Бугарите со политички уцени се обидуваат да ја фалсификуваат и лингвистичката наука, тврдат експертите / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со формулацијата „официјален јазик според Уставот“, македонскиот јазик се ограничува само на стандардниот македонски јазик, кој е нормиран во 1944 година и се зборува само во државата Македонија. Бугарија настојува да докаже дека на македонскиот јазик му е дадено само политички да постои. Односно тие со ваквата формулација пледираат на двојазичноста во Македонија и намалениот суверенитет и интегритет на македонскиот јазик. Опасна е таквата редуктивна формулација, пред сѐ зашто македонскиот јазик е интегративната спојка на македонскиот национален идентитет, како и на историскиот развој на македонскиот народ, вели историчарката Наташа Котлар

Формализирањето на ветото за преговарачката рамка за Македонија, од страна на Бугарија, на состанокот на министрите на ЕУ, во вторникот, на 17 ноември, барем декларативно не ги згасна надежите на европските дипломати, пред сѐ на германското претседателство со ЕУ, до крајот на годинава да се прават дипломатски напори за одржување на првата меѓувладина конференција со што би започнале македонските преговори за членство во ЕУ. Германскиот министер за Европа, Михаил Рот, во неколку наврати апелираше билатералните спорови да не се проблематизираат на ниво на услов во преговарачкиот процес, но Бугарија не отстапи од своите позиции на уцена, па бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, објавувајќи го ветото, таксативно наведе три услови што очекува да ги исполни Македонија, доколку сака да ја добие нивната согласност за преговарачката рамка.
– Тоа се три главни работи. Придржување кон формулата за јазикот од 1999 година, која беше потврдена и во 2017 година. Патоказ за спроведување на договорот, што треба да се набљудува во текот на целиот преговарачки процес и експлицитен текст дека во никаква форма нема да се поддржуваат претензии за македонското малцинство – категорично наведе Захариева.
Пред официјализирањето на ветото за Македонија, Бугарија спроведе жестока кампања пред ЕУ за целосно компромитирање на македонските евроинтеграции, изнесувајќи максималистички тези и барања за бугарските корени на македонскиот јазик и заедничка историја, која секако е бугарска. Според тие максималистички позиции изнесени во бугарскиот објаснувачки меморандум до земјите-членки на Унијата, пред два месеца, може да се добие впечаток дека бугарската страна ретерирала во нејзините дезинтегративни намери за македонизмот во сегашните услови што ги презентираше Захариева пред министерскиот совет на ЕУ во вторникот. Но во навидум „коректното“ барање за „придржување кон формулата за јазикот од 1999 година, која беше потврдена и во 2017 година“, е содржана голема стапица, која значи етапно демонтирање на суштината на постоењето на македонската нација, преку целосна ерозија на македонскиот јазик.

Захариева, всушност, се повикува на формулацијата во техничката забелешка од Заедничката декларација меѓу Македонија и Бугарија од 1999 година, во која се вели дека таа обострано е потпишана во „два оригинални примерока, секој од нив на официјалните јазици на двете земји – бугарски јазик во согласност со Уставот на Република Бугарија и македонски јазик, во согласност со Уставот на Република Македонија, при што двата текста имаат еднаква важност“.
Според македонските историчари и лингвисти, со инсистирањето на Бугарија за формулацијата „официјален јазик според Уставот“ во документите на ЕУ, смислено се пледира на целосна ерозија на интегритетот на македонскиот јазик.
– Во барањето за таквата формулација на македонскиот јазик, како еден од бугарските услови за кои инсистираат да влезат во нашата преговарачка рамка со ЕУ, замаскирана е намерата за сведување на македонскиот јазик на бугарски дијалект, како што тие често наведуваат. Притоа, таквите намери се засновани на фактот дека со изгласувањето на Законот за употреба на јазиците во македонското собрание, практично беше дерогиран државотворниот документ на АСНОМ, со кој македонскиот јазик се прогласува за службен јазик на македонската држава, која е матица за историскиот и културниот развој на Македонците што живеат во соседните држави. Со тој Закон за употреба на јазиците, во политичка функција се става уште еден јазик, кој добива и државноправни прерогативи.

Па со формулацијата „официјален јазик според Уставот“, Бугарија утре може да се повикува само на албанскиот јазик, кој тие не го проблематизираат. Покрај тоа, со оваа формулација, македонскиот јазик се ограничува само на стандардниот македонски јазик, кој е нормиран во 1944 година и се зборува само во државата Македонија. Бугарија настојува да докаже дека на македонскиот јазик му е дадено само политички да постои. Односно тие со ваквата формулација пледираат на двојазичноста во Македонија и намалениот интегритет на македонскиот јазик. Опасна е таквата редуктивна формулација, пред сѐ зашто македонскиот јазик е интегративната спојка на македонскиот национален идентитет, како и на историскиот развој на македонскиот народ – вели историчарката Наташа Котлар.
Во сличен контекст размислува и професорката од Институтот за македонски јазик, Елка Јачева-Улчар, која предупредува дека со сведувањето на македонскиот јазик на „официјален според Уставот“, всушност се откажуваме од целиот историски и творечки развој на јазикот до 1945 година.
– Таквата формулација може евентуално да го „покрие“ стандардниот македонски јазик, кој е официјален на територијата на македонската држава, но не ги исклучува неговите дијалекти, кои се говорат и во соседните држави, надвор од границите на државата Македонија. Секако, дијалектите имплицираат на постоење македонско малцинство во соседните држави, што се чини е најболната и најконтроверзна точка во двата добрососедски договори, и со Бугарија, но и со Грција. Освен „бришењето“ на дијалектите, бараната формулација за „официјален јазик“ и временски го ограничува постоењето на македонскиот јазик, од периодот на неговата кодификација од 1944 година. Тоа значи дека просторно и временски ги исклучува постоењето и историјата на македонскиот јазик. Сликовито кажано, тоа значи дека се откажуваме од Кирил и Методиј, па до сѐ што е напишано на македонски јазик и сета литература до тој период. Тоа никако не смееме да го дозволиме – вели Елка Јачева-Улчар.

Освен тоа, професорката Јачева-Улчар кажува дека во својата уценувачка аргументација Бугарија прави фалсификати на лингвистичките докажани теории.
– Во славистичката наука одамна е прифатена теоријата на Ватрослав Облак, од 19 век, дека старословенскиот јазик потекнува од македонските говори во околината на Солун. И она што е најиндикативно, Облак своите истражувања и докази ги изнесува во дело што се нарекува „Македонски студии“, а не бугарски. Денес, Бугарите со политички уцени се обидуваат да ја фалсификуваат и лингвистичката наука – тврди Јачева-Улчар.


Македонецу, радоста твоја!

По повод последните случувања, до нашиот весник пристигнаа голем број коментари и мислења на читателите. Еден таков краток но емотивен напис пренесуваме во целост

Македонецу, радоста твоја уште поголема при нас постана, бидејќи сподели кое срце сакаше да го прозбори, мечти за слобода признаена искажа, громови во дела незамолкливи се претворија. Не забележувај на неукоста која битисување во плашливост најде, не забележувај на зборови искажани од дворски шутеви и, еве, не те храбриме или утешуваме глава твоја високо да стои, туку ти благодариме што мисли удомени раширени по сите вселени. И затоа ти, кој слобода на мисла имаш, со име Македонец се нарекуваш.

Една Македонка