Откако Владата реши да се исклучат хидроцентралите поради неповолната хидролошка состојба, повторно се актуализира прашањето за алтернативните патишта во снабдувањето со електричната енергија, при што експертите се децидни дека насоката за развој на енергетиката во светски рамки е сосема јасна, но има различни мислења за соодносот на државната и приватната сопственост во производството на енергија

Сушата што ја погоди нашата земја оваа и минатата година крајно неповолно се одрази врз хидролошката состојба, поради што Владата реши да се исклучат хидроцентралите, а тоа пак го актуализира прашањето за алтернативните патишта во снабдувањето со електрична енергија. Тоа, впрочем, беше и темата на третиот македонски енергетски форум, кој во организација на ЗИП институт, а во соработка со Владата и Амбасадата на Соединетите Американски Држави се одржа во Скопје. На форумот, премиерот Зоран Заев истакна дека заложбите се постепено преминување кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија вода, сонце и ветер, за постепено намалување на употребата на јагленот како извор на енергија. Сепак, од чистите и обновливите извори на енергија (ОИЕ), засега, најмногу се зборува за ветерните паркови, а единствениот таков, во моментов, постои во Богданци.
Инаку, Владата соопшти дека за исклучувањето на хидроцентралите се одлучиле оти „според сите показатели и споредбени просеци во изминатите 15 години, 2020 година е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроцентралите во последните месеци поради непогоди во рудниците во РЕК Битола, водата во езерата е искористена во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минимум на котите неопходен за живиот свет“.
Поради ваквата состојба прашавме универзитетски професори дали треба повеќе да се инвестира во други ОИЕ, меѓу кои во нови ветерни паркови или во проширување на постојниот на пример.

– Последната година, односно последните две-три години имаме изразито сушен период, што настапува периодично. ОИЕ, без разлика на климатските промени, се тренд на развој во енергетиката, што и кај нас е доста актуелно. Ветерниот парк во Богданци ќе се прошири до 50 мегавати инсталирана моќност, а планирани се уште ветерни паркови во Македонија, некои по приватна иницијатива, а некои на ЕСМ – вели професор Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Професорот објасни дека нови ветерни паркови би биле од корист за енергетскиот сектор, но додаде дека треба добро планирање и нивно вклопување во целиот сектор.
– Проширувањето на енергетскиот систем со ветерни паркови ќе биде корисно бидејќи ќе имаме технологии од обновлива природа, но треба да се обрне внимание како ќе работат овие технологии во енергетски микс со термоцентрали, гасни централи и хидроцентрали. Со други зборови, потребно е да се обезбедат капацитети што ќе бидат флексибилни и ќе ги следат динамичките влијанија на ветерните централи. Ќе бидe потребно да се градат и реверзибилни хидроцентрали и гасни централи. Развојот на идниот енергетски систем треба да се разгледува интегрално на ОИЕ со конвенционалните хидроцентрали и термоцентрали, ако сакаме сигурен електроенергетски систем, кој доверливо ќе ги снабдува потрошувачите и ќе одговори на новите предизвици на енергетските трендови во светот – дополнува Чаушевски.

Неговиот колега од ФЕИТ, Димитар Димитров објаснува дека треба да се користат обновливите извори на енергија, како ветерните и фотоволтаичните централи, но тоа не значи да се напуштаат хидроелектричните централи (ХЕЦ). – Ветерните и фотоволтаичните централи имаат варијабилно производство, кое се компензира со ХЕЦ. За да може системот да прими повеќе ветерни и фотоволтаични централи, потребно е да има и повеќе хидроелектроцентрали што исто така се ОИЕ – вели професорот Димитров.
Според него, инвестициите во ветерните централи може да се сметаат за исплатливи ако за нив се добие повластена тарифа. Тој објаснува дека, доколку едно лице сака да инвестира во ветерен парк и притоа добиената електрична енергија ја продава на слободен пазар, ќе бидат неопходни подетални студии за исплатливоста, која ќе зависи од потенцијалот на ветрот на бараната локација, но и од оддалеченоста од мрежа, достапноста на теренот итн.
– Ветерната електроцентрала во Богданци беше планирана за моќност од 50 мегавати, а беа изградени 36,8 мегавати, па сега се дополнува инсталираноста. Ова ќе дополни „нешто“ во енергетскиот биланс, но тоа не ја исклучува потребата од ХЕЦ. Оваа година беше екстремно сушна, на ниво на елементарна непогода, па поради тоа вештачките, но и природните езера, се испразнети – заклучува Димитров.

Константин Димитров, член на претседателството на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ), пак го проблематизира начинот на кој Владата реши да го обезбеди снабдувањето од ОИЕ.
– Насоката за развој на енергетиката во светски рамки, во ЕУ и кај нас е јасна, треба да изградиме општество ослободено од користење фосилни горива. Кај нас се напушти концептот ветерните паркови да бидат во државна сопственост, при што Владата ќе можеше да води засилена социјална политика за заштита на домаќинствата преку своето јавно претпријатие и цената на неговиот производ. Оваа влада изградбата на ветерните паркови, преку концесии на 20 години со повластена тарифа, ги префрли во рацете на приватни компании. Со тоа овозможува енормно збогатување на група луѓе на сметка на домаќинствата. Иако со приватни инвестиции во ветерен парк се внесува приватен капитал во изградбата, сепак би било подобро ако постројките ги гради ЕСМ и со тоа профитот остане во рацете на државата, за потребите на граѓаните. Цената на еден мегаватчас електрична енергија што му се плаќа на ЕСМ е со вредност од 35 евра за мегаватчас, а ветерната енергија ќе ја плаќаме 89 евра за мегаватчас, и тоа 20 години. Покрај оваа штета, ЕСМ треба да се грижи за балансирање на системот, за обезбедување електрична енергија кога нема ветер или сонце, на своја сметка. Овие производители немаат никаква обврска, само права и профит – истакна Димитров.


Вкупно бруто-производство на електрична енергија, август 2020 година

Соларни електрични централи 0,5%
Ветерни електрични централи 1,9%
Термоцентрали 27,4%
Хидроцентрали 36,5%
Биогасни централи 1,0%
Комбинирани централи и индустриски енергани 32,7%