на говор на омраза. Напротив, македонските официјални политичари во изјавите постојано ги нагласуваат градењето и развојот на пријателските односи со соседските народи. За разлика, од македонската страна, високи преставници од бугарската влада воопшто не се воздржуваат од изјави што може да се квалификуваат како национализам, па и шовинизам – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Покрај сите аргументи за „неподготвеноста на Македонија да ги започне преговорите“ што беа наведени во бугарското вето пред институциите на ЕУ, не беше пропуштено да се нагласи и говорот на омраза спрема Бугарија, кој наводно е стимулиран од македонските државни институции
Кога се зборува за поимот „говор на омраза“, потребно е да се напомене дека, и покрај честата употреба на овој термин, не постои негова универзално прифатена дефиниција. Од расправите на стручњаците и многубројните предлози за дефинирање можеме да извлечеме една синтетичка дефиниција, која ќе биде пред сѐ доктринарна како „вид на изразување што е дизајнирано да промовира омраза врз основа на раса, религија, етничка припадност, национално потекло, пол, сексуална ориентација, класа/социјално потекло, телесна или ментална попреченост“. Имплицитно дефинирање на говорот на омраза е содржано во Препораката бр. R (97) 20 на Комитетот на министри на Советот на Европа за „говор на омраза“ од 1997 година. Во прилогот кон препораката се истакнува дека терминот „говор на омраза“ треба да се разбере како термин што ги опфаќа сите форми на изразување со кои се шири, поттикнува, промовира или оправдува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза заснована на нетолеранција, вклучувајќи и: нетолеранција изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло.
Европскиот суд за човекови права во своите пресуди што се однесуваат на говор на омраза поаѓа од оваа дефиниција на говорот на омраза или неговото разбирање како говор што ги опфаќа „сите форми на изразување што шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција.“
Бугарија, пак, често е предмет на интерес на Европскиот суд за човекови права, од каде што има и пресуди за непочитување на малцинските права на Македонците во својата држава. Неодамна доби и опомена од Комитетот на министри на Советот на Европа, поради неспроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во врска со овозможување регистрација на македонските здруженија.
– Во Бугарија за говор на омраза се смета тоа што Македонците зборуваат за себе. Значи ако ние се сметаме за Македонци, тоа се смета за говор на омраза против Бугарија, затоа што мора да бидеме Бугари – вели во едно свое интервју професорот Стојко Стојков, копретседател на организацијата ОМО Илинден Пирин во Република Бугарија.
Професорот Стојков не е изненаден од ставот на Бугарија за поставување вето на почнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ, како и од аргументите што ги користи, меѓу кои и говорот на омраза.
– Клучно за Бугарија е да се оспори македонскиот јазик, затоа што тоа го негира самото постоење на македонската нација, а од друга страна ќе се одземе секоја можност во иднина да се бара признавање на македонско малцинство во Бугарија, кое е клучен проблем за Бугарија. Ако македонскиот јазик е посебен јазик и уште повеќе што во минатото се изучувал во Бугарија, тогаш јасно е дека бугарската позиција не може да се заштити – вели Стојков, посочувајќи дека овие позиции на официјална Софија се стари 50 години и не верува дека без меѓународен притисок ќе се променат и по изборите таму, во март наредната година.