Во светот на тенисот се отворени прашања за играње во пет сета, календарот, линиските судии или системот „око соколово“, натпреварите на репрезентациите…
Треба ли тениските гранслем-турнири да продолжат да се играат во најмногу пет сета? Дали е добра идејата да нема линиски судии, односно да дејствува системот „око соколово“? Дали треба Дејвис-купот со осум селекции и АТП-купот со 24 репрезентации да се соединат во еден турнир? Дали паричните средства треба да им бидат распределени на адекватен начин на сите тенисери, односно и понискорангираните да се стимулираат на тој начин? Ова се само некои од прашањата што се отворени во тенисот.
– Мислам дека треба да се промени нешто во тенисот. Тоа е барем мојот став. Повеќе сум за тоа да се игра во два освоени сета на секој турнир. Гранслемовите секогаш се играле до пет одиграни сета, па не знам дали е можно сега да се смени тоа. Понатаму, тенисот има најдолга сезона од сите спортови, трае од 1 јануари до ноември. Тој е еден од спортовите што се придржуваат до традицијата, и го почитувам тоа, но во исто време размислувам и за помалку сетови, за календарот, Суперкупот… – вели, меѓу другото, светскиот тенисер број 1, Србинот Новак Ѓоковиќ.
Шпанецот Рафаел Надал е против промена на сегашниот број сетови на гранслем-турнирите.
– Секогаш имаме слободен ден меѓу таквите дуели. Мислам дека играњето во пет сета ја дава потребната разновидност на овие турнири, а во исто време тие се дел и од историјата на нашиот спорт – смета Надал.
За овие идеи побаравме мислење и од поранешни и актуелни македонски тениски репрезентативци и работници.
– Прашањето за бројот на сетовите е мошне интересно и се согласувам со двајцата врвни играчи. Логично решение за промена би било како што се користи на пример правилото во игра на двојки, а тоа е при израмнување да се игра еден поен и кој ќе го добие поенот, да го добие и гемот. Така би се скратила должината на мечевите, а би се задржал интересот на публиката, како и традицијата на гранслем-турнирите да се играат во три добиени сета. Според мене, сепак, два сета се доволни, а така се игра и во најголем дел од сезоната. Се согласувам со Ѓоковиќ и со Надал, куповите АТП и ИТП да се соединат во еден турнир. Мислам дека нема премногу турнири, а колку што знам, најдобрите се обврзани да одиграат 14, а можеби се и повеќе. Сега е добро за понискорангираните играчи да можат да се пробијат во врвните 100, инаку, ако нема турнири, не можат да го сторат тоа. И во времето на поранешна Југославија имаше мастерс-турнири, дури и пионерски. Еве, јас на 13 години го освоив турнирот во Сплит до 14 години, а тоа е голема мотивација за младите, а за победниците потврда за нивниот годишен труд. Сегашниот систем на распределба на финансиите е коректен, инаку која би била мотивацијата да бидеш број 1 ако не си награден соодветно – вели македонски тенисер Александар Китинов, кој играл и на престижниот гранслем-турнир Вимблдон.
Поранешниот македонски репрезентативец Предраг Русевски е за тоа барем гранслем-турнирите да се играат во три добиени сета.
– На тој начин и самиот успех има поголемо значење, а и публиката ќе гледа подолго тенис. Во текот на една година има само четири вакви турнири и сметам дека е добро да се играат во три добиени сета. Сметам дека нема потреба од линиски судии ако секаде технологијата е прецизна и навремена. Полека сакаат да се промени форматот на Дејвис-купот и мислам со право, оти долго време тоа не им беше во прв план на тенисерите, иако за мене тоа беа најубавите моменти во кариерата. Мислам дека кога би биле во вид на европско или светско првенство, би било поинтересно.
Турнири има доволно и календарот не е пренатрупан, оти ако мислите спротивно, не мора да играте. Мастерс-турнирот е суперидеја, но за мене има еден минус, а тоа е што никогаш не се игра на земјена подлога, иако 25-30 отсто од турнирите се играат на земја. Сметам дека треба на четири години барем еднаш и на земја да се игра и по можност на отворено. Треба послабите играчи да добиваат повеќе финансии во вид на платени трошоци за патување и слично. Знаеме колку е тешко да си на 200. место на АТП-листата, оти тоа место не носи никаква парична егзистенција. Она што би сменил во тенисот е начинот на бодување, односно би вовел бонус-поени за победа над врвните пет или 10 играчи или носители на турнирот, со што повеќе би се вреднувала победата – вели Русевски.
Ѓорческа: Репрезентативните мечеви треба да се играат пред домашна публика
Сметам дека традицијата гранслем-турнирите кај машките да се играат во три добиени сета треба да продолжи. Во последно време почнуваат да се прават многу промени во тенисот, сакаат да ја забрзаат играта, а во игра на двојки направија на 40-40 да има само еден поен што ќе одлучува. Не разбирам зошто да нема линиски судии? Доколку некој се сомнева во некоја одлука, има три можности да побара челенџ. Се согласувам дека репрезентативните мечеви треба да се играат пред домашна публика, како во секој спорт. Точно дека има многу турнири, меѓутоа секој индивидуално си прави распоред каде ќе учествува. Завршниот мастерс-турнир е одличен, а и убава можност за гледачите да ги следат најдобрите со многу квалитетни мечеви на едно место. Се согласувам и дека паричните средства треба да се распределат на друг начин. Нормално дека најдобрите заслужуваат најголема награда, меѓутоа разликата, сепак, не смее да биде многу драстична – вели најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа.
Маринковиќ: Се согласувам со идејата да се соединат Дејвис-купот и АТП-купот
Поранешниот селектор на македонската тениска репрезентација Дејан Маринковиќ смета дека во последно време во сите спортови се бараат новитети за да станат поинтересни.
– Лично ја почитувам традицијата и треба да се игра по сегашниот систем на сетови, оти тенисерите на гранслем-турнирите имаат еден ден пауза помеѓу дуелите, а и наградните фондови сега се многу поголеми. Што се однесува до линиските судии, имаме две страни на приказната за нив. Првата е дека дефинитивно системот „око соколово“ е речиси 100 отсто прецизен. Втората страна е дека ќе се загуби еден дел од традицијата и дека голем број линиски судии ќе останат без работа, а и тие се дел од тениската индустрија. Се согласувам со идејата Дејвис-купот и АТП-купот да се соединат во едно натпреварување, оти да се играат во толку краток период е пренапорно, особено за најдобрите играчи. Би било убаво и некоја фаза од турнирот да се игра по системот дома-гости, а не само на едно место. Што се однесува до бројот на турнирите, и тука имаме две варијанти. Подобрите тенисери, кои постигнуваат поголеми резултати, сакаат да има пократка сезона, но послаборангираните, кои и почесто губат во рана фаза, сакаат поголем број турнири, каде што повеќе ќе можат да заработат и со тоа ќе имаат повеќе шанси да го подобрат својот ранг. Завршниот мастерс-турнир има одличен формат и тука не би менувал ништо. Идејата и послаборангираните да добијат поголем финансиски дел е одлична, со што и оние над 200. место на листата ќе дојдат до поголеми средства, со што, пак, ќе им се олесни финансирањето на нивните настапи – вели Маринковиќ.