Проектот „Перцепции“, кој ќе биде претставен во текот на оваа и наредната година низ регионот на Западен Балкан, во соработка со Британскиот совет, опфаќа дела на најпознатите современи британски уметници, како што се Трејси Емин и Сара Лукас, како и дела на локални уметници. Поставката, која се состои од пет изложби што ќе бидат поставени во текот на 2019 година во Нови Сад, Приштина, Бања Лука и во Скопје, во посебен фокус ги има делата на жени уметници
Со изложбата „Зошто нема големи машки уметници?“, отворена во црногорската галерија на уметност „Миодраг Дадо Џуриќ“ во Цетиње, почнува проектот „Перцепции“, кој ќе биде претставен во текот на оваа и наредната година низ регионот на Западен Балкан, во соработка со Британскиот совет, а опфаќа дела на најпознатите современи британски уметници, како што се Трејси Емин и Сара Лукас, како и дела на локални уметници. Поставката, која се состои од пет изложби што ќе бидат поставени во текот на 2019 година и во Нови Сад, Приштина, Бања Лука и во Скопје, во посебен фокус ги има делата на жени уметници.
Изложбата „Зошто нема големи машки уметници?“ опфаќа 24 дела на 14 британски уметници од колекцијата на Британскиот совет, заедно со седум дела на локални уметници, а ние ќе можеме да ја видиме во Музејот на современата уметност во Скопје, од 12 јуни до 12 септември 2019 година.
На изложбата учествуваат британските уметници: Абигејл Лејн, Антеа Хамилтон, Камила Лов, Силиа Хемптон, Клер Странд, Елизабет Прајс, Џилиан Веринг, Хелен Чедвик, Лора Олдриџ, Лубаина Химид, Сара Лукас и Трејси Емин и др. Кустостката на изложбата „Зошто нема големи машки уметници?“ на единствен начин ја третира темата на родовата застапеност во колекциите.
Од потресниот гоблен на Трејси Емин, „Нешто не е во ред“, кој го руши традиционалниот женски акт, преку духовити фотографии, автопортрет на Сара Лукас со пржени јајца и риба, до разиграни скулптури на ногавиците на Хамилтон, изложбата ја претставува иновативната моќ на жените уметници.
Иновативноста е очигледна и кај уметниците од регионот, на црногорската изложба тоа се мрежестите најлонски чорапи развлечени по сликите во делото „Јас е некој друг“, сликите, скулптурите и текстовите во „Измешани сеќавања“ на Јелена Томашевиќ и потрошената кутија со лекови на Адријана Гвозденовиќ.
Темата на изложбите ја осмислија кустоси на петте музеи во кои ќе бидат прикажани овие дела.
Проектот „Перцепции“ се надградува на неодамнешната серија изложби од колекцијата на Британскиот совет на Западен Балкан, на која беа претставени делата на Хенри Мур, Демијан Хрст и Грејсон Пери.